Историски масакр во два чина, или: која историја (уште) ќе ја менуваат?

Како и да ја вртите искажаната од Радев формулација, таа значи – токму тоа! Свесен ли е докторон за тоа, или оној „меѓународнион“ шарлатан, или веќе смешнана заменик претседателка и целиот Ивршен одбор…? Кога некому, а особено на бугарија, буквално ќе му седнете в скут со таква дозвола, тогаш следи историски, јазичен, идентитетски, национален… масакр! Односно – вториот чин во трагедијата.

112

Веројатно на секој разумен човек му е повеќе од јасно дека државата денес е исправена пред можеби најопасните предизвици во поновата историја – пред општа културна војна со непредвидливи далекусежни последици. Воведот, или прологот, на тој предизвик започна уште во онаа 1991 година со „спорот за името“, а првиот чин заврши во јуни 2018 година со она фрапантно „на слепо“ и апсолутно неморално коцкање со уставното име на државата, во тој миг признаено од 140 држави во светот, вклучувајќи ги и САД, Русија, Кина итн.! Не само спротивно на ставот на мнозинството граѓани кои отворено искажуваа несогласување и револт туку и заради фактот што тогашната власт беше наивно злоупотребена и изманипулирана околу ветувањето за започнување на пристапните преговори со еу (малите букви се…) веднаш по промената на уставното име! И скандалозно лажеше и го премолчуваше тој факт, потоа страотно перфидно манипулирајќи и со „референдумското“ прашање (за што подробно и аргументирано пишуваше Д. Апасиев) итн.

Не треба да се заборави дека заради сето тоа, опозицијата (сегашна власт) не даде парламентарна поддршка на „Преспанскиот договор“, но еден нејзин дел – во моментов неважно како и зошто – сепак на тогашната власт (сега опозиција) ѝ обезбеди двотретинско мнозинство за изгласување на уставните амандмани!






Денес ситуацијата како да е многу слична: тогашната власт – денес опозиција – не само што воопшто не е кооперативна во однос на вкупната надворешна политика, туку прави сѐ – дури и најнеочекувани лупинзи – да ја отежне меѓународната положба на власта поради нејзиното спротивставување на политиката на уцени од страна на источниот сосед и еу! Но и многу, многу различна: тогашните аргументи на опозицијата (сега власт) беа/се неспоредливо поцврсти, појасни, поддржани од голем дел од јавноста и граѓаните, но и од видни личности од меѓународната јавност. Што не е случај со опозициското иритантно инаетење и крајно сомнителното подметнување и манипулирање со необјаснивата флоскула „Бугари во Уставот“.

Сепак, некој ќе рече дека е тоа нејзино право, дека таа треба да се држи до сопствените политички убедувања (коишто, за жал, јавноста не може да ги види!) и очекувањата на нејзините гласачи (коишто се во огромно малцинство!) итн. Меѓутоа, тоа нејзино „право“, па и „политичко“ убедување, апсолутно се релативизира во ситуации како денешната во државата. Зашто овде веќе не станува збор за едни или други „политики“, туку за суштинскиот опстанок на државата и нејзината историја, јазик, култура и идентитет, наспроти обидите на опозицијата за релативизација на тие нешта и барањето за итна промена на Уставот во насоката на ветото на источниот сосед и еу. Без објаснувања, без гаранции, безусловно, наспроти сите аргументирани предупредувања од компетентни поединци во државата и вон неа… !

Секој кој ќе ги употреби зборовите неразумна, неука, скандалозно недржавничка… лекомисленост со елементи на длабоко предавство би бил во право. Поинакви зборови би биле перверзно прикривање на суштината.

Зошто? Затоа што, како што веќе пишував, одамна не станува збор за детински забавишни игри за тоа кој е посилен или може подалеку да скокне. Актуелниот премиер и доскорешен претседател на бугарија (малите букви се…) јасно и гласно порачува: „Нашата позиција е дека не треба да внесуваме наследени политички и историски проблеми внатре во европското семејство. Верувајте дека ќе продолжиме да стоиме зад ова позиција“!

Оттука, ако „посилната“ страна (како што некои наши празноглави „мудреци“ сакаат да ја претставуваат бугарија) нема намера да внесува во пристапниот процес „наследени политички и историски проблеми“, знае ли некој во македонската опозиција (или во прв ред во онаа секта што ја глуми некогашниот СДСМ) на што се однесува тоа? Или тоа нив не ги интересира? Ако е тоа така, а така изгледа, зарем нивната глупост, ароганција, незнаење и незаинтересираност за судбината на државата треба да ја турне истата во неизвесен процес на преиспитување на целата историја на Македонија? И б’лгарски индоктринирани историци да ни држат лекции кои сме, што сме, какви сме, од кога сме…?

Зашто, како и да ја вртите искажаната од Радев формулација, таа значи – токму тоа! Свесен ли е докторон за тоа, или оној „меѓународнион“ шарлатан, или веќе смешнана заменик претседателка и целиот Ивршен одбор…? Кога некому, а особено на бугарија, буквално ќе му седнете в скут со таква дозвола, тогаш следи историски, јазичен, идентитетски, национален… масакр! Односно – вториот чин во трагедијата.

Или, поинаку поставено: не е ли основен политички ред опозицијата конечно да се изјасни дали со прифаќањето на уцената „Бугари во Устав“ и т.н. „француска рамка“ за почеток на пристапните преговори едновремено ја прифаќаат и „заедничката историја“ и разрешување на оние „наследени политички и историски проблеми“ што се вртат во главата на Радев и бугарските ултранационалисти? Зашто тој процес нема да биде уште една домашна политикантска манипулација како „Преспанскиот договор“. Тоа ќе биде комплетен историски масакр на македонското право на сопствена историја, на саможртвата на оние национални револуционерни дејци, ќе биде черечење на македонскиот јазик како „блгарски дијалект“ (што неодамна, повторно, го слушнавме во Софија!), ќе претставува целосно откажување од македонските корени и национални проблесоци… итн.

Или Филипче и неговата булумента не мислат така? Во ред, и тоа е, во крајна линија, нечие право, но никој од нив, ама баш ниту еден, уште помалку некој од онаа клиентелистичка сурија што се влече зад нив, не кажал како инаку го замислуваат тој процес? Или мислат дека оние од онаа страна на границата ќе демонстрираат витешка милост наместо да им го пресечат вратот? Е па ако до денес не ги разбрале источните претензии, никогаш нема да ги разберат.

Но, повторно, а со цел да придобијат дел од граѓаните односно гласачкото тело на своја страна, некој од таа секташка булумента мора јавно да одговори на сите овие прашања. И на многу дури. А ќе ги има, богами, илјадници.

Или мислат дека онаа ултранационалистичка орда од другата страна на границата ќе им дозволи „историческо надхитряне“? Зарем може да се толку наивни?!

П.С.

Се разбира, она „уште“ во насловот се однесува на идиотското „согледување“ на некаква општинска организација на сектана од Свети Николе дека злостортствата на бугарскиот фашистички окупатор, како оној масакр на младинци во Ваташа, „не се вршени на национална основа (…) туку е тоа период на идеолошка војна помеѓу поддржувачите на комунистичкото и партизанското движење од една страна и врховисти, усташи, балисти и четници од друга страна“. И токму на вакви скандалозни „мудрувања“ на коекакви токмаци од таа секта што веќе утре можат да ни се случат мислам погоре. Каде ли живеат тие луѓе, во кој свет, и што наместо сива материја имаат во главите?

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини