🎥 КИНА ПРЕТСТАВИ АВТОНОМНА РИБА-РОБОТ ЗА ПОДВОДЕН НАДЗОР Тешко се разликува од вистинска риба

Роботот не мора да следи однапред програмирана траса. Неговите сензори ги регистрираат пречките околу него, по што системот самостојно ја менува насоката на движење. Истата кинеска компанија веќе развива и поголеми подводни роботи во форма на ајкули и други морски животни.

0

Кина претстави необичен подводен робот во форма на риба, кој со своето движење речиси не се разликува од вистинско животно. Моделот BG-5 „Golden Dragon Fish“ беше демонстриран на Кинескиот меѓународен саем за трговија со услуги (CIFTIS) во Пекинг.

Роботот го разви кинеската компанија „Бојагонгдао марин текнолоџи груп“ (Boyagongdao Marine Technology Group), а неговиот изглед е инспириран од златната арована.






Наместо класичен пропелер, BG-5 се движи со помош на флексибилна опашка со повеќе зглобови, која го имитира начинот на кој вистинската риба се движи низ водата. Системот може самостојно да се движи низ водата и да избегнува пречки.

Според информациите од кинеските медиуми, роботот не мора да следи однапред програмирана траса. Неговите сензори ги регистрираат пречките околу него, по што системот самостојно ја менува насоката на движење.

BG-5 е долг околу 64 сантиметри, широк 20,4 сантиметри и тежок околу три килограми. Максималната работна длабочина му е пет метри, а може да достигне брзина од околу 0,6 метри во секунда.

Токму поради реалистичниот изглед и тивкото движење, ваквите биомиметички роботи имаат потенцијална примена во подводно набљудување, инспекција и извидување.

Иако BG-5 беше претставен како технолошка иновација, развојот на вакви системи во Кина привлекува внимание и поради можната безбедносна и воена примена. Кинеската компанија веќе развива и поголеми подводни роботи во форма на ајкули и други морски животни.

Роботската риба беше една од атракциите на годинашниот CIFTIS во пекиншкиот комплекс „Шоуганг парк“, каде посетителите можеа да ја видат како плива во базен, речиси неразликувајќи се од вистинска риба.

Поврзани содржини