ПЕТГОДИШНОТО ДЕТЕ ПОВРЕДЕНО КАЈ РАШЧЕ Е СТАБИЛНО Лекарите очекуваат наскоро пуштање на домашно лекување
Со два дрона се трага по возачот на „аудито“ што вчера падна во Вардар, а од возилото беа извлечени три женски тела.
Детето кое беше повредено во сообраќајната несреќа синоќа кај Рашче, очекувам наскоро да биде пуштено на домашно лекување, изјави попладнево за МИА, директорот на Детска хирурија во Скопје, Лазо Јовчески.
– Детето е во стабилна општа состојба, не е витално загрозено. Од денеска се наоѓа на оддел, значи не е повеќе на интензивна нега. Очекувам наскоро да биде пуштено на домашно лекување. Вчера имаше интензивен мониторинг, денеска контролни по протокол, биохемиски параметри за споредба, стабилно е, мислам дека сѐ ќе се разреши поволно за детето, кое има пет години – нагласи за МИА, директорот на Детска хирургија.
Јавното обвинителство утрово соопшти дека заедно со автомобилот, од водите на Вардар синоќа биле извадени три починати женски лица, за кои била издадена наредба за обдукција.
Екипи на СВР Скопје и Одделот за специјални полициски операции со физичко пребарување и пребарување со два дрона од страна на САЕ Тигар и Единицата за брзо распоредување преземаат мерки и активности за пронаоѓање на лицето, кое го управувало возилото „ауди“ што вчера падна во водите на Вардар откако излетало на локалниот пат за село Рашче.