МЕЃУ УАПСЕНИТЕ И ГАЗДАТА НА „САНТЕ ПЛУС“ ПО КОГО ИМА ПОТЕРНИЦА ОД АЛБАНИЈА Контроверзниот Билал Кара бил почесен конзул на Македонија во Турција
Според извори блиски на истрагата, пронајдена и уапсена е и Гериана Арапи, поранешна директорка на болницата „Санте Плус“.
Меѓу уапсените во вчерашната акција на МВР, за злоупотреби на пари од Фондот за здравство, е и сопственикот на приватната очна болница „Санте Плус“, Билал Кара, за кого Албанија лани распиша потерница, дознава „Фокус“ од извори упатени во истрагата Според истите извори, пронајдена и уапсена е и Гериана Арапи, поранешна директорка на болницата.
Кара и Арапи биле сосопственици на приватната клиника „Интернешнл Медикер“ во Тирана, која е дел од групацијата „Санте Плус“. Албанската полиција во септември лани ја блокираше клиниката во операцијата „Биланци“, а двајцата сосопственици ги прогласи за барани лица. Според соопштението на албанската полиција, преку нефискализирани фактури било утврдено даночно затајување од над еден милион евра во периодот 2024–2025 година. При претресите биле пронајдени 27 вида лекови за кои постоело сомневање дека се со истечен рок, како и нефискализирани уплатници и компјутери. Во клиниката работеле и петмина неосигурени работници.
Кара, кој е еден од сопствениците на Клиниката „Интернешнл Медикер“, сегашна „Санте Плус“ пред три години беше именуван за почесен конзул на Македонија во Република Турција, со седиште во Измир.
Заедно со другите 7 уапсени во акцијата на МВР, Кара е спроведен во Кривичниот суд и изведен пред судија на претходна постапка. Во истрагата се опфатени и други вработени во очната болница, како и поранешни и актуелни вработени во ФЗО, кои имале контролни и раководни функции. Покрената е кривична пријава против вкупно 11 лица.
Според истрагата, на пациентите, покрај законската партиципација, наводно им била наплаќана и приватна цена за операциите. Притоа, според пријавата, не им било соопштено дека услугите биле наплатувани и од Фондот. Се проценува дека биле оштетени од 3.000 до 4.000 пациенти.
Во истрагата, опфатени се и двајца поранешни директори на Фондот, меѓу кои и Ден Дончев. Тие се сомничат дека во 2020 година, со претставник на приватната здравствена установа склучиле договор спротивно на пропишаните процедури и интерните акти на Фондот. Токму со овој договор бил овозможен механизмот за двојна наплата на здравствените услуги, смета истрагата.
Директорот на Секторот за контрола се сомничи дека не ги доставувал извештаите за утврдените неправилности до надлежната комисија и ги одложувал редовните контроли.
Две раководителки на сектор, пак, се сомничат дека не ја следеле наплатата на веќе изречените казни и не ги известувале надлежните служби, поради што исплатите кон болницата продолжувале без пребивање на долговите
Според кривичната пријава, штетата за Фондот за здравствено осигурување се проценува на 104.818.754 денари, односно околу 1,7 милиони евра. Болницата се сомничи дека остварила противправна корист од дополнителни околу 4,25 милиони евра.