БРАНИТЕЛИТЕ НИКОГАШ НЕ СЕ ЗАБОРАВААТ Откриена бистата на Игор Драганов во Долно Лисиче кој загина за Македонија

Градоначалникот Муцунски во своето обраќање потенцираше дека бистата ќе биде вечен спомен кон незаборавот на Игор и едно од малкуте дела на почит што општината и државата му ги должат на човекот кој загина бранејќи ја Македонија.

236

На свечен настан кој се одржа во Долно Лисиче, денес и официјално беше откриена спомен бистата посветена на Игор Драганов, сограѓанин од Аеродром кој херојски загина во одбрана на Македонија пред 16 години. На настанот присуствуваа градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски, претседателот на советот, Дејан Митески, како и претставници на советот и на општината. Станува збор за спомен обележје изработено и поставено од страна на општината, а на иницијатива на семејството на Игор.

Градоначалникот Муцунски во своето обраќање потенцираше дека бистата ќе биде вечен спомен кон незаборавот на Игор и едно од малкуте дела на почит што општината и државата му ги должат на човекот кој загина бранејќи ја Македонија.






– Сите ние сме свесни за фактот дека овој споменик нема да ја намали болката на семејството или да ја надомести загубата за државата и неговите блиски, но ова треба да биде вечниот спомен кој никогаш нема бледнее и каде ќе се потсетуваме на храброста на човекот кој со својот херојски чин стана дел од бранителите на државата и со тоа  доби место помеѓу најсилните, најхрабрите и најпочитуваните – потенцираше Муцунски во обраќањето.

На настанот свое обраќање имаа и претставници на Министерството за внатрешни работи, Здружението на загинати бранители и членови на семејството на Игор Драганов. По неговото завршување делегациите положија свежо цвеќе, а од страна на учениците од ПОУ „Гоце Делчев“ беше изведен пригоден рецитал.

Денешното откривање на спомен бистата е уште една потврда дека Општина Аеродром не го заборава придонесот за бранителите на Македонија и понатаму, согласно законските прописи ќе презема активности нивниот придонес за државата да биде соодветно испочитуван.

Поврзани содржини