ГРУБИ БАРА ИСТРАГА ЗА ИНЦИДЕНТОТ ВО ЧАИР Осудуваме секакво пукање, ДУИ сака мирна кампања
„Имаме најдобра понуда, најдобра кампања, најдобри бројки во анкетите и не ни се потребни инцидентни ситуации. И ова е веќе пренесно на сите претседатели на ограноци, шефови на општински штабови“, вели вицепремиерот Артан Груби.
Вицепремиерот Артан Груби денеска го осуди пукањето од огнено оружје на отворањето на изборниот штаб на ДУИ во Чаир, настан на кој и тој присуствувал и побара истражните органи да спроведат истрага за инцидентот.
Груби во изјава за Плусинфо вели дека до сите претседатели на ограноци, шефови на општински штабови на ДУИ е испратена порака за мирна и достоинствена кампања.
– Апсолутно осудуваме секакво пукање не само на митинзи, туку било каде и истражните органи треба да спроведат истрага.
На секој митинг апелираме за достоинствена кампања и впрочем нашата 20 годишна историја на организирање избори кога сме ги предводеле институциите покажува дека тие биле примерни – вели Груби.
ДУИ, како што вели тој, се залага за мирна кампања, каде што ќе ги презентира проектите за секоја општина.
– Имаме најдобра понуда, најдобра кампања, најдобри бројки во анкетите и не ни се потребни инцидентни ситуации. И ова е веќе пренесно на сите претседатели на ограноци, шефови на општински штабови – вели Груби.
Министерството за внатрешни работи, како што вчера за Плусинфо потврди портпаролот Тони Ангеловски, веќе постапува по случајот и засега не може да се откријат детали за сторителот кој со пиштол пукал во воздух .
На собирот, освен вицепремиерот Груби, гости биле и актуелниот градоначалник и кандидат за втор мандат во Чаир, Висар Ганиу, пратеникот и потпретседател на ДУИ и ексградоначалник на општината, Изет Меџити, како и заменик-министерот за внатрешни работи Назим Буши.
Алијанса за Албанците побара Обвинителството веднаш да почне истрага за сторено кривично дело употреба на недозволено оружје на јавни настани, откако во медиумите беше објавено видео од настанот.
Истрага побара и премиерот Зоран Заев, кој наведе дека му рекол на министерот Оливер Спасовски да постапува по сите случаи за да не се повторуваат вакви инциденти.
– Без разлика за кого се работи, ова е недозволиво. Не знам која била намерата, ако некој мисли дека така привлекува гласови се лаже. Тоа одвраќа гласови. Демонстрацијата на сила, мускули и не знам што, па и пукање во воздух, е навистина недолично за земја аспирант за членство во ЕУ и на крај не е прагматично добро. Јас јавно му кажав и на министерот за внатрешни работи да се постапува по сите случаи, не ме интересира кој е, секој да си одговара, поради тоа што ова не смее да се повтори – изјави премиерот Заев.
Освен инцидентот во Чаир, кој се случи на 27 септември, во време кога пред симпатизерите на партијата говор држел пратеникот Изет Меџити, Алијанса за Албанците вчера откри дека имало пукање и на митинг на ДУИ во Желино.
– Освен пратениците и останати функционери, за време на последниот инцидент во Желино присутен беше и заменик министерот за правда, Агим Нухиу – тврди Алијанса за Албанците.
Партијата реагира и на уништувањето на предизборни материјали во Тетово, што, според Алијанса, исто така е аларм за институциите во земјата, а посебно на меѓународните заедници, на мисиите за набљудување и Европската Унија.
– Почнувајќи од првите три дена на предизборната кампања, актуелниот режим со оружје и вандализам има намера да ја наштети предизборната кампања. Ние се соочуваме со противници кои што не знаат што претставуваат демократски и цивилизирани избори, но ова се нивните последни клоци – порачува Алијанса за Албанците.