Пандемијата со ковид-19 предизвика епидемија на разводи, ова се најчестите причини за развод во последната година

Статистиката вели дека голем дел од брачните другари се развеле поради недоволната комуникација еден кон друг, различните воспитувања на децата, како и поради тешките финансиски услови, беспарицата, нерешените станбени проблеми, но и поради неверство и семејно насилство.

1,676

Во третиот и во четвртиот квартал од минатата година е забележано значително зголемување на разводите во земјава, а како најчести причини поради што брачните парови се одлучувале да стават крај на својата врска е тоа што сфатиле дека не се познаваат доволно, но и поради тоа што ги загубиле емоциите еден кон друг.

Според статистичките податоци, најголем скок на разводите се бележи во периодите по олабавувањето на рестриктивните мерки и по завршувањето на карантините кои беа воедени поради заштита од коронавирусот. Статистиката вели дека голем дел од брачните другари се развеле и поради недоволната комуникација еден кон друг, различните воспитувања на децата, како и поради тешките финансиски услови, беспарицата, нерешените станбени проблеми, но и поради неверство и семејно насилство.

 

 






Во врска со падемијата и како таа влијаела на браковите поразговаравме со психологот Билјана Стојановска, советник по Интегративна и Гешталт психотерапија и основач и претседател на ЕСТЕЗИА-Центар за интегративен развој, советување и едукација.

– Секоја индивидуа реагира различно во ситуации на стрес. Новонастанатата ситуација на ненандејно прогласување пандемија и потоа сите мерки кои беа воведени побара од секого учење на нови начини на адаптација, но многумина се соочија со притисок поради ангажирање на личната енергија од секое ниво. Многумина се соочија и со реални загуби на работа, блиски лица итн. Факт е дека е очекувано на двајца да им е полесно отколку на еден, т.е. партнерската или брачната врска како систем би требало да овозможи поддршка на двете страни-партнерите еден на друг. Но, само доколку тој систем е стабилен и е воспоставена добра емоционална размена и комуникација. А за истите јас разграничувам три услови: физичка стабилност и близина, емотивна стабилност-размена на емоции и психичка поврзаност-свесност за личните потреби и потребите на партнерот, што резултира со рамнотежа помеѓу грижата за себе и грижата за другиот – вели психолог Стојановска.

Таа објаснува дека многу партнерски врски се соочија со физичко одвојување и неможност за физичко споделување на заедничкото време. Од друга страна, додава Стојановска, партнерите кои живеат заедно, можеа појасно да откријат колку реално се поврзани со партнерот/партнерката, поради поголем дел од времето кој одеднаш го поминуваа заедно дома.

– Така дојдоа до преиспитување на другите два аспекти кои ги спомнав: емотивна и психичка поврзаност и размена. Генерално, стравот и очекувањата се во позадина. Изминатата година често причината за која се обраќаа клиентите беа различни проблеми во заедничкото функционирање во една партнерска или брачна врска. Поголем беше процентот на жени кои се обраќаа за психолошка поддршка и советување за општо чувство на депресивно расположение и незадоволство од животот, додека чувството на неразбирање и невозвраќање на емоциите од страна на партнерот беа подеднакво присутни кај двата пола од оние клиенти со кои бев јас во контакт. Постепено доаѓавме до причините, а тие беа најчесто во начинот на комуникација, изразување на личните потреби и перцепцијата на нееднаквост во емоционалната размена, односно чувство дека едниот вложува повеќе во врската. Се забележа нееднаквост во поделба на одговорностите или потешкотии во зајакнување на една од улогите во семејниот систем. Поточно, се забележа дека некогаш улогата на брачен партнер е многу повеќе прифатена од улогата на родител или обратно. Чувството на љубомора е во пораст, како и чувството на помала вредност и намалувањето на самодовербата. За ова причините се различни: еден од партнерите останал без работа, еден од партнерите работи од дома, а другиот оди физички на работа, потоа мајки кои работат од дома, а истовремено се грижат и за децата кои следат настава, додека татковцитте одат физички на работа или обратно итн – ни објасни Стојановска.

Таа истакнува дека најголем проблем од психолошки аспект се забележал кај младите мајки, кои се соочија и со страв за здравјето на себе и на детето и со домашните обврски и со ограничувањата од физички социјални контакти и можноста да си овозможат грижа за себе и време за себе.

– Помислата за развод беше споделена најчесто од нив, но и од оние кои по втор пат станале мајки, т.е. едното дете следи дома онлајн настава, другото е мало и бара поголема грижа, домашните обврски зголемени, намалена поддршката од возрасните членови на семејството, поради превенција од корона вирусот, а партнерот работи и социјалните контакти со пријатели или роднини прекинати или сведени на минимум, повторно поради мерките за време на пандемијата и стравот. Реално тоа е голем притисок, па се појавуваат поголеми потреби и очекувања, кои дотогаш можеби не биле изразени и од друга страна проблеми во изразувањето и меѓусебното разбирање поради дотогаш неизразени вербално некои ставови, цели, емоции, потоа дотогаш нејасно препознаени карактерни стилови и стилови на контактирање итн – вели Стојановска.

На прашањето што таа најчесто им препорачува на партнерите да ги надминат овие проблеми и да го сочуваат бракот, Стојановска вели дека постојат посебни вежби за партнери.

– Јас најчесто препорачувам вежби за партнери, кои во основата имаат за цел подобрување на комуникацијата преку „јас пораки“ (тргнувајќи од сопствените чувства и лична одговорност, без напаѓање на личноста на другиот) и изразување на потребите. Секогаш ја препорачувам грижата за себе и нагласувам дека тоа не е себичност, заеднички наоѓаме начини од тоа што е реално можно да се направи, а начини има многу. Потоа, поделба на одговорностите околу грижата за децата и домаќинството. Паралелно работиме на симптомите на анксиозност, панични напади, депресија, како и потсетување на позитивните карактеристики на партнерот и правење листа на позитивни и негативни страни кај себе и кај партнерот, а потоа согледување за тоа што и колку е прифатливо, што е реално, што е проектирано итн. Има многу начини и според мене секој треба да работи на себе и личниот развој, на преиспитување на личните граници, потреби и цели, потоа со вклучување на партнерот/партнерката и на границите и вредностите на семејниот систем. Јас го нарекувам тоа, освестување за секој дел од  „јас-ти-ние“, нивно диференцирање и интегрирање – објасни Стојановска.

Во текот на изминатата 2020 година, во споредба со 2019, значително е забележан пад на склучените бракови.

Како што е веќе познато лани, како и во моментов, многу од објектите за огранизирање на свадбени веселби не работат, но и жива музика е забранета во рестораните, како дел од рестриктивните мерки за спречување на падемијата со ковид-19.

Сите оние кои во изминатата 2020 година сакаа да случат брак, тоа можеа да го сторат под строги протоколи во матичните служби и само во присутство на младенците и двајцата сведоци.

Се препоставува дека токму поради овие причини и неизвесноста со коронавирусот во земјата, многу од паровите се одлучиле своето судбоносно „да“ да го кажат во некои подобри времиња.

Поврзани содржини