Ова се најдобрите лекови против ковид-19 што се тестираат во светот, вакцините во развој и терапиите за поддршка

6,220

Повеќе од 200 различни програми за развој на вакцини и за терапии за лекување на болните од ковид-19 се во тек. Светски познати фармацевски компании и истражувачи се ангажирани во борбата против пандемијата. Блумберг направи список и анализа на сите овие продукти.

АНТИВИРУСНИ ЛЕКОВИ






Овие лекови дејствуваат на тој начин што го спречуваат вирусот да ги реплицира заразените клетки. Специфичен таков лек за ковид-19 не постои, па се тестираат лекови за маларија, за ХИВ, за хепатитис Ц, за грип итн. Ова се водечките медикаменти од таа област:

Ремдесивир (од Gilead Sciences Inc)

Првите проби покажуваат дека пациентите заболени од ковид-19, кои се на третман со експерименталниот лек ремдесивир, закрепнуваат брзо, а повеќето од нив си одат дома за неколку денови. Како што веќе објави Си-Ен-Ен, Gilead го спонзорира тестирањето на лекот на 2.400 пациенти со тешки симптоми во 152 студии ширум светот. Исто така, се испитува како делува овој лек и врз 1.600 пациенти со средно тешки симоптоми во 169 болници во светот. Резултатите од овие истражувања се очекуваат до крајот на масецов.

Хидроксихлороквин и хлороквин (од Teva Pharmaceutical Industries Ltd., Sanofi, Mylan NV, Natco Pharma Ltd., Novartis AG, Bayer AG и други компании)

Претседателот Доналд Трамп го протежираше овој лек, покрај ограничените проби. Додека пробите и клиничките студии се вршат во повеќе земји (лекот се тестира и кај нас, во Македонија и како што изјави министерот Венко Филипче, дава резултати), побарувачката расте, бидејќи овој медикамент се користи и за други болести, како лупус. Две студии, на Дјук Универзитетот и на Универзитетот во Вашингтон, би можеле да бидат готови во мај. Постои загриженост за безбедноста на лекот, а Франција извести за 43 срцеви инциденти поврзани со него. Но, исто така има и извештаи за делотворноста на овој лек во комбинација со антибиотикот азитромицин,

Фавипиравир или „Авиган“ (од FujiFilm Holdings Corp. од Јапонија)

Плусинфо детално пишуваше и за овој лек, а министерот Филипче ја извести јавноста дека Владата испратила барање до јапонската влада, која лекот го дели како донација во повеќе држави во светот. Една студија во март, со 80 пациенти, покажала дека лекот е делотворен, пишува Блумберг. Лекот веќе се користи во Турција, Бугарија, Чешка и во дваесеттина други земји во светот.

Крвна плазма од ковалесценти (TAK-888 од Takeda Pharmaceutical Co.)

И за овој лек кај нас е пишувано, а здравствените власти во Македонија тврдат дека Клиниката за трансфузиологија може да произведе ваква плазма. Гигантот Takeda утврди дека крвната плазма од излечени пациенти содржи антитела кои можат да се борат со инфекцијата и таа може да им се дава на болните од ковид-19 како лек.

ВАКЦИНИ

Вакцината против ковид-19 треба да обезбеди широко распространет имунитет против вирусот. Ќе биде потребни извесно време да се добие вакцина, бидејќи истражувачите треба да бидат сигурни дека таа е безбедна, пред да ја тестираат врз здрави луѓе. Според Светската здравствена организација, во моментов се работи на 70 вакцини. Ова се најветивачките:

mRNA-1273 (од Moderna Inc.)

Националниот институт за алергии и инфективни болести, дел од Националниот институт за здравје во САД, проучува вакцина на 55 пациенти и набрзо, кон крајот на мај или во јуни, може да се очекуваат првите резултати. На 16 април компанијата најави дека ќе добие 483 милиони долари од владата на САД за развој на вакцината.

Неименувана вакцина од Johnson & Johnson

Гигантот J&J планира да почне проби со луѓе во септември и ако пробите бидат успешни, да произведе 1 милијарда дози. Компанијата најави дека нејзините вакцини ќе бидат спремни за итна употреба до јануари. Таа има договор со Одделението на владата на САД за биомедицински истражувања (BARDA) вреден 1 милијарда долари.

INO-4800 (од Inovio Pharmaceuticals Inc. од Кина)

Inovio ги почна своите истражувања за вакцина рано во почетокот на април, а поголема студија се очекува до крајот на годината.

BNT162 (од германски BioNtech и Pfizer)

Германската компанија во соработка со Pfizer од март годинава развиваат вакцина врз база на постоечка вакцина против грип. Клиничките тестирања треба да почнат во април.

l Ad5-nCoV (од CanSino Biologics Inc.)

Вакцината на CanSino се развива во војската на Кина. Првата студија за безбедноста на вакцината е завршена во април. Компанијата најави дека набрзо ќе спроведе поголема студија за да ја докаже и ефикасноста на вакцината.

NVX-CoV2373 (од Novavax)

Оваа компанија во април избра кандидати за тестирање, откако утврди силен имунолошки одговор кај нејзиниот производ при тестирање на животни. Првото тестирање со 130 луѓе се очекува во средината на мај, а првите прелиминарни резултати во јули.

ТЕРАПИИ ЗА ПОДДРШКА

Терапиите за поддршка им помагаат на пациентите заболени од ковид-19 да се справат со последиците на болеста, како што се тешкотиите при дишењето и силниот воспалителен одговор на телото. Овие лекови ја дополнуваат терапијата за ковид-19. Еве ги најпознатите:

Кевзара (од Regeneron Pharmaceuticals Inc. и Sanofi)

Ова е лек против воспалението. Докажан е кај ревматидниот артритис и може да им помогне на тешко болните пациенти со респиратнорни проблеми. Regeneron и Sanofi почнаа студија во САД со 400 пациенти, а резултатите би можеле да бидат познати до крајот на април. Се очекуваат и други студии, надвор од САД.

Ацтемра, сама или во комбинација со Авиган (од Roche Holding AG, Chugai Pharmaceutical Co.)

Ацтемра исто така е познат лек против артритис. Roche, во соработка со FDA (Американската агенција за примена на храна и лекови) и со BARDA, во април почна со проби со 300 хоспитализирани пациенти од ковид-19 со тежок облик на пневмонија.

НАПОМЕНА: Плусинфо веќе објави голем број написи повеќетио од лековите и терапиите кои се спомнуваат во анализата на Блумберг. Целта на тие написи, како и на пренесувањето на оваа анализа, е да се поттикнат пред се луѓето од медицината и од науката поопсежно да се информираат за новитетите во светот. Како и текстовите на Плусинфо, така и линкуваната изворна анализа на Блумберг, содржи линкови до сите производители и за сите наведени лекови, терапии и клинички студии и тестирања.

Поврзани содржини