МАЛИТЕ СИПАНИЦИ СЕ ЗАКАНА, ИЈЗ БАРА ПОГОЛЕМА ПРЕТПАЗЛИВОСТ Апел до сите што ја пропуштиле МРП вакцината

Поради недоволниот опфат со МРП вакцинација во земјава и регистрираните случаи на мали сипаници во соседните држави, Институтот за јавно здравје ги повикува родителите да проверат дали децата ги примиле двете дози и да ја надоместат пропуштената вакцина.

0

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) ги повика родителите да го проверат вакциналниот статус на своите деца и да се погрижат да ги примат двете дози од МРП вакцината, поради недоволниот опфат со имунизација во земјава и регистрираните случаи на мали сипаници во дел од соседните држави.

Од Институтот предупредуваат дека актуелната епидемиолошка состојба наметнува потреба од зголемена претпазливост и навремено преземање превентивни мерки.






– Имајќи го предвид сè уште недоволниот опфат со МРП вакцината во нашата земја, како и актуелната епидемиолошка состојба и регистрираните случаи на мали сипаници во дел од соседните земји, укажуваме на потребата од зголемена претпазливост и навремено преземање превентивни мерки – наведуваат од ИЈЗ во објава на официјалниот профил на „Фејсбук“.

Оттаму потсетуваат дека МРП вакцината штити од три заразни болести – мали сипаници, рубеола и паротит, односно заушки, и дека вакцинацијата е најефикасната мерка за спречување на нивното ширење.

Особено важно е децата да ги примат двете дози согласно националниот Календар за имунизација. Лицата кои ја пропуштиле вакцинацијата треба да го проверат својот вакцинален статус и да ја надоместат пропуштената доза.

– Вакцинацијата е најефикасната мерка за заштита од мали сипаници и за спречување на нивното ширење во заедницата. Особено е важно децата да ги примат двете дози на МРП вакцината согласно календарот за имунизација, а лицата кои ја пропуштиле вакцинацијата да го проверат својот вакцинален статус и да ја надоместат пропуштената доза – порачуваат од Институтот.

Од ИЈЗ нагласуваат дека со навремената имунизација не се штити само здравјето на детето и неговото семејство, туку и здравјето на целата заедница.

– Заштитата на секое дете е важна. Со навремена вакцинација ги штитиме не само сопственото здравје и здравјето на нашите најблиски, туку и целата заедница – наведуваат од Институтот.

ИЈЗ ги повикува сите граѓани да не ја одложуваат вакцинацијата и да се обратат до најблискиот вакцинален пункт за проверка на вакциналниот статус, примање на пропуштената доза и дополнителни информации.

Поврзани содржини