5 РИЗИЧНИ ЗАТВОРЕНИЦИ ГИ ВОЗЕЛЕ ДО ДОМА И ПРИВРЕМЕНО ГИ ОСЛОБОДУВАЛЕ, 11 ГИ ПУШТИЛЕ ДА ИЗБЕГААТ Истрага за 10 затворски полицајци од „Шутка“

Постои основано сомнение дека осомничените како соизвршители сториле кривично дело Противзаконито ослободување на лице лишено од слобода и кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување. Првоосомничениот и десетоосомничениот сториле и кривично дело Овозможување бегство на лице лишено од слобода, соопшто Јавното обвинителство.

753

Јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција постапувајќи по кривичната пријава поднесена од Одделот за внатрешна контрола при МВР до судијата на претходна постапка при Основениот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерки на претпазливост спрема 10 лица вработени во КПУ Затвор Скопје, соопшти Јавното обвинителство.

Постои основано сомнение дека осомничените како соизвршители сториле кривично дело Противзаконито ослободување на лице лишено од слобода и кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување. Првоосомничениот и десетоосомничениот сториле и кривично дело Овозможување бегство на лице лишено од слобода.






„Првосомничениот, злоупотребувајќи ја својата службена должност на директор на установата, во период од март до јули 2024 година, со намера да им овозможи корист, односно противзаконска поволност на петмина осуденици и привремено да ги ослободи, дозволил и наредил осудените, кои биле од висок безбедносен ризик, во повеќе наврати да добијат и да се стекнат со поволности што согласно судските одлуки не им следувале. Постапувајќи спротивно на одредбите на законските и подзаконски акти за спровод на осудени лица, биле издавани наредби со кои се дозволило осудените лица да бидат спроведени до нивните домови и до други локации за приватни потреби, иако во Постапката за спроведување вон установа јасно е наведено дека спроведувањето на лица лишени од слобода од казнено поправната установа се спроведува единствено до суд, здравствена установа или до друг орган“, соопшти Обвинителството.

Ваквото противзаконско спроведување, се додава, се вршело така што осудените лица доставувале молба до првоосомничениот кој со факсимил или потпис ги одобрувал молбите на осудените повремено да го напуштат затворот.

„Врз основа на потписот третопријавениот, командир на затворска полиција, кој бил задолжен за спровод, иако знаел дека таквиот вид на спровод е спротивен на закон и на процедурите, изготвувал наредба за спровод на осудените лица. Во неколку наврати тоа го сторил второосомничениот, затворски полицаец и личен возач на директорот. Одобрените наредби третоосомничениот ги предавал на останатите осомничени затворски полицајци, кои, иако знаеле дека таков спровод на осудено лице е спротивен на законот и на процедурите, го извршувале користејќи службени возила и службено гориво на установата. Тие ги носеле осудените до определените места, ослободувајќи ги да извршуваат приватни работи, а по 8 до 10 часа ги враќале назад во затворот. За извршената наредба на дел од осомничените затворски полицајци првоосомничениот им одобрувал прекувремени работни часови. Со ваквите противзаконски дејствија била предизвикана штета на Буџетот на Македонија, за сметка на мала имотна корист за петмината осомничени“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

Десетоосомничениот пак, како затворски полицаец, непреземајќи должни мерки и активности при утврдување на бројна состојба на осудени лица, постапил спротивно на одредбите од Правилникот за затворската полиција, додава ЈО.

„Тој при вршење физички проверки за бројната состојба на затворените лица не пријавил дека одредена група на осудени лица сместени во импровизирани простории не се присутни, туку напротив, констатирал дека нема отсутни. Така, при ненајавен вонреден надзор од страна на Управата за извршување на санкции, било констатирано дека недостасуваат 11 осудени лица, а истите не биле пријавени дека не се присутни. Со непреземање на дејствија што му биле во надлежност, осомничениот сторил кривично дело Овозможување бегство на лице лишено од слобода. За истото дело е осомничен и тогашниот директор на затворот, кој бил должен да преземе соодветни мерки во однос на просториите во кои биле сместени осудените лица, а кои не ги исполнувале законските услови. Со непреземање на дејствија и активности им овозможил на осудените лица да бидат сместени во импровизираните простории без посебен надзор како што налага Законот за извршување на санкции, со што создал и овозможил услови кои што довеле до нивно бегство“, соопшти ЈО.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка, ценејќи ги околностите, а заради непречено водење на кривичната постапка и обезбедување присуство, поднесе предлог за мерки на претпазливост за обезбедување присуство на осомничените и тоа: забрана за напуштање на живеалиштето, обврска на осомничените да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, како и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница. ЈО предложи и мерки забрана за воспоставување, односно одржување контакти на осомничените во оваа постапка, како и забрана за преземање определени работни активности – затворски полицаец, а кои се поврзани со кривичното дело.

 

Поврзани содржини