ПОД ЗАКАНА Е ГЛАВНАТА ВРАТА НА СВЕТСКАТА ТРГОВИЈА Катар предупредува на катастрофа ако Хутите го затворат Баб ел-Мандеб

Светот веќе доволно страда поради затворањето на Ормускиот Теснец, не можеме да си дозволиме на тоа да го додадеме и затворањето на Баб ел-Мандеб. Последиците ќе бидат катастрофални, изјави Ибрахим ал Хашми, претставник на катарското Министерство за надворешни работи.

4

Катар денеска предупреди дека евентуалното затворање на поморскиот проток Баб ел Мандеб, по неговото преземање од страна на јеменските бунтовници Хути, би имало катастрофални последици за светската економија.

– Светот веќе доволно страда поради затворањето на Ормускиот Теснец, не можеме да си дозволиме на тоа да го додадеме и затворањето на Баб ел-Мандеб. Последиците ќе бидат катастрофални – изјави Ибрахим ал Хашми, претставник на катарското Министерство за надворешни работи.

Поради тоа Катар упатува итен повик за решавање на кризата преку дипломатија и дијалог.

Предупредувањето од Катар доаѓа во исклучително чувствителен момент. Во последните денови јеменските Хути, кои се поддржани од Иран, направија голем територијален пробив долж јеменскиот брег на Црвеното Море. Тие ја презедоа контролата врз стратешкиот пристанишен град Моха, стигнаа до островот Перим, кој се наоѓа практично во самиот теснец Баб ел Мандеб, а потоа зазедоа и делови од Ханишкиот архипелаг. Со тоа Хутите се многу поблиску до способноста физички да го контролираат или сериозно да го попречуваат сообраќајот низ оваа стратешка точка.

Баб ел Мандеб е тесниот морски премин меѓу Јемен и Африка, кој го поврзува Аденскиот Залив со Црвеното Море, преку кое понатаму се стигнува до Суецкиот Канал и до Медитеранот. Тоа е една од главните морски рути меѓу Азија и Европа. Ако бродовите не можат безбедно да поминуваат низ Баб ел Мандеб, алтернативата е огромен заобиколен пат околу Ртот Добра Надеж во Јужна Африка, што значи илјадници дополнителни километри пловидба и многу повисоки транспортни трошоци.

Во исто време, со месеци трае нарушувањето на пловидбата низ Ормускиот Теснец, каде што конфликтот меѓу Иран и САД драматично го намали поморскиот сообраќај.

Локалната војна во Јемен може многу брзо да стане глобален економски проблем. Саудиска Арабија веќе е под силен притисок. Хутите извршија напади врз саудиска инфраструктура, а затворен е саудискиот нафтовод Исток–Запад по напад со дронови. Овој нафтовод е особено важен затоа што претставува алтернативен излез за саудиската нафта кога Ормус е загрозен.

Евентуалното затворање на Баб ел Мандеб би удрило во три клучни точки одеднаш – енергијата, транспортот и синџирите на снабдување. Нафтата би поскапела поради стравот од недостиг и поскапи транспортни рути. Контејнерскиот транспорт меѓу Азија и Европа би морал да се пренасочува околу Африка. Тоа би значело поскапа стока, повисоки цени на гориво и дополнителен инфлаторен притисок. А ако истовремено остане нарушен и Ормус, шокот би бил значително поголем. Во последните денови цената на нафтата веќе се движи над 100 долари за барел.

Хутите тврдат дека немаат намера да ја затворат целата меѓународна пловидба. Нивни претставници велат дека навигацијата низ Црвеното Море и Баб ел Мандеб е безбедна за меѓународните бродови, со исклучок на саудиските бродови, кои се под нивна блокада. Но, токму тука лежи проблемот: дури и ако Хутите не прогласат формална блокада, самата можност да нападнат бродови или да го контролираат пристапот до теснецот може да биде доволна компаниите да избегнуваат минување низ него. Тоа веќе се случува со дел од бродските оператори.

СВЕТСКА КРИЗА НА ПОВИДОК ОТКАКО САУДИСКА АРАБИЈА ГО ЗАТВОРИ КЛУЧНИОТ НАФТОВОД ПОРАДИ НАПАД Ријад сардисан од сите страни

Поврзани содржини