ЗА 67% ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА ПРИЈАВЕНИ СЛУЧАИ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО Тошковски порача да не се дозволи насилството од дома да се пресели во клупите

Во периодот од 1 јануари до 28 мај оваа година се регистрирани 768 кривични дела поврзани со семејно насилство, наспроти 460 во истиот период минатата година, што претставува зголемување од 67 проценти.

21

Податоците со кои располага Министерството за внатрешни работи укажуваат на сериозен раст и на семејното и на врсничкото насилство. Изложеноста на насилство во домот претставува еден од најзначајните ризик-фактори за подоцнежно агресивно однесување кај децата и младите.

– Во периодот од 1 јануари до 28 мај оваа година се регистрирани 768 кривични дела поврзани со семејно насилство, наспроти 460 во истиот период минатата година, што претставува зголемување од 67 проценти. Само во првите две недели од јуни регистрирани се уште 89 нови кривични дела од оваа област – истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој денеска учествуваше на настан по повод почетокот на проектот „Прекинување на циклусот на насилство – системска превенција на семејно и врсничко насилство преку образовниот систем“, организиран во Владата на Република Северна Македонија.






Тој посочи дека Министерството за внатрешни работи реагира брзо и одлучно во случаите на семејно насилство, при што годинава се поднесени 601 кривична пријава, а мерки на кривичен прогон се преземени против 609 лица.

Тошковски посочи дека повеќето од кривичните дела се однесуваат на телесна повреда при семејно насилство – 483, како и загрозување на сигурноста – 257, при што во овој период се регистрирани и четири убиства, едно убиство во обид и седум тешки телесни повреди.

– Во многу од овие случаи стои дете, кое е сведок на насилство во својот сопствен дом – нагласи Тошковски додавајќи дека ваквата изложеност е еден од најсилните ризик-фактори за подоцнежна агресија.

Тошковски укажа и на пораст на врсничкото насилство, со 93 регистрирани инциденти годинава наспроти 81 минатата година, евидентирани во 64 училишта.

– Поднесени се 46 кривични пријави и три известувања до Основното јавно обвинителство за вкупно 52 кривични дела против 92 сторители – информира Тошковски додавајќи дека пријавите се зголемени за 18 проценти, бројот на сторители за 16,5 отсто, а кривичните дела за 10,6 проценти. Особено загрижува фактот што насилството врз деца е повеќе од двојно зголемено, а кривичното дело силување на дете под 15 години е регистрирано шест пати, наспроти еден случај во истиот период минатата година. Ова се податоци кои не смеат да останат без реакција – нагласи Тошковски.

Министерот истакна дека кривично-правната реакција е неопходна, но дека долгорочно решение може да се постигне само преку навремена превенција, рано препознавање на ризиците и координирана институционална акција.

Тој ја нагласи важноста од размената на информации меѓу полицијата, училиштата и центрите за социјална работа, со цел навремено препознавање на децата кои се изложени на насилство и спречување на понатамошни негативни последици.

Министерството за внатрешни работи целосно ја поддржува изработката на унифициран протокол за постапување при сомнеж за насилство и ќе продолжи со континуирани обуки на полициските службеници за рано препознавање на знаците на семејно насилство, особено кога жртви или сведоци се деца.

На настанот учествуваа и министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани и претставници на стручната јавност, меѓу кои и Комората на психолози.

Поврзани содржини