ВУЧИЌ ГО РАСПУШТИ СОБРАНИЕТО И РАСПИША ИЗБОРИ Граѓаните на Србија ќе гласаат на 25 ооктомври
Образложувајќи ја одлуката, Вучиќ рече дека вонредните избори не биле неопходни во овој момент, но поради политичките тензии во земјата решил да ги распише.
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска го распушти Народното собрание на Србија и распиша вонредни парламентарни избори за 25 октомври 2026 година. Премиерот Ѓуро Мацут предложи распуштање на Собранието на седницата на Владата на 7 септември, што Владата го прифати на седница. Тоа беше неопходна законска постапка, за да може Вучиќ да распише избори.
Вучиќ денеска точно на пладне ги потпиша и објави двете одлуки – указот за распуштање на Собранието и одлуката за распишување на изборите. Ова ќе бидaт 15-ти по ред избори од воведувањето на повеќепартискиот систем во Србија и 11-ти вонредни.
Образложувајќи ја одлуката, Вучиќ рече дека вонредните избори не биле неопходни во овој момент, но поради политичките тензии во земјата решил да ги распише.
– Сите знаете дека ние сме домаќини на ЕКСПО од 15 мај 2027 година. Дали изборите во овој момент ни беа неопходни, имајќи предвид дека Собранието од претходниот состав беше конституирано во декември 2023 година? Да немаше вакви тензии, вакви политички ризици, несогласувања и судири, секако дека немаше да бидат потребни. Секое одложување би го загрозило и ЕКСПО, би рекол, но и опстанокот на демократијата како најдобра форма на политички режим во нашата земја. Затоа сметав дека ова е момент во кој сè уште можеме да се подготвуваме и да работиме, а потоа, по донесувањето на одлуката на изборите за тоа кој во ваше име ќе ја управува Владата на Република Србија, односно нашата земја во наредниот период – рече Вучиќ.
Претходно, Главниот одбор на Српската напредна странка (СНС) едногласно одлучи Александар Вучиќ да биде носител на листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ и кандидат на партијата за иден премиер.
Се очекува ова да бидат едни од најнеизвесните избори во Србија. На спротивната страна најсериозен предизвикувач е студентското движење, создадено во политичката криза што следуваше по уривањето на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, при што загинаа 16 луѓе. Студентските протести прераснаа во пошироко антивладино движење, со барања за утврдување одговорност, борба против корупцијата и подобро функционирање на институциите. Студентите соопштија дека нивната изборна листа со 250 кандидати е подготвена со месеци, но имињата ќе ги објават по официјалното распишување на изборите.
Третиот сегмент на изборната сцена го сочинуваат традиционалните опозициски партии, а нивната стратегија сè уште не е целосно дефинирана. Партијата на слободата и правдата на Драган Ѓилас разговара за моделот на настап, додека околу Народното движење на Србија се групираат Ново лице Србије и Еколошки устанак.
Анкетите во моментов не дозволуваат сигурна прогноза за победникот. Најновото теренско истражување на Faktor Plus, спроведено во август и септември на примерок од 1.200 испитаници, на СНС му дава 47,2 проценти од определените гласачи, а на студентската листа 31,5 проценти.
Други истражувања, пак, даваат сосема поинаква слика. CRTA и Democracy Action Lab на Универзитетот Стенфорд во истражување спроведено од 10 до 24 јуни, лице в лице со 2.324 полнолетни граѓани, утврдија дека меѓу определените гласачи студентската листа има 44,9 проценти, СНС 35,7, а СПС 3,8 проценти. Затоа анкетите треба да се читаат со голема претпазливост. Разликите меѓу нив се преголеми за да се објаснат само со статистичката грешка.