СРБИЈА Ѝ ПОРАЧА НА БОСНА ДЕКА НЕ ПРИФАЌА СЕЛЕКТИВНА ПРАВДА Министерот за надворешни Ѓуриќ остро му одговори на Конаковиќ
Србија нема да прифати морални лекции од оние кои упорно одбиваат да си го погледнат минатото во очи, му порача министерот за надворешни работи на Србија, Марко Ѓуриќ, на босанскиот колега Елмедин Конаковиќ
Министерот за надворешни работи на Србија, Марко Ѓуриќ, остро му одговори на босанскиот колега Елмедин Конаковиќ, кој најави дека ќе испрати писма до меѓународната заедница и ќе повлече вработени од Амбасадата во Србија, како и дека нема да има разговори за економска соработка со соседната земја, поради однесувањето на Србија по смртта на осудениот Ратко Младиќ и денешниот погреб во Белград.
„Лицемерието и недостатокот на срам на Елмедин Конаковиќ немаат граници: морални лекции на Србија и на Александар Вучиќ им дава човек кој политички пораснал во партија и во средина која со години го славеше Расим Делиќ, кој беше правосилно осуден за злосторства извршени врз заробени Срби од страна на членовите на одредот „Ел Муџахид“, како и други лица кои убиваа, колеа и угнетуваа српски народ“, објави Ѓуриќ на Фејсбук.
Тој рече дека претседателот Вучиќ отишол во Сребреница кога требало, се поклонил пред жртвите и подал рака за помирување, само за да биде линчуван таму и речиси убиен од разбеснета толпа заслепена од омраза кон Србите.
„До денес никој не одговараше за тој напад. Ова најдобро покажува кој бил подготвен да го ризикува сопствениот живот заради помирувањето, а кој ги користи туѓите жртви за евтини политички пресметки. Тие се толку заслепени од омраза што сè уште го гледаат духот на Александар Вучиќ дури и таму каде што денес го нема. Тие многу добро знаат дека тој е најдобриот заштитник на српските интереси, затоа го напаѓаат“ рече тој.
Наместо да труе и да навредува, додаде, Конаковиќ прво треба да ги каже имињата на српските жртви, да ги осуди злосторствата извршени врз нив и да објасни зошто осудените команданти сè уште се слават во Сараево.
„Конаковиќ и други како него се најголемите противници на какво било вистинско помирување: тие бараат од Србите да се откажат од секоја жртва, молчат за своите злосторства и ги прогласуваат своите осуденици за херои. Србија нема да прифати ниту селективна правда ниту морални лекции од оние кои упорно одбиваат да си го погледнат минатото во очи“, порача министерот за надворешни работи на Србија.