СВЕДОЦИТЕ ОПИШУВААТ РЕАЛНА СЛИКА НА ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНИ, САМО НЕМА КОЈ ДА ГИ СЛУШНЕ Гледа ли Јавниот обвинител дека процесот тапка во место?

Нема веќе бегање од прашањето дали некој сепак решил да манипулира со жртвите и со јавноста и да го прифати ризикот судењето за „Пулс“ да се претвори во долготрајна и исцрпувачка постапка, којашто со години ќе се движи по истата траса и нема да донесе правда. Што уште му е потребно на Јавниот обвинител, за да ја спречи хаваријата на процесот?

2

Судењето за пожарoт во дискотеката „Пулс“ во Кочани влегува во фаза во која не само стручната јавност, туку и сите луѓе кои го следат процесот конечно ќе се уверат дека тој тапка во место. Новите сведочења не ја потврдуваат теоријата на „верижна одговорност“ која доминира во обвинението, ниту посочуваат на некоја суштински нова линија на одговорност. Наместо тоа, сведоците упорно сведочат за истите конкретни и видливи пропусти кои доведоа до трагедијата.

Обвинението за трагедијата е подигнато против 35 физички и 3 правни лица. Ова е еден од најобемните предмети во историјата на македонското правосудство. За да го задоволи притисокот на јавноста убедена дека трагедијата е последица на „системска“ грешка, Обвинителството состави долга обвинителна клупа, со намера да го убеди судот дека освен поединечна, сите обвинети меѓу себе се поврзани со линија на колективна одговорност, која опфаќа период долг неверојатни 12 години.

Обвинителството во невозможна мисија

Уште пред да се промовира обвинението, насетувајќи каква „стратегија“ ќе избере Јавното обвинителство, а и во текот на целиот период од почетокот на судењето до денес, упорно анализираме и докажуваме зошто тој замислен потфат е невозможна мисија. Како што процесот, од рочиште до рочиште, се движи кон слепа улица, на сите им станува јасно дека мора прецизно да се персонализира и да се разграничи вината на секој поединец. На сите им е јасно тоа, освен, се чини, на Обвинителството.

Од почетокот на судењето, сведоците сведочат за логични теми кои реално ја дефинираат одговорноста за трагедијата: кој пуштал малолетници во дискотеката, кој дозволувал употреба на пиротехника, зошто излезите не биле функционални и како е можно полициската контрола да не ја прекине забавата. Сведоците се менуваат, се менуваат и нивните позиции и улоги, но фокусот на нивните искази останува речиси ист. Колку повеќе се повторуваат истите поединечни сведочења, толку повеќе тие конструираат сет од докази и реална слика за тоа што се случувало во дискотеката на смртта.

И логично, засега упорното игнорирање на потребата темелно да се ревидира обвинението, води кон клучното прашање: дали процесот се движи кон расчистување на прашањето одговорноста, или, можеби, некој решил да манипулира и да го прифати ризикот судењето да се претвори во долготрајна и исцрпувачка постапка, којашто со години ќе се движи по истата траса и нема да донесе правда.

Веројатно не е добро медиумите да поставуваат вакво чувствително прашање, но таа дилема се наметнува во јавниот дискурс и од неа нема бегање. Дотолку повеќе што директно се засегнати неколку стотици лица: семејствата на 63 жртви, околу 200 повредени, обвинетите и нивните семејства, обвинители, бранители, адвокати кои се борат за отштети и уште многу други.

Сведоштвата на Ана Захариева и на Теа Ѓорѓиева даваат реална слика на трагедијата

И исказите на сведоците на рочиштата во неделава што изминува го отворија прашањето на одржливоста на конструкцијата во обвинителниот акт.

Сведочењето на Ана Захариева, на пример, дадено на рочиштето од 20 април, не донесе нова насока во процесот, туку ја потврди веќе формираната слика за случувањата во „Пулс“. Таа посочи дека во објектот имало малолетници, дека непосредно пред пожарот имало полициска рација која не довела до прекин на забавата, дека вториот излез бил затворен и дека употребата на пиротехнички прскалки била вообичаена пракса во овој објект. Сами по себе, овие наводи се тешки, но нивната тежина е уште поголема, затоа што не се појавуваат за првпат.

Сведочењето на Теа Ѓорѓиева дополнително ја зацврсти истата линија, но со уште поконкретен опис на самиот момент на избувнување на пожарот. Таа сведочеше дека пиротехничките средства не биле поставени од почетокот на настанот, туку дополнително, околу 1 часот по полноќ, додека гостите веќе биле внатре и дека биле поставени премногу блиску до публиката. Теа наведе дека додека снимала со мобилен телефон, по околу една минута, забележала искри и плафонот почнал да гори, а огнот тргнал од горниот дел на објектот. Дополнително, таа сведочеше дека во првите моменти никој не ја сфатил сериозноста на ситуацијата, и покрај тоа што бендот повикал на излез, по што следувала паника, турканица и заглавување кај излезот.

Овие наводи директно се надоврзуваат на сведочењето на Захариева. Таму каде што едната зборува за условите во кои се одвивала вечерта, другата ја опишува самата динамика на пожарот. Но, суштината е иста. Пиротехниката не се појавува како изолиран момент, туку како пракса. Просторот станува ограничен, додека реакцијата задоцнета.

Токму тоа е и највпечатливото во досегашниот тек на постапката. Различни сведоци, во различни рочишта, опишуваат речиси идентични околности: пиротехника во затворен простор, преполн објект, ограничено движење, отсуство на јасно насочување во моментите на паника и продолжување на активностите и покрај присуство на контрола. Не се менува суштината, туку само аголот од кој повторно се гледа истата трагедија.

Во сведочењето од рочиштето на 20 април, покрај наводите за организацијата на инспекциските служби, остана во втор план еден важен дел од исказите на сведоците. Тие појаснија дека општинските инспектори немаат надлежност за контрола на угостителски објекти, иако во дел од медиумите акцентот беше ставен исклучиво на тоа дека немало раководители на инспекциските служби. Дополнително, беше посочено дека во општините не постојат противпожарни инспектори, бидејќи тие контроли ги вршат државни инспекциски органи, што значи дека дел од суштинските надлежности воопшто не се наоѓале на локално ниво.

Дали Јавниот обвинител лично ќе ја преземе одговорноста за евентуална хаварија на процесот?

Во повеќе искази досега се повторува и фактот дека пиротехниката била дел од вообичаената атмосфера на ваквите настани во „Пулс“, а не исклучок. Кога на тоа ќе се додадат наводите за преполнетиот простор во објектот, за отежнатото движење и за сцените на заглавување и стампедо што ги опиша Теа Ѓорѓиева, сликата станува уште појасна.

Оттука, суштината на судењето не е во тоа дали сведоците ќе изнесат нови информации за одговорноста за трагедијата. Се гледа дека тоа нема да се случи. Суштината е во тоа што сведоците – внимавајте, ова се сведоци на Обвинителството! – континуирано ги потврдуваат истите околности, некогаш и спротивни на очекувањата и на тврдењата на тој што ги повикал да сведочат. Секое ново рочиште додава уште една потврда за веќе кажаното, уште еден глас што ја повторува истата вистина за одговорноста за трагедијата. Во таква динамика, процесот не се движи преку откривање на непознатото, туку преку зацврстување на познатото.

И што уште му е потребно на Јавниот обвинител за да ја спречи хаваријата на процесот? Дали тој смета дека овој пристап и оваа „стратегија“ во Обвинителството навистина води кон ефикасна завршница на процесот и до правда? Ако е убеден во тоа, дали утре тој, по силата на хиерархиската поставеност на овој орган, лично ќе ја преземе одговорноста за евентуалната, а сè поверојатна хаварија на процесот?

Поврзани содржини