СЛУЧАЈОТ „МАЗУТ“ НА ВЕШТАЧКО ДИШЕЊЕ Штета и дело нема, ама сите се наострени да „горат“ обвинителите Коларевиќ и Абази, а можеби и Савески
Случајот „Мазут“ почна, а изгледа и ќе заврши како рашомонијада. Обвинителството го „запали“ со тврдење дека набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“ во екот на пандемијата било криминал и дека целата вредност на набавката, 167 милиони евра, била штета. Обвинителката Коларевиќ го „изгаси“ случајот, откако се уверила дека нема докази. Веста ги затекна политичките кругови и јавноста во време кога сите чекаат новиот јавен обвинител Ненад Савески да почне да вади предмети од фиока и да апси, а не да запира истраги. Правните застапници на лицата опфатени со истрагата за „Мазут“ за Плусинфо ги изложија своите аргументи и фактите за овој случај - за штета и за кривично дело што, според нив, едноставно, не постојат.
Додека чекаме Вишoто јавно обвинителство да се изјасни за приговорот од страна на АД ЕСМ на Наредбата на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) за запирање на истражната постапка за Ратко Капушевски, Ерџан Сулковски и за Асмир Јаховски во случајот „Мазут“, правните застапници на лицата под истрага бараат начин на јавноста да и ги обелоденат своите аргументи и факти. Во нормални околности, би се сметало дека фактите веќе се утврдени, а клучен е дека неколку ополномоштени претставници на АД ЕСМ во текот на истрагата не предјавиле штета. Сепак, спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, кои велат дека доколку оштетениот еднаш се откаже од оштетното побарување во текот на постапката истото натаму веќе не може да го предјавува, АД ЕСМ сега се обидува да се стекне со статус на оштетен, бидејќи некој „пресметал“ дека само на тој начин случајот „Мазут“ може да оживее. Што би се рекло, со вештачко дишење…
Основна причина за оваа збрка е незадоволството во политичките кругови и во јавноста од досегашните резултати на новиот јавен обвинител Ненад Савески. Веднаш по доаѓањето „на власт“, тој се пофали дека ќе вади од фиока скриени предмети, но после два месеца молк, го затекна одлуката на јавната обвинителка Катерина Коларевиќ да го затвори случајот „Мазут“. Таа одлука предизвика политички земјотрес и јавен револт, а вниманието се насочи и кон Ислам Абази, кого Савески го остави на шефовското место во ОЈО ГОКК, нешто што во принцип се смета за почетничка грешка.
Преседан во овој случај е тоа што целата сума за јавната набавка на мазут за потребите на ТЕЦ „Неготино“ во екот на пандемијата (2021 и 2022 година), сума од неверојатни 167 милиони евра, во истрагата била третирана како штета. Како да не бил испорачан мазутот, како неготинската мазутара да не произвела ни еден киловатчас струја, како да бил мазутот фрлен во Вардар како „канцероген“… А и тоа се тврдеше во дел од медиумите. При тоа, се измешаа тогаш и медиумските лончиња, па остана нејасно како мазутот од ТЕЦ „Неготино“ шири канцер во цела Македонија, та и во Скопје.
Но, да се вратиме на аргументите на Капушевски, Сулковски и на Јаховски. Јавноста секојдневно ги слуша јавните повици за обновување на случајот „Мазут“, но осомничените исто така би требало да имаат еднаков пристап до медиумите. Затоа, без да судиме кој е во право а кој е во криво, без да делиме правда и неправда, во овој напис ќе ги изнесеме аргументите на осомничените, така како што биле изложени и во текот на истрагата.
Кој и зошто реши да се купи мазут и да се активира ТЕЦ „Неготино“?
Приказната почнува на 9 ноември 2021 година. Тој ден Владата со одлука прогласува кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија, која понатаму во два наврати ќе биде продолжувана до април 2023 година. Кризната состојба е прогласена како резултат на големите нарушувања во функционирањето на пазарот на електрична енергија, што предизвика висок пораст на цените на струјата во втората половина на 2021 година. Со цел да се остварат заштеди во буџетот, а и да се одржи социјалната стабилност во земјата, Владата одлучува да се рестартира ТЕЦ „Неготино“, централа која со години била чувана како „ладна резерва“. Оваа централа е на мазут, па во нормални услови нејзиното производство е економски неоправдано, бидејќи е скапо.
Некои велат дека таа одлука била голема грешка, дека можело да се набавува друг енергенс (јаглен, на пример) или да се извлече повеќе од хидроцентралите. Но, тоа е прашање за некоја друга дебата, можеби и за некоја друга истрага. Во случајов, Регулаторната комисија за енергетика во Годишниот извештај за работа во 2022 година констатира дека пуштањето во работа на ТЕЦ Неготино било економски оправдано, затоа што во оваа електрана цената на произведената струја од мазут била пониска од берзанските цени на електричната енергија во поголемиот дел од 2022 година.
АД ЕСМ не било обврзано да спроведе формална постапка согласно со Законот за јавни набавки, да објави оглас или да испрати покана за прибирање понуди, туку можело директно да стапи во деловен однос со конкретен лиценциран добавувач и да ја реализира набавката, согласно со принципите на добро управување, транспарентност, еднаков третман и рационално управување со јавните ресурси. Сепак, АД ЕСМ упатило покана до сите релевантни економски оператори кои поседуваат лиценца за трговија со нафтени деривати и така реално овозможило конкуренција помеѓу потенцијалните снабдувачи и обезбедило можност за доставување понуди под исти услови. Сослушаните претставници на економските оператори во текот на истрагата го потврдиле тоа и посочиле дека тие не одговориле на јавните повици, бидејќи динамиката на испораката во услови на енергетска криза била предизвик.
Економскиот оператор РКМ на Капушевски се јавил на повикот под исти услови како и сите други потенцијални добавувачи на мазут на пазарот и подоцна бил избран како најповолен понудувач. Имало и друга понуда, но била неприфатлива поради малите количини кои биле наведени во понудата. Ниту еден елемент од јавниот повик не упатува на тоа дека условите биле поставени на начин што би фаворизирал конкретен оператор или би ја ограничил конкуренцијата.
Зошто директорите на ЕСМ рекле дека „капа му симнуваат“ на Капушевски?
Лицата опфатени со истрагата се сомничеа дека свесно дале податоци за динамиката на испораката за мазутот за која однапред знаеле дека не можат да ја исполнат и дека не била исполнета предвидената динамика во текот на реализација на договорите меѓу РКМ и АД ЕСМ. Како спорно е испитувано и прашањето дали постоело калкулирање со испораката во поглед на дневно утврдените цени на мазутот. Ова од причина што согласно со договорите, цената на мазутот била одредувана во моментот на испорака, според критериумите на Регулаторната комисија за енергетика. Лицата опфатени со истрагата биле под сомнеж дека свесно некогаш доцнеле со испораката, за да постигнат повисока цена во моментот на испорака.
За овие дилеми, во текот на истрагата, биле сослушани тогашните директор и заменик директор за производство на АД ЕСМ, тројца претставници на ТЕЦ Неготино со полномошно од сегашниот директор на ТЕЦ Неготино и двајца претставници на АД ЕСМ со полномошно од сегашното раководство. Обвинителството наредило да се изврши и вештачење.
Од исказите на сите сослушани сведоци и претставници, како и од подготвеното вештачење, произлегло дека нема повреда на динамиката на испорака на мазутот, дека се одело според договореното и дека немало прекин на производството на електрична енергија во текот на целиот период поради недостиг од мазут. Имало прекини на производството, но тоа било од технички прекини, никогаш поради недостиг од мазут. Притоа, сослушаните претставници на АД ЕСМ и на ТЕЦ „Неготино“, на записник изнеле констатации дека „добавувањето и динамиката со РКМ се одвивала подобро, отколку со претходните добавувачи“ и дека „капа им симнуваат на РКМ заради доставата на мазутот“.
Дополнително, со вештачењето се утврдило дека немало калкулирање со испораката во поглед на дневно утврдените цени на мазутот.
Нема ниту еден документ и исказ со кој се утврдува постоење штета – ако нема штета, како може да има кривично дело?!
Во случајот „Мазут“, клучно е прашањето дали постои штета. Штетата е законски елемент на делото и без неа, не може да стане збор за постоење на кривичното дело. Во случајот, очигледно е дека штета во вредност од целокупниот износ на договорите меѓу РКМ и АД ЕСМ (167 милиони евра) – така како што е поставено во Наредбата за спроведување на истражна постапка – е невозможно да постои. Ова од причина што е неспорно дека мазутот е доставен и употребен за производство на струја.
Страната на осомничените тврди дека штета не може да постои и од една друга важна причина: просечна цена на производството на киловатчас со согорување на мазут во ТЕЦ „Неготино“ во тој период била околу 200 евра, додека цената на светската берза била некаде околу 300 евра, а имало периоди кога достигнувала и до 600 евра. Според едно друго вештачење, со активирањето на неготинската мазутара биле заштедени најмалку 24 милиони евра.
Најважно за осомничените е што не постои ниту еден интерен акт или одлука на АД ЕСМ со кои би се утврдило постоење штета од договорите со РКМ. Со годишните ревизорски извештаи на надворешната ревизија за спорниот период, не се утврдува постоење штета. Со вештачењето наредено од страна на обвинителството исто така не е утврдено постоење штета. Запрашани за постоење штета, претставниците на сегашното раководство на записник изјавиле дека нема штета од тие договори.
Никој не ги оспорил сертификатите на ОКТА, а мазутот сепак прогласен за „канцероген“
Останува да се разјаснат уште две битни прашања: сомничењата дека испорачаниот мазут бил неквалитетн и „канцероген“ и улогата на Асмир Јахоски од „Пуцко петрол“.
Повеќе од 90 отсто од мазутот што добавувачот РКМ му го испорачал на АД ЕСМ за ТЕЦ „Неготино“ бил набавен од ОКТА и потекнува од „Хеленик петролеум“. Увозник на овој мазут не е РКМ на Капушевски, туку ОКТА. Истиот мазут кој бил користен претходно, се користи и сега. Целокупната количина на мазут, која РКМ ја купувал и ја доставувал до ТЕЦ „Неготино“, согласно со договорите, била со сертификати за квалитет од производителите. Ова значи дека со издавање на сертификатот, компанијата која му го продавала мазутот на РКМ гарантирала за неговиот квалитет. А во ниту еден момент во текот на истрагата никој не ги довел под сомнение вистинитоста и автентичноста на овие сертификати.
Поради фактот што е утврдено дека не постои кривично дело кое би било извршено со склучувањето и извршувањето на договорите меѓу РКМ и АД ЕСМ, отпаѓа и кривичното дело Перење пари, како што е констатирано со Наредбата за спроведување на истражна постапка. Во таа Наредба се тврдело дека Ратко Капушевски и Ерџан Сулковски паричните средства кои ги примиле по основ на исплата за достава на мазутот ги пуштиле во промет и ги пренеле на друг, со цел да се прикрие потеклото. При тоа, од овие средства му исплатиле на Асмир Јаховски износ од 72 милиони денари, кој тие пари ги пренел на сметката на „Пуцко петрол“ како позајмица.
И да… А што бара Асмир Јаховски во приказната? Неговата фирма „Пуцко петрол“ нема лиценца за трговија со мазут. Јаховски, како помал акционер во ОКТА, имал можност да повлијае ОКТА да му продаде мазут на РКЕ на Капушевски. Такво нешто што во време на пандемијата воопшто не било лесно, поради фактот што и еден гигант како „Хеленик петролеум“ не можел со стопроцентна сигурност да гарантира за испораките. Јаховски ја искористил својата позиција и посредувал во зделката. А посредувањето во овој бизнис, нормално, се наплаќа. Зделката била склучена, сите страни ги исполниле своите обврски, мазутот стасал, ТЕЦ „Неготино“ произведувал струја по прифатлива цена, штети немало, а социјалниот мир бил сочуван.
Што би можеле сега друго да кажат одговорните од АД ЕСМ, компанијата којашто формално-правно го изгубила статусот на оштетена страна? Кои се тие шокантни докази што ги најавува министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и кои можат да означат пресврт?
Како и да е, правните застапници на лицата опфатени со досегашната истрага за случајот „Мазут“ се спремаат за тешка битка. Тие се убедени дека не постои начин овој случај да се добие на суд, но тоа сепак не значи дека не би можело, во некое кафкијанско сценарио, да се подигне обвинение, па „Мазут“ да се истури во судниците и таму да се влечка неколку години. Штетите од тоа, како и во многу други случаи кои порано беа нарекувани „високопрофилни“ и најавувани со голем ентузијазам и со уште поголема помпа, ќе ги плати државата. Или сепак има надеж случајот „Мазут“ да биде прописно реанимиран?