МАКЕДОНЦИТЕ – ШАМПИОНИ ВО ПОЛИТИЧКА НЕПОТКУПЛИВОСТ 80% не би смениле политички став за пари
Високи 78% од македонските испитаници одбиле да разгледаат парична компензација за воздржување од гласање на избори.
Дури 80% од македонските граѓани би одбиле за паричен надомест да потпишат петиција што е спротивна на нивните политички убедувања, што претставува највисок процент во Европа, а високи 78% од македонските испитаници одбиле да разгледаат парична компензација за воздржување од гласање на избори . Истовремено, друга анализа констатира дека 98% од онлајн коментарите насочени кон политичарите содржат елементи на омраза.
Ова само дел од наодите од двегодишното истражување на проектот Енкоде, презентирани во Скопје на настан организиран од Институтот за демократија „Социетас Цивилис” – Скопје. Истражувањето опфати шест европски држави – Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Данска, Полска и Македонија, а бихејвиоралниот експеримент за демократска отпорност беше спроведен врз вкупно 4.550 испитаници во четири од нив, од кои 581 во нашата држава, анкетирани во октомври 2025 пред локалните избори.
Ананд Муругесан од Универзитетот во Виена ги презентираше резултатите од бихејвиорален експеримент во кој учесниците биле прашани дали би прифатиле паричен надомест за да потпишат петиција спротивна на нивните политички убедувања.
Резултатот за Македонија е 80% одбивање, еден од највисоките проценти во истражувањето, над Италија (79%), Австрија (78%) и Данска (77%).
Посебно значаен е наодот за тоа како граѓаните ги перцепираат другите: македонските испитаници во просек процениле дека само 49% од нивните сограѓани би одбиле таква понуда, наспроти вистинските 80%. Ова покажува дека, испитаниците значително ги потценуваат демократските вредности на другите, иако самите тие ги бранат.
Во паралелен експеримент за правото на глас, високи 78% од македонските испитаници одбиле да разгледаат парична компензација за воздржување од гласање на избори.
„Рамнодушноста кон политиката е поголем демократски ризик од самата емоционалност”, истакнаа истражувачите. Граѓаните кои изразиле гнев, анксиозност или надеж биле значително помалку подготвени да ги монетизираат своите права, додека политички рамнодушните испитаници биле поотворени за таква можност.
Анализата на 120.000 објави и коментари на платформата Икс од Македонија, открива загрижувачка слика: 98% од коментарите насочени кон политичарите содржат елементи на омраза, а 82% содржат индикатори на гнев.
Анализата, исто така потенцира дека омразата не се зголемува само за време на изборни кампањи, таа е постојано присутна во македонскиот онлајн политички простор во текот на целата година. За разлика, другите емоции како ентузијазам, среќа и гнев, кои јасно се зголемуваат за време на изборните периоди.