УАПСЕН Е СИНОТ НА БОРИС КОНДАРКО ЗА НАПАДОТ ВРЗ КОМУНАЛЦИТЕ НА „ПАРТИЗАНСКА“ Ќе се истражува дали нападот е етнички мотивиран

Двајца Албанци, вработени во „Комунална хигиена“ биле физички нападнати по прославите за 28 ноември, од страна на навивачи од групата „Комити“, а постојат сериозни сомневања дека нападот може да има етнички мотиви, околност која ќе биде третирана со приоритет и ќе биде предмет на истрага сè до целосно расчистување на случајот, објави заменик-министерот за внатрешни работи, Астрит Исени.

22

Полицијата уапси еден од повеќето лица кои нападнаа двајца комунални работници во Скопје, по прославата на Денот на албанското знаме.

Заменик-министерот за внатрешни работи, Астрит Исени, вечерва објави дека еден од напаѓачите е малолетникот Н.К., син на Борис Кондарко.






„Во рекордно време, полициското постапување даде конкретни резултати. Идентификуван е и лишен од слобода првиот осомничен за нападот врз двајцата вработени во ЈП „Комунална хигиена“. Станува збор за малолетно лице со иницијали Н.К., а во врска со случајот е повикан и неговиот татко, Борис Кондарко. Истрагата продолжува со засилено темпо со цел идентификување и утврдување на вмешаноста на други лица во овој случај. Располагаме со доволно докази и се преземаат сите неопходни дејствија за целосно расчистување на случајот. Како што ветив, овој случај нема да остане без епилог. Одговорност ќе има за секој што учествувал во овој напад. Никој не е над законот“, објави Исени на Фејсбук.

Претходно, тој објави дека двајца вработени Албанци во „Комунална хигиена“ биле физички нападнати по полноќ, по прославите за 28 ноември, од страна на навивачи од групата „Комити“. Изрази сомнеж дека нападот е етнички мотивиран.

„Според изјавите на нападнатите, лицата кои ги нападнале се претставиле како „Комити“. Постојат сериозни сомневања дека нападот може да има етнички мотиви, околност која ќе биде третирана со приоритет и ќе биде предмет на истрага сè до целосно расчистување на случајот. Неприфатливо е граѓаните кои чесно и одговорно ја извршуваат својата работа да бидат изложени на насилство поради нивната етничка припадност“, објави заменик-министерот.

Тој додаде дека случајот првично не бил пријавен во полиција.

„Ниту здравствената установа во која повредените побарале лекарска помош не доставила известување до полицијата. По пријавувањето на случајот од страна на самите жртви во Полициската станица „Карпош“, СВР Скопје и ПС „Карпош“ веднаш ги презедоа потребните истражни дејствија, а обезбедени се и сведоци на настанот, кои ќе придонесат за негово целосно расчистување“, додаде Исени.

Нагласи дека случајот нема да остане без разрешница и дека сите потребни полициски и истражни капацитети ќе бидат ангажирани за идентификување на сторителите и целосно расветлување на околностите.

„Нема да има толеранција за насилство мотивирано од етничка припадност. Нема амнестија за насилниците и нема да дозволиме стравот да стане дел од секојдневието на граѓаните кои само сакаат да работат и да живеат во мир. Законот ќе важи за сите. Насилниците ќе бидат идентификувани и санкционирани“, нагласи Исени.

Според МВР, 46-годишниопт А.М. и неговиот колега, 30-годишниот Р.С., биле нападнати околу полноќ на 29 ноември, на автобуска постојка на булеварот Партизански одреди.

На двајцата им биле констатирани телесни повреди во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, а А.М. го пријавил нападот истиот ден во 16 часот.

„На 29.11.2026 во 16 часот во СВР Скопје А.М. (46) од Скопје пријавил дека на булеварот Партизански одреди, на автобуска постојка заедно со неговиот колега Р.С. (30) од Скопје, вработени во ЈП „Комунална хигиена“, биле физички нападнати од неколку лица на 29.11.2026 година околу 00:00 часот. А.М. и Р.С. се здобиле со телесни повреди констатирани во Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.

Според информации објавени на социјалните мрежи, двајцата работници ги завршиле работните задачи, по што земале храна и чекале автобус за да се вратат дома. Во објавата се наведува дека двајцата се во тешка финансиска состојба, а едниот од нив издржува 8 деца со една плата. Во истата објава се тврди дека напаѓачите се претставиле како членови на навивачката група „Комити“.

За настанот реагираа партиите на Албанците.

Демократската унија за интеграција го осуди физичкиот напад врз двајцата работници. Од ДУИ наведуваат дека фактот што напаѓачите, според информациите, најпрво ги прашале работниците дали се Албанци, а потоа ги нападнале додека биле облечени во работните униформи, отвора сериозни сомнежи за етнички мотивиран напад.

Партијата оценува дека ваквото насилство е неприфатливо во мултиетничка држава, во која безбедноста и еднаквоста треба да важат за сите граѓани, без разлика на етничката припадност.

„ДУИ бара од заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени и од министерот Панче Тошковски да обезбедат институционална одговорност, целосна истрага, идентификување на сите напаѓачи и нивно санкционирање. Бара професионална истрага за мотивите, вклучително и сомнежите за етничка мотивираност. Албанците не смеат да стравуваат да работат, да живеат и безбедно да се движат во главниот град на сопствената држава“, наведе ДУИ во реакцијата.

Алијансата за Албанците, исто така, остро го осуди нападот.

„Според информациите, напаѓачите, кои се претставиле како „Комити“, извршиле физичко насилство врз работниците за време на извршувањето на нивните работни обврски, откако ги прашале за нивната етничка припадност. Овој случај предизвикува сериозни сомнежи за насилство мотивирано од етничка омраза и ги загрозува безбедноста и рамноправноста на албанските граѓани. Бараме од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и заменик-министерот Астрит Исени итно идентификување и апсење на сите сторители на нападот, целосно расветлување на случајот и информирање на јавноста за преземените мерки“, соопшти партијата.

Вербалната осуда на насилството не е доволна, додава партијата.

„Институциите имаат обврска да ја гарантираат безбедноста на секој граѓанин и да обезбедат никој да не остане неказнет за извршеното насилство. Албанците имаат право слободно и безбедно да живеат, да работат и да се движат во Скопје и во секој град во државата“, соопшти Алијансата за Албанците.

Партијата Албанска лига, пак, побара вонреден надзор за одговорноста на дежурниот лекар кој не го пријавил во полиција случајот на насилство врз двајца Албанци.

„Според информациите што ги имаме, дежурниот лекар кој ги примил двајцата работници од „Комунална хигиена“ по нападот во Скопје не го пријавил случајот. Бараме од министерот за здравство, Сашо Клековски, веднаш да побара вонреден надзор и да ги објави наодите, притоа штитејќи ја приватноста на повредените. Бараме конкретни одговори. Дали дежурниот лекар го пријавил случајот? Ако не, дали му припаѓала нему обврската да го пријави и зошто не ја исполнил? Министерот треба да појасни и дали болницата ја исполни обврската за пријавување според членот 273 од Законот за кривична постапка. Ако надзорот утврди дека дежурниот лекар не исполнил обврска што му припаѓала, бараме надлежните органи да ја утврдат неговата професионална или дисциплинска одговорност и да ги преземат соодветните мерки. Ако се појават индиции за кривична одговорност, бараме наодите да се достават до Јавното обвинителство“, соопшти Албанска лига.

Поврзани содржини