📽️ РУСИЈА ГИ КОРИСТИ СТРАНЦИТЕ КАКО ЖИВ ШТИТ ВО ВОЈНАТА Илјадници луѓе од сиромашни земји привлечени со лажни ветувања и високи плати

Истражување покажува дека Русија регрутира илјадници луѓе од најсиромашните земји, ветувајќи им работа, високи плати и државјанство, но многумина завршуваат на првите линии на фронтот во Украина.

0

Москва сè почесто регрутира мажи од најсиромашните земји во светот за да ги испрати на првите линии на фронтот во Украина. Што им ветува?

Чарлс Мутока живее во Кенија. Седумдесет и двегодишниот маж сè уште жали по својот син, Оскар Кагола Мутока. Во летото 2025 година, поранешниот кениски војник заминал во Русија за да работи. Неговиот татко вели дека залудно се обидувал да го одврати од таа намера.






Оскар не му кажал на семејството каде точно оди. Само една недела подоцна испратил фотографија на која бил облечен во воена униформа. Потоа повеќе никогаш не стапил во контакт со нив. Подоцна семејството дознало дека загинал.

Семејството на Оскар Мутока не го добило ниту неговото тело, и покрај сите апели до кениските власти. Во мај 2026 година тие одржале симболична комеморација и направиле симболичен гроб, само за да имаат место каде што ќе можат да се помолат.

– Најлошо е што не знаеме дали и каде навистина е погребан. Или неговото тело едноставно било фрлено во некоја шума во Русија – вели Чарлс Мутока.

Оскар Мутока е еден од околу 27.000 странци за кои украинската воена разузнавачка служба ХУР проценува дека Русија ги регрутирала за да се борат во Украина.

Студија на Меѓународната федерација за човекови права (FIDH), организацијата „Truth Hounds“ и Казахстанското меѓународно биро за човекови права и владеење на правото (KIBHR) покажува дека Русија воспоставила глобална мрежа насочена кон регрутирање странски државјани.

– Регрутацијата е насочена кон луѓе кои се наоѓаат во економски, социјално и правно несигурна положба. Методите што се користат се движат од примамливи понуди и измами до директна принуда – објаснува за Дојче Веле, Илја Нусов, еден од авторите на студијата.

„Ве молам, извлечете ме одовде“

За многу луѓе од најсиромашните делови на светот, платата што ја нуди руската армија претставува главен мотив. Тие во тоа гледаат можност да избегаат од сиромаштијата и да им помогнат на своите семејства.

Токму затоа кубанскиот државјанин Јоан Вионди Мендоза прифатил работа во Русија. Му била ветена месечна плата од 2.000 американски долари. За Куба, каде што просечната месечна плата изнесува околу 20 долари, тоа претставува огромна сума.

Во Дојче Веле за неговата приказна дознале од неговиот брат Мајкл Дуро, кој живее во САД и се лекува од рак.

Јоан сакал да емигрира и да му се придружи на братот, но финансиските и административните пречки го спречиле во тоа. Набргу потоа пронашол понуда за работа во Русија.

– Јоан ми се јави и ми рече дека нашол излез. Ми раскажа за еден „проект“ во Русија – се присетува Мајкл Дуро.

Тој безуспешно се обидувал да го разубеди.

Во септември 2023 година, агенцијата Ројтерс снимила група млади Кубанци кои планирале да заминат во Русија. Меѓу нив бил и Јоан Мендоза.

– Сите велеа: „Го правам ова за да не гладувам на Куба“. Тие точно знаат каде одат, а знам и јас – изјавил тогаш 23-годишниот Мендоза.

Тој им ја покажал преписката со регрутерот, кој му напишал:

„Ова е договор со руската армија. Ќе добиете руско државјанство“.

Мајкл Дуро раскажува дека неговиот брат бил испратен на фронтот во Украина, од каде што се обидел да избега.

– Ме молеше: „Згрешив. Простете ми. Ве молам, извлечете ме што побрзо одовде“ – раскажува Мајкл.

Но, контактот со Јоан бил изгубен. Подоцна неговото име се појавило на списокот на загинати странски државјани што го објавила Украина.

„Нè користеа како жив штит“

Јоан Мендоза и Оскар Мутока веројатно знаеле дека одат во Русија за да учествуваат во војната во Украина.

Но, многу други странци биле измамени.

Ним им биле ветувани работни места во градежништвото, обезбедувањето, логистиката или земјоделството.

Тоа му се случило на Арман Мондол од Бангладеш.

Младиот човек се надевал дека со работа во странство ќе го извлече своето семејство од сиромаштија. Неговиот татко, земјоделец, ја продал земјата и зел кредит за да му плати на посредникот.

На Мондол му било кажано дека ќе работи во магацин за пакување стока.

Во Русија пристигнал преку Саудиска Арабија со туристичка виза.

Таму, како што тврди, бил принуден да потпише договор на руски јазик, кој воопшто не го разбирал.

Мондол раскажува дека тој и другите странци биле многу лошо третирани во руската армија.

– Секогаш кога одевме на задача, нас нè испраќаа напред, а тие остануваа зад нас. Нè користеа како жив штит и први нè туркаа во борба – сведочи тој.

За време на една таква мисија, возилото во кое се наоѓал Арман налетало на мина.

Преживеале само двајца, а Арман бил еден од нив.

Тој бил префрлен во воена болница, од каде што успеал да избега.

Амбасадата на Бангладеш во Москва подоцна му помогнала да се врати дома.

Но, ужасите од војната и денес го прогонуваат.

– Сè уште ми се пред очи тие сцени, луѓе што умираат, нивните очи, нивните обезличени лица. Како мините ги разнесуваа. Како еден по друг налетуваа дронови. Луѓе со откорнати екстремитети. Беше ужасно – вели Мондол.

Тој и денес има шрапнели во едната нога и тешко се движи.

Поради повредите уште потешко наоѓа работа во родното село во Бангладеш.

Платеници или жртви на трговија со луѓе?

Странците кои се борат на страната на Русија често се нарекуваат платеници.

Но, Илја Нусов објаснува дека, според меѓународното право, тие формално не можат секогаш да се сметаат за платеници, бидејќи многумина добиваат руско државјанство пред да ѝ се приклучат на армијата.

Други, пак, воопшто немале намера да учествуваат во борбени операции.

Таквите случаи можат да се квалификуваат како трговија со луѓе, доколку се докаже дека биле измамени, принудени и пренесени со цел експлоатација.

Тоа претставува прекршување на Конвенцијата на Обединетите нации против транснационалниот организиран криминал, како и на Протоколот од Палермо, кој ја забранува трговијата со луѓе, а кој го има ратификувано и Русија.

Руските власти, пак, тврдат дека сите странски државјани доброволно учествуваат во војната во Украина.

Во март рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, на заедничка прес-конференција со својот кениски колега, изјави дека Русија никого не регрутира присилно.

– Доброволците учествуваат во оваа специјална воена операција целосно во согласност со руските закони – рече Лавров.

Од Дојче веле побарале коментар и од руското Министерство за надворешни работи, но до објавувањето на текстот не добиле одговор.

Сè повеќе странски регрути

Во меѓувреме, регрутирањето странски државјани привлекува сè поголемо внимание.

Семејствата на мажите кои заминале во Русија протестираат во повеќе земји – од Непал до Перу.

Политичари, меѓу кои и индискиот премиер Нарендра Моди, го отвораат ова прашање и на средбите со рускиот претседател Владимир Путин.

Според медиумските извештаи, Русија во февруари 2026 година го ограничила регрутирањето граѓани од повеќе „пријателски“ држави, но списокот никогаш не бил објавен.

– Во одредени случаи тоа помогна привремено да се намали или дури да се запре приливот на борци од одделни земји. Но, претпоставуваме дека Русија има механизми со кои го надоместува тоа, префрлајќи го фокусот кон други држави – вели Илја Нусов.

Според проценките на украинскиот Координативен штаб за третман на воени заробеници, Русија во текот на 2026 година би можела да регрутира до 18.500 странски државјани за војната.

– Наместо бројот да се намалува, регрутирањето странци продолжува да расте – заклучува Нусов.

Поврзани содржини