ШТРАЈК ВО ГРЦИЈА ПРЕДИЗВИКА КОЛАПС НА ГРАНИЦАТА Колони возила заглавени на плус 40 степени
„Ги повикуваме граѓаните пред да тргнат на пат да ја проверат состојбата на граничните премини во живо. Доколку имаат можност, да го одложат патувањето или да користат алтернативни премини”, се вели во препораката од надлежните македонски институции.
Километарски колони и повеќечасовни чекања ја одбележаа денешната состојба на граничните премини кон Грција, поради штрајкот на грчките царински службеници.
Возачите кои утринава се упатија кон грчкото крајбрежје се соочија со целосен застој. Поради штрајкот, обработката на возилата се одвива со значително забавен режим, што предизвика огромен метеж, особено на најфреквентниот премин Богородица – Евзони.
Според сведоштвата на патниците на терен, колоните од возила се протегаат на неколку километри, а чекањето трае со часови под отворено сонце и високи температури.
Од надлежните институции апелираат до граѓаните за трпение и внимателно планирање на патувањето.
„Ги повикуваме граѓаните пред да тргнат на пат да ја проверат состојбата на граничните премини во живо. Доколку имаат можност, да го одложат патувањето или да користат алтернативни премини”, се вели во препораката.
Се очекува застојот да продолжи сѐ додека трае штрајкот на грчките цариници. На сите кои сепак мора да патуваат денеска, им се препорачува да обезбедат доволно вода, гориво и да предвидат значително подолго време за патување.