Почина монсињор Антун Циримотиќ од Скопската бискупија

Една седмица пред својата смрт монсињор Циримотиќ беше во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

1,528

Свештеникот на Скопската бискупија, монсињор Антун Циримотиќ, почина денеска во раните утрински часови, објави порталот Католици.мк.

Монсињор Циримотиќ е по потекло од Јањево, Косово. По завршувањето на основното училиште во 1950 година во родното место, заминува во семинаријата во Пазин, а потоа на Богословија во Загреб. За свештеник е ракоположен на 4 јули 1965 година од бискупот Смиљан Фрањо Чекада. Набргу после ракополагањето му е доверена службата управител на парохијата Зјум, покрај Призрен. Тука го учи и албанскиот јазик. По желба на верниците и со нивна помош ја гради филијалната црква која е посветена на света Ана.






Во 1969 година е именуван за консултор и нотар на Женидбениот суд. Во октомври 1970 година бискупот Јоаким Хербут го именува за негов личен секретар. Покрај обврските во ординаријатот доверена му е и грижата за градба на катедралата и пасторалниот центар во Скопје.

Од есента 1983 до летото 2002 година ја врши службата ректор на бискупската семинарија во Скопје, како и професор, а од март 1984 година до декември 1993 година управува и со катедралната парохија во Скопје.

Во 1986 година папата Иван Павле II го именува за негов капелан – монсињор. Во 1991 година е именуван за директор на Македонски Каритас и таа служба ја извршува до ноември 2017 година. Истовремено се грижи и за изградба на пасторалниот центар во Охрид. Од ноември 2005 до 2017 година ја извршува службата генерален викар на Скопската бискупија и Апостолскиот егзархат. Од страна на бискупот Киро Стојанов му е доверена грижата за медиуми и односи со јавност, како и за меѓурелигискиот дијалог. Од страна на бискупот Стојанов е именуван за директор на Радио Марија на 31 јули 2013 година, служба која ја извршува до 29 октомври 2017 година. Бил долгогодишен духовник на сестрите Евхаристинки, а својот златен свештенички јубилеј го прослави на 13 јуни 2015.

По повод доаѓањето на папата Фрањо во Скопје на 7 мај 2019 година во катедралата Пресвето Срце Исусово во придружба на бискупот Стојанов папата Фрањо пристапи до монсињор Циримотиќ бакнувајќи му рака и со тој гест искажа почит за неговата свештеничка пожртвуваност и активност.

Една седмица пред својата смрт монсињор Циримотиќ беше во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Црквата во Македонија предводена од бискупот Стојанов се благодарни за неговиот живот и дело и ги упатуваат своите молитви до Господ да го прими во своето Царство.

Погребниот обред ќе биде во утре, 29 октомври 2020 година, во 12.00 часот на градските гробишта Бутел во Скопје, а задушната света Литургија ќе се служи истиот ден во Скопската катедрала во 18.00 часот.

 

 

Поврзани содржини