БРЕГЗИТ НАПРАВИ ПОВЕЌЕ ШТЕТА ОТКОЛКУ КОРИСТ Бернам спомна опции за враќање во Европската Унија

Брегзит направил повеќе штета отколку корист, а Велика Британија треба да избере нов долгорочен модел за односите со Европа, порача британскиот премиер. Меѓу опциите ги стави царинската унија, единствениот европски пазар, но и можноста земјата да оди „до крај“.

27

Британскиот премиер Енди Бернам смета дека Велика Британија треба повторно да ги разгледа сите опции за односите со Европската Унија. Тој не го исклучува ни враќањето во ЕУ, оценувајќи дека Брегзит ѝ донел повеќе штета отколку корист на земјата.

Меѓу опциите ги стави царинската унија, единствениот европски пазар, но и можноста земјата да оди „до крај“.






– Можеме да останеме таму каде што сме. Тоа е секако една опција, ако луѓето мислат дека ова е добро место за престој. Можеме да го разгледаме она што Џорџ Осборн го кажа за царинската унија. Можеме да го разгледаме она што либералните демократи го кажаа на нивната конференција за единствениот пазар и можеме да одиме до крај – рече Бернам.

Тој смета дека сите опции треба да се проценат според тоа што е изводливо, како и според нивните предности и недостатоци.

Поранешниот конзервативен канцелар Џорџ Осборн се залагаше за влез на Велика Британија во царинска унија со ЕУ, додека либералните демократи повикаа земјата да се врати на европскиот единствен пазар.

Велика Британија гласаше за напуштање на Европската Унија на референдумот во 2016 година, по повеќе од четири децении членство. Потоа следуваа години политички превирања и справување со економските и дипломатските последици од Брегзит.

Бернам најави дека опциите за долгорочните односи со ЕУ ќе ги изложи на самитот Велика Британија–ЕУ во ноември. Тој претходно изјави дека би сакал земјата повторно да се приклучи на Унијата во текот на неговиот живот и дека Британија не може да си дозволи уште една деценија неизвесност околу ова прашање.

Поврзани содржини