Со компромис за поголема доверба и помалку завист кај покачувањето на пензиите

Мислам дека имам идеја како да се спречи заостанувањето на пензиите во однос на платите, од една страна, а истовремено да се надмине или да се ублажи поделеноста меѓу „проценташите“ и „линеарците“. А со тоа и зависта на едни кон други. Процентуалното усогласување си останува, како што предвидува Законот. Границата за дополнително зголемување, поврзана со стапката на раст на БДП, се спушта од 4% на 3%. Процентот над 3% се множи со просечната плата и тој износ се исплатува линеарно, т.е. подеднакво на сите пензионери.

49

„Завист не е друго што, салт на сердце печал, жалба от благоуспешности ближњаго … Она е семја на секо зло и грех.“
(Јоаким Крчовски, „Слово заради завист“ од зборникот „Различна поучителна наставленија“ (1819).

Зависта, покрај стравот, е едно од најсилните човекови примордијални чувства. Таа е универзално распространета, што значи дека не е некаква културна особина на поедини заедници. Се јавува рано во развојот на човештвото во услови кога ресурсите и статусот не се подеднакво распределени.






Зависта е локализирана во средината во која постои конкуренција за ресурси и статус. Ниту еден од нас не им завидува на милијардерите (да не ги именувам), туку сме завидливи кон колегата/колешката што добиле унапредување, му завидуваме на комшијата поради поубавиот автомобил, на другарот од детство со повисока пензија кој сега ќе добие поголемо покачување итн.

Зависта може да биде бенигна и малициозна. Кога гледаме дека некој го поседува тоа што ние го немаме а го посакуваме, зависта може да нѐ мотивира да најдеме начин со понапорна работа да го постигнеме истото што и личноста на која ѝ завидуваме.

Спротивно на ова, малициозната завист е фокусирана кон влечење на поуспешните од нас надолу преку нетрпеливост, озборување, саботажа и сл.

Деновиве е актуелно редовното усогласување на пензиите. Пензионерите се поделени, не би можел да кажам во кој сооднос, помеѓу барањето за почитување на законското решение за процентуално зголемување (комбинација меѓу порастот на трошоците за живот и растот на платите, во сооднос 50:50) и притисокот за т.н. линеарно зголемување, при што износот би бил ист за секој пензионер, без разлика на висината на пензијата.

Истовремено медиумите се преплавени со наслови во смисла „кој колку ќе добие“, како пензионерите да не можат самите да си пресметаат, множејќи го износот на својата пензија со објавениот процент за усогласување, во случајов 3%, и потоа делејќи го производот со 100. Оваа едноставна операција се учи во основно училиште.

Минималниот и максималниот износ на пензијата се пропишани со закон. Помеѓу овие два екстреми, постојат разлики во примањата, што се должат на различните износи на уплати за придонеси во текот на работниот век и на должината на работниот стаж. Се разбира, процентуалното усогласување на различни износи на пензии продуцира различни износи на покачување.

Интензитетот на истакнување на овие разлики од страна на медиумите како да е насочен кон поттикнување на чувството на завист кај пензионерите. Во секој случај, ова не е добро!

Индексацијата, или усогласувањето на пензиите според познатата „швајцарска формула“, законски утврдена и кај нас, како што кажавме претходно, почива на два параметра, позади кои стои определена логика, прифатена во најголемиот број земји. Стапката на инфлација, мерена преку порастот на трошоците на живот во формулата, треба да ја заштити куповната моќ на пензијата. Усогласувањето со порастот на просечната плата е насочено кон потребата пензиите да го следат порастот на платите, затоа што платите како трошок на трудот влијаат и на движењето на цените.

Сепак, има нешто што тука недостасува. Кај вработените растот на продуктивноста доведува до повисок раст на бруто домашниот производ. Вработените имаат право на дел од така зголемениот колач и во нормални околности зголемувањето на платата, покрај усогласувањето со стапката на инфлација, ја вклучува и компонентата зголемена продуктивност.

Пензионерите не се активни на пазарот на трудот и оттаму зголемување на пензијата како резултат на растот на вкупната продуктивност што се рефлектира во повисок БДП, некако не им „следува“. Оттаму, како по правило, а тоа е присутно кај нас во изминатите неколку децении, каква било формула за усогласување да се примени, во циклуси од по 7-8 години просечната пензија започнува посериозно да заостанува зад просечната плата.

Секогаш кога просечната пензија ќе падне позначително под 60% во однос на просечната плата, настанува немир кај пензионерите и се создава притисок за вонредни зголемувања на пензиите, на кој владите тешко одолеваат.

Законот за пензиско и инвалидско осигурување има одредба со која процентот за зголемување на пензијата би го вклучил и растот на БДП, но таа е доста рестриктивна. Ставот 4 од членот 37 од Законот предвидува дека стапката за усогласување може да се зголеми во случаите кога растот на реалниот БДП ќе надмине 4%, и тоа за разликата помеѓу стапката на раст на БДП и прагот од 4%.

За жал, во изминативе години сме немале таква среќа да забележиме стапка на раст на БДП повисока од 4% и оттаму ваквата можност како да е подзаборавена.

Мислам дека имам идеја како да се спречи заостанувањето на пензиите во однос на платите, од една страна, а истовремено да се надмине или да се ублажи поделеноста меѓу „проценташите“ и „линеарците“. А со тоа и зависта на едни кон други.

Процентуалното усогласување си останува, како што предвидува Законот. Границата за дополнително зголемување, поврзана со стапката на раст на БДП, се спушта од 4% на 3%. Процентот над 3% се множи со просечната плата и тој износ се исплатува линеарно, т.е. подеднакво на сите пензионери.

Наместо стапката на раст на БДП од претходната година, се користат кварталните стапки на раст, од последните тримесечија за кои се објавени официјални податоци од страна на Државниот завод за статистика.

Колку би изнесувало ова дополнително линеарно зголемување на пензијата доколку би се применило сега, згора на трите отсто процентуално зголемување? Стапката на раст на БДП во вториот квартал од тековнава година изнесуваше 4,3%. Ако од неа одземеме 3%, остануваат 1,3 процентни поени. Просечната пензија според најновите податоци изнесува 28.050 денари. Следува дека дополнителниот износ за линеарно зголемување на пензиите би изнесувал околу 360 денари.

Да се разбереме, стапката на раст од 4,3% во вториот квартал, која на секој пензионер би му донела дополнителни 360 денари, не е лесно да се постигне и да се одржува, но со намалување на социјалните тензии во општеството, зголемување на меѓусебната доверба и намалување на зависта, се создава поблагопријатна клима за раст и развој во земјата што би ни користело на сите.

Поврзани содржини