📽️ МУ ДРЖАТ ЧАДОР И ГО ЛАДАТ СО ВЕНТИЛАТОР ДОДЕКА ШЕТА ВО ДУБАИ Винисиус се најде на мета на потсмев поради необичната придружба

Видеото од прошетката на Винисиус во квартот Ал Сеф предизвика потсмев поради асистентите кои го штителе од сонцето и го разладувале. Фудбалерот, сепак, бил во Дубаи на промотивно снимање поврзано со партнерството на Реал Мадрид со туристичката организација „Visit Dubai“.

0

Бразилската фудбалска ѕвезда Винисиус Жуниор се најде на мета на потсмев и критики на социјалните мрежи откако се прошири видео од неговата посета на Дубаи, на кое се гледа како двајца асистенти му обезбедуваат посебен третман за време на прошетка. Едниот држи чадор над него за да го заштити од сонцето, додека другата личност го разладува со рачен вентилатор насочен кон неговото лице.

Снимката е направена во историскиот кварт Ал Сеф во Дубаи, а на неа напаѓачот на Реал Мадрид се движи опкружен со луѓе од продукцискиот тим. Необичната глетка предизвика лавина реакции, при што дел од корисниците го исмеваа Бразилецот и неговиот, како што го нарекоа, „фараонски“ третман.






Сепак, зад видеото се крие поинаква приказна. Винисиус не бил во Дубаи на приватен одмор, туку учествувал во снимање промотивни материјали за туристичката организација „Visit Dubai“, во рамките на комерцијалното партнерство меѓу градот и Реал Мадрид. Соработката меѓу клубот и Дубаи е воспоставена во 2023 година, а вклучува и промотивни активности за туристичката понуда на емиратот.

Чадорот и вентилаторот биле дел од продукциската организација на снимањето, со цел фудбалерот да биде заштитен од силното сонце и да остане свеж пред камерите. Таквата помош е вообичаена на снимања на отворено, особено кога се работи во услови на високи температури и кога треба да се одржи изгледот на учесниците во кадарот.

Патувањето на Винисиус се совпаднало со периодот во кој ја одработувал суспензијата од четири натпревари, изречена по исклучувањето на дуелот со Виљареал. Поради казната, тој ги пропуштил натпреварите против Севилја, Барселона, Расинг Сантандер и Валенсија. Реал Мадрид успеал да ги добие сите четири средби без својот бразилски напаѓач.

 

По завршувањето на промотивните обврски во Обединетите Арапски Емирати, Винисиус требало директно да се упати кон собирот на бразилската репрезентација, која ја очекуваат пријателски натпревари против Јапонија и Сингапур.

Но, неговиот престој во Дубаи предизвика и реакции во шпанските спортски кругови. Дел од новинарите сметаат дека фудбалерот требало да остане во Мадрид и да ја искористи паузата за дополнителни тренинзи, наместо да патува на промотивни активности.

Критиките се поврзани и со неговиот досегашен учинок во сезоната. Според наводите во дел од медиумите, Винисиус има еден гол и три асистенции, а се појавија и тврдења дека поради послабите настапи го загубил местото во почетниот состав, кое сега му припаѓа на Јан Диоманде.

Така, видеото од прошетката со чадор и вентилатор, кое на прв поглед изгледаше како сцена од луксузен одмор, отвори поширока дебата за однесувањето на бразилската ѕвезда, неговата форма и односот кон обврските во Реал Мадрид.

Поврзани содржини