🎥 ГО СИМНА ГЕРМАНСКОТО ЗНАМЕ, ЗАКАЧИ ПАЛЕСТИНСКО Инцидент пред Рајхстагот
Активистот е приведен откако се симнал на земја. Уште двајца мажи се приведени под сомнение дека му помогнале.
Пропалестински активист во неделата се искачи на речиси 30 метри висок јарбол пред германскиот парламент во Берлин, го симна германското државно знаме и на негово место постави палестинско знаме, во знак на протест против поддршката што Германија ѝ ја дава на Израел и испораките на оружје за Израел, додека траат израелските напади врз Газа.
Според германскиот весник „Тагесшпигел“, активистот се искачил на јарболот пред зградата на Рајхстагот околу 11:30 часот по локално време, го отстранил германското знаме и на негово место го подигнал палестинското.
Опремен со професионална опрема за качување, активистот останал на врвот на јарболот околу еден час, по што сам се симнал. Повеќе од 100 луѓе се собрале во близина за да го следат настанот, а дел од нив му аплаудирале додека се симнувал.
На местото пристигнале полицијата и пожарникарите, кои потоа со помош на хидраулична платформа го отстраниле палестинското знаме. Активистот бил приведен откако се симнал на земја.
Уште двајца мажи, на возраст од 20 и 32 години, биле приведени под сомнение дека му помогнале на активистот. Според полицијата, тие стоеле во подножјето на јарболот и го снимале настанот, кој бил емитуван во живо на ТикТок.
View this post on Instagram