ЌЕ УСПЕЕ ЛИ СТУДЕНТСКАТА ЛИСТА „СПИСОКОТ НА ЖЕЛБИ“ ДА ГО ПРЕТВОРИ ВО РЕАЛНОСТ? За почеток, Србија се соочува со два енергетски рока и со еден буџетски шок

Ако новата „студентска влада"“ не постигне поволни договори со Москва и со Вашингтон за снабдување со гас и со нафта и ако до 20 декември не го донесе новиот буџет, новата економска 2027 година за Србија ќе почне многу лошо.

12

Новата српска влада ја презема економијата со долг список на ветувања за подобар живот на граѓаните, но и со два декемвриски рока за снабдување со енергија и со притисок врз динарот по стечајот на Алта банка во Белград.

На 11 декември истекува американската дозвола што ѝ овозможува на Нафтената индустрија на Србија (НИС) да увезува сурова нафта и да ја преработува. На 31 декември истекува договорот за руски гас. Во исто време, Студентската листа треба да покаже колку ќе чинат нејзините ветувања за повисоки плати, даночни промени и поинакво усогласување на пензиите. Ако во новата 2027 година Србија влезе без нов буџет, мали се шансите ветувањата да се претворат во конкретни буџетски проекции и планови.






Што може да се очекува од Москва и од Вашингтон?

Москва порача дека за продолжување на договорот за гас ќе разговара откако ќе се формираат новите српски власти и ќе поднесат официјално барање. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, го соопшти тоа на 5 ноември, по најавите од Студентската листа дека Белград треба да бара долгорочен договор со Русија. Ако формирањето на владата се одолжи, ќе се скрати и времето за преговори пред истекот на договорот.

Во тие преговори, покрај цената, ќе бидат важни дневните количества што Србија ќе може да ги повлече во најстудените недели. Ако договорот задоцни, непосредното прашање е колку од зимската потрошувачка може да се покрие од складиштата и со дополнителен увоз. Поскапиот гас би го зголемил трошокот за топланите и за индустријата. Ако државата реши да спречи тој трошок да се пренесе врз потрошувачите, ќе треба да пресмета колкав дел може да покрие буџетот.

Кај нафтата, американската Канцеларија за контрола на странски средства (ОФАК) му дозволи на НИС да продолжи со увозот, преработката и со плаќањата до 11 декември. До истиот датум важи и дозволата за хрватскиот ЈАНАФ да ги извршува договорените активности со НИС. Унгарски МОЛ доби посебно одобрение за подготвителни трансакции, но за преносот на рускиот мнозински удел му треба дополнителна американска дозвола. Преговорите за сопственоста и за дозволата за работа на рафинеријата имаат одделни рокови.

Рафинеријата во Панчево е единствената во Србија и, според Ројтерс, покрива околу 80 отсто од домашната побарувачка за гориво. Ако нема нова дозвола и се прекине дотурот на сурова нафта, Белград ќе мора да утврди колку долго резервите можат да ја покријат потрошувачката и колку готови деривати можат навреме да се увезат. Цената на тие набавки и капацитетот за транспорт ќе одредат колкав ќе биде ударот врз цените на горивата.

Стечајот на Алта ја тестира довербата, еврото веќе поскапе

Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата на белградската Алта банка на 30 октомври, а судот отвори стечај на 3 ноември. Исплатата на осигурените депозити до 50.000 евра по депонент почнува на 13 ноември преку „Поштанска штедионица”. Централната банка го оценува банкарскиот сектор како добро капитализиран и ликвиден. Дали недовербата се прелева и кон други банки ќе се види од движењето на депозитите и од евентуалната потреба од дополнителна ликвидносна поддршка.

Официјалниот среден курс на 6 ноември изнесуваше 117,6089 динари за едно евро, наспроти распонот од 117,18 до 117,39 во ноември минатата година. Во една менувачница истиот ден еврото се продаваше по 119 динари. Разликата меѓу официјалниот среден и готовинскиот продажен курс е важна за граѓаните што купуваат евра. За оценка на притисокот врз динарот поважни се обемот на побарувачката за девизи и интервенциите на централната банка.

Студентската листа вети стабилен динар. Интервенциите на девизниот пазар се во рацете на Народната банка, која најави дека ќе ги користи кога ќе има потреба. Владата ќе влијае врз притисокот преку буџетскиот дефицит, задолжувањето и мерките со кои евентуално ќе ги покрива повисоките енергетски трошоци. Ако истовремено пораснат потребата од девизи за увоз на енергија и побарувачката за евра од граѓаните и фирмите, одржувањето на курсот може да бара поголеми интервенции.

Повисоките плати и пензиите бараат буџетска пресметка

Студентската листа најави крај на моделот на евтина работна сила, поддршка за домашната економија и стимулации за компании што ќе ги зголемуваат просечните плати. Одржливоста на повисоките плати ќе зависи од продуктивноста и од способноста на фирмите да ги покријат повисоките трошоци. Ако владата го менува системот на субвенции за странски инвеститори, ќе треба да ги утврди обврските од постојните договори и да покаже со кои мерки ќе поттикнува нови вложувања и вработувања.

Останува целосно нејасно како ќе се мотивираат работодавачите доброволно да се определат за четиридневна работна недела (32 работни часа неделно) со задржување на целата плата. Тоа беше едно од најспектакуларните ветувања на студентите. Дилема е и дали реално може да се оствари ветувањето максималното траење на вработувањето на определено време да се скрати од 24 на 12 месеци, по што работникот би требало да добие договор на неопределено време. Да потсетиме дека студентите ветуваа и повисоки додатоци на платите за прекувремена и ноќна работа, како и за работа во недела.

На „списокот на желби“ на Студентската листа се и пензиите – тие би се усогласувале двапати годишно за поредовно да го следат растот на цените и платите, а за најниските пензии се предвидува дополнително зголемување од 5 отсто. Студентската листа предлага и социјална пензија во висина на најниската земјоделска пензија за граѓаните над 65 години што немаат доволно работен стаж или по друга основа не оствариле право на пензија.

Кај даноците, програмата веќе содржи конкретен предлог. Неоданочениот дел од платата би се зголемил од 23 на 35 отсто од просечната плата, со повеќе стапки за прогресивно оданочување на доходот. За буџетот е важно колку приходи ќе се изгубат со повисокиот неоданочен праг и колку ќе донесат новите стапки. Кај пензиите, две усогласувања годишно можат да го скратат периодот во кој инфлацијата ја намалува куповната моќ. Вкупниот раст на пензиите и трошокот за државата ќе зависат од формулата и од датумите на примена.

Новата влада доцни, што ако нема време да се усвои новиот буџет?

За „списокот на желби” на Студентската листа да стане владина програма, секое ветување со фискални последици ќе мора да се преточи во конкретна проекција на приходи и расходи во буџетот за 2027 година. На приходната страна, владата ќе треба да пресмета колку пари ќе чини повисокиот неоданочен дел од платата и колку ќе донесат новите даночни разреди и повисокото оданочување на имотот. На расходната страна, ќе треба да покаже колку ќе чинат дополнителното зголемување на најниските пензии и воведувањето социјална пензија. Од тие пресметки ќе зависи кои мерки можат да почнат во 2027 година и дали за нив ќе треба да се скратат други расходи или да се зголеми дефицитот.

Конститутивната седница на српското Собрание е закажана за 17 ноември, но сè уште нема датум за избор на новата влада. Затоа е неизвесно дали ќе има доволно време да се подготви, да се разгледа и да се изгласа буџетот до 20 декември. Ако Србија влезе во 2027 година без усвоен буџет, владата што тогаш ќе биде на должност ќе мора да донесе одлука за привремено финансирање. За првите три месеци, вкупните расходи и издатоци опфатени со законскиот лимит може да се планираат најмногу до една четвртина од износот предвиден во буџетот за 2026 година. Законот дозволува поинаква распределба по намени во рамките на тој лимит, а за пензискиот фонд посебно го зема предвид редовното законско усогласување на пензиите.

Од „теренот“ стасуваат лоши вести

„Фич рејтингс”, меѓународна агенција за кредитен рејтинг, една од трите најголеми во светот, која ја оценува способноста на државите и компаниите навреме да ги отплаќаат своите долгови, во октомври оцени дека економските и фискалните приоритети на Студентската листа сè уште се недоволно јасни. За ревизијата на 20 ноември агенцијата најави дека ќе ја оценува способноста на идната влада да ги зачува фискалната дисциплина, макроекономската стабилност и надворешните резерви. Србија во таа ревизија влегува со рејтинг BB+ и позитивни изгледи. Фич посочи дека потези што би ги ослабнале растот, јавните финансии или надворешните резерви можат да доведат до промена на изгледите во стабилни.

Во меѓувреме, од секторот на реалната економија стасуваат лоши вести. Околу 2.000 работни места се загрозени со затворањето или преселувањето на три производствени погони во Србија, според проценката што ја пренесе „Јуроњуз Србија“. Германски „Дрекслмајер“ ќе го затвори погонот во Зрењанин до крајот на март 2027 година, а според РТС таму сè уште работат околу 1.100 луѓе. Турски „Астер текстил“ ќе го затвори погонот во Ниш до крајот на годинава и ќе го префрли производството во други земји. Италијански „Вали“, пак, го сели производството од Ваљево во Лозница, со што работните места се загрозени во Ваљево, а производството останува во Србија.

Од почетокот на 2023 година, повеќе од десет странски компании што користеле државни субвенции затвориле погони или најавиле затворање, а најмалку уште толку го намалиле производството. Слободан Миниќ, член на српскиот Фискален совет, оценува дека моделот на привлекување инвеститори со субвенции и евтина работна сила е исцрпен. Со растот на минималната и на просечната плата, Србија ја губи ценовната предност во дел од производството што зависи од голем број работници. Во Зрењанин, „Дрекслмајер“ не успеал да обезбеди нови проекти за погонот.

За новата влада непосредната обврска е да провери дали компаниите ги исполниле условите под кои добиле субвенции и дали има основа да се побара враќање на дел од парите. За работниците што ќе останат без работа, роковите за отпремнина и можноста да најдат друга работа во истиот град се поважни од најавата за нов модел на развој. Студентската листа вети крај на политиката на евтина работна сила. Со затворањето на погоните, прашањето е кои домашни и странски компании можат да отворат работни места со повисоки плати и колку брзо можат да го направат тоа.

Кога сè ќе се собере и одземе, само едно е совршено јасно – медениот месец за Студентската листа е при крај. Следи соочување со болната реалност..

Поврзани содржини