СДСМ И ВЕНКО ПРВО ДА НАУЧАТ КОЈ Е НАДЛЕЖЕН ЗА БАНКИТЕ Наместо да шират неоснована паника, да излезат од шемата на Заев
Од партијата на Венко сега пак гледаме обиди за создавање искривени перцепции, дека проблемот можел да се прелее во сите банки, иако од надлежните има транспарентна комуникација и се работи на решение, а гувернерот порача дека граѓаните нема да бидат оштетени, вели ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ и нејзиниот претседател Венко Филипче треба прво да научат кој е надлежен за банкарскиот систем, наместо да шират паника околу „Алта банка“, порача ВМРО-ДПМНЕ во партиско соопштение.
„Во СДСМ прво треба да научат кој за што е надлежен во државата. Јасно е дека во нивно време немаше линии во поделбата на власта, па беа по старото ‘кадија те тужи, кадија те суди’“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ, потсетувајќи дека одлуките за банкарскиот систем се во надлежност на Народната банка и гувернерот.
Владејачката партија го обвинува СДСМ дека продолжува со политичката практика на поранешниот премиер Зоран Заев и дека има двојни стандарди.
„Алта банка е увезен проблем и не може СДСМ од ракав да дава вакви изјави. Прво, немаат кредибилитет, второ, очигледно не ги знаат основните надлежности на ниедна институција“, се наведува во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека СДСМ се обидува да создаде впечаток дека проблемот може да се прелее и врз другите банки, иако надлежните институции, како што посочуваат, работат на решение.
„Од партијата на Венко сега пак гледаме обиди за создавање искривени перцепции, дека проблемот можел да се прелее во сите банки, иако од надлежните има транспарентна комуникација и се работи на решение, а гувернерот порача дека граѓаните нема да бидат оштетени“, наведуваат од партијата.
ВМРО-ДПМНЕ ги обвинува претставниците на СДСМ дека со телевизиските настапи и изјавите за банкарскиот систем се обидуваат да создадат чувство на нестабилност.
„Им порачуваме на СДСМ да престанат со обидите за политичко профитирање, има надлежни кои работат на решение, деструктивноста на СДСМ не им треба на граѓаните“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.