Лицемерието на санкциите кон Русија – големите си тераат трговија, а малите како Македонија страдаат

Во услови на војна и потреба за обезбедување храна на илјадници војници, оризот станува многу важен производ, што значи дека рускиот пазар сега е отворен и „гладен“ за увоз на храна. Тоа е голема шанса за извоз на кочанскиот ориз и заработка на оризопроизводителите, но веројатно министерот за земјоделие има многу поважни работи.

0

Економската размена меѓу Македонија и Русија по почетокот на војната во Украина (февруари 2022 година) претрпе големи промени во обемот на размена. Особено проблем предизвика драстичниот пад на македонскиот извоз, на македонски производи традиционално извезувани во Русија.

Според официјалните податоци, извозот кој во 2021 година изнесуваше околу 48,3 милиони евра, падна на само околу 11,8 милиони евра во 2023 година. Најмногу настрада извозот на земјоделски производи (јаболка и праски), како и фармацевтските производи. Од друга страна во првата година од војната (2022), вредноста на увозот од Русија во Македонија нагло порасна, што беше резултат астрономскиот раст на цените на енергенсите (природниот гас и нафтата) на светските берзи. Причина за колапсот на македонскиот извоз беше приклучувањето на Македонија кон сите пакети економски санкции на Европската Унија против Русија, како и затворањето на воздушниот простор и тешките логистички пречки на копнениот транспорт, што го направи купувањето на енергенси од Русија бавно и многу поскапо. Русија, која пред една деценија беше важен трговски партнер (особено за македонскиот аграр), денес е маргинализирана во надворешно-трговска размена на Македонија.






За разликата од трговијата со Русија која е колабирана, економската размена меѓу Македонија и Украина по почетокот на војната има целосно друга динамика – вкупниот обем на трговија е намалена, но исклучиво поради падот на увозот, додека извозот кон Украина бележи рекорден раст. Пред војната (во 2019), македонскиот увоз од Украина изнесуваше дури 140 милиони долари. Во 2024 година тој обем падна на околу 60 милиони долари, а главната причина е уништувањето на украинската тешка индустрија и металургија (како железарата „Азовстал“ во Мариопол). Така од околу 12 милиони долари извоз пред кризата, се искачи на 27 милиони евра во 2024 година. Голем дел од украинското земјоделско земјиште е минирано, а индустријата е насочена кон воените производи, па се отвора голем простор за македонските производи, особено фармацевтските производи чија вредност порасна на над 9 милиони долари. Извозот на земјоделски производи како извоз на македонска зелка (достигна рекордни над 6,5 милиони долари) и моркови, поради што домашните диригирани медиуми пишуваа дека Македонија станала главен снабдувач на замјоделски производи на пазарот во Украина.

Сега малку математика, значи за 15 милиони евра се зголемува извозот спрема Украина, и за 37 милиони евра се намалува извозот кон Русија. Тоа се 22 милиони евра помал надворешен извоз за Македонија, што особени ги погоди земјоделците. Овој финансиски минус од 22 милиони евра не е апстрактна статистичка грешка, туку директен удар врз македонскиот аграр, што предизвика социјални последици. Разликата не е само во сумата, туку и во структурата на она што се извезува: Извозот кон Русија го одржуваше производството на високопрофитабилни овошја, пред сè, јаболката од Преспанскиот регион и праските од Росоман и од Тиквешијата. Со затворање на рускиот пазар, македонското земјоделско семејство остана без своите најсигурни купувачи, што можеше да се види преку фрлање на родот. Од друга страна, зголемениот извоз на зелка и лекови во Украина финансиски го помага земјоделието и фармацијата, но ни оддалеку не ја компензира дупката што настана кај овоштарите.

Кога македонските политичари гордо се сликаа со странските амбасадори, фалејќи се дека сме се приклучиле кон сите европски санкции, тие не изгубија ниту еден денар од својот џеб. Цената ја плати народот за нивните геополитички игри.

Македонија која не е членка на ЕУ и можеше само политички да го осуди Рускиот воен напад, но не мораше да ги прифати економските санкции. Ако не се придруживме на сите санкции од ЕУ, ќе купувавме енергија од Русија по цени како Србија, која за разлика од нас кои сме уште пред вратата на ЕУ, таа отвора и затвара поглавја што водат кон членство во ЕУ. Србија води во овој случај прагматична реалполитика, а ние вазалска, на штета на сопствениот народ. Инаку, државничката политика во кризни времиња се мери исклучиво според тоа дали го штити народот.

Македонија и натаму купува руски гас, но не го внесуваме директно, туку преку странски трговци-посредници по астрономски берзански цени. Народот тоа го плаќа преку инфлацијата и скапата животна кошничка, а за возврат не добивме никакво политичко напредување кон ЕУ. Во време на глобална криза, државите се обидуваат да го заштиттат народот и економијата преку набавување евтини енергенси. Нашите политичари, кризата ја искористија за да добијат тапкање по рамо од странците и да го заштитат својот домашен криминал. Им оневозможија на нашите земјоделци да извезуваат на исток, само за да ги задржат сопствените фотелји и слобода.

Во исто време, на примар, шест земји членки на ЕУ не ги раскинаа договорите со Русија (и тие ќе продолжат да важат до 2030 година) за купување на руско гориво за своите нуклеарни централи. Продолжената трговија со купување на нуклеарното гориво е апсолутниот врв на европското лицемерие и е аргумент за тоа како функцира реалполитиката на големите. Санкциите важат само за оние земји кои се премногу слаби и назаинтересирани да се одбранат. Унгарија, Словачка, Бугарија, Чешка, Финска, Германија (кои имаат реактори од советски тип VVER), но и Франција (која има голема соработка со рускиот „Росатом“ за збогатување ураниум), никогаш не дозволија увозот на нуклеарното гориво да биде ставен под европските санкции.

Кога големите пишуваат пакети санкции, тоа го прават така што нема да ги загрозат нивните витални интереси. Франција и земјите членки на ЕУ, знаат дека без нуклеарно гориво електроенергетските системи ќе им колабираат. Затоа, тие отворено ставија вето на секој обид „Росатом“ да биде санкциониран и изјавуваа: „Ние ја осудуваме Русија, но струја мора да имаме“. Ова е однесување на суверени држави кои го штитат својот капитал и својот народ, дури и кога тоа оди против официјалната реторика на Унијата.

Германија дозволи рускиот државен гигант „Росата“ да продолжи непречено да оперира на германска замја во градот Линген. Француската компанија Framatome направи заедничко вложување (joint venture) со рускиот „Росатом“, а германската влада издаде дозвола за проширување на оваа фабрика со руска технологија, руски лиценци и руски експерти од „Росатом“. Тој што ги пишува резолуциите за санкции и бара од малите држави како Македонија економски да се самоубијат, за себе легално дозволува проширување на фабрика во Линген со руска помош. За македонското овошје, санкциите се светиња, а за нуклеарниот профит на западните корпорации, санкциите магично не постојат.

За крај уште еден пример за економска штета за Македонија од спроведувањето на санкциите спрема Русија. Русија произведува претежно тркалезен (краткозрнест) ориз, пред сѐ, во Краснодарскиот крај. Но, климатските услови не им дозволуваат да ги произведуваат сите видови ориз. Затоа, таа е зависна од увоз на долгозрнест ориз, како и поквалитетни сорти ориз, кои ги набавуваат главно од Индија, Тајланд, Виетнам и Пакистан. Во услови на војна и потреба за обезбедување храна на илјадници војници, оризот станува многу важен производ, што значи дека рускиот пазар сега е отворен и „гладен“ за увоз на храна. Тоа е голема шанса за извоз на кочанскиот ориз и заработка на оризопроизводителите, но веројатно министерот за земјоделие има многу поважни работи. Што ќе рече Европа за ова? Па погоре одговорив, ако тие може да се грижат за профитот на крупниот капитал, тогаш Македонија треба да се погрижи оризопроизводителите да ја поминат зимата.

Поврзани содржини