ГОЛЕМА ИЗМАМА СО МОБИЛНИ ТЕЛЕФОНИ ВО ЕВРОПА Над милион стари уреди се продадени како нови
Истражителите се сомневаат дека мобилните телефони биле склопени во Хонг Конг и во Обединетите Арапски Емирати од употребувани делови. Уредите потоа биле исчистени, спакувани и испратени во Холандија, од каде што биле префрлени во магацини во Германија, а потрошувачите во ЕУ ги купувале преку интернет, каде што се рекламирани како нови.
Полициски единици спроведуваат претреси во 19 европски земји, под сомнение за голема измама поврзана со онлајн продажба на мобилни телефони. Штетата се проценува на околу 300 милиони евра, објави Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (EPPO).
Според EPPO, криминалните групи продале повеќе од милион употребувани мобилни телефони што ги рекламирале како нови.
Од саботата низ цела Европа се извршени повеќе од 160 претреси, а 7 осомничени се уапсени во Австрија, Германија и во Шпанија. Меѓу нив се и двајца наводни водачи на организацијата.
Истражителите се сомневаат дека мобилните телефони биле склопени во Хонг Конг и во Обединетите Арапски Емирати од употребувани делови. Уредите потоа биле исчистени, спакувани и испратени во Холандија, од каде што биле префрлени во магацини во Германија. Потрошувачите во Европската Унија можеле да ги купат преку интернет, каде што биле рекламирани како нови. Се верува дека повеќе од еден милион од овие уреди се продадени од 2018 година до сега.
Осомничените се обвинети и за даночно затајување преку фиктивни компании во земјите-членки на ЕУ и во Швајцарија. Според EPPO, повеќе од 30 милиони евра ДДВ се избегнати во неколку земји, од кои најмалку 25 милиони евра во Германија.
Главен фокус на операцијата беше германската покраина Северна Рајна-Вестфалија. Во градот Крефелд беше претресен магацин во индустриска зона, во кој се наоѓале помеѓу 10.000 и 15.000 мобилни телефони.
Во операцијата учествувале 1.770 даночни, царински и полициски истражители, соопшти EPPO.
Претресите се извршени во Германија, Австрија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Кипар, Естонија, Финска, Италија, Латвија, Литванија, Луксембург, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Шпанија, Швајцарија и во Холандија.