МЕТОДОЛОГИЈАТА ЗА ПРЕСМЕТКА НА ПЕНЗИИТЕ ТРЕБА ДА СЕ МЕНУВА Мемов вели дека државата треба да стимулира плаќање на придонесите
Според директорот на фондот за ПИОМ, суштината на проблемот е во тоа што постојната методологија не го вреднува во доволна мера реалниот вкупен придонес на осигуреникот во текот на работниот век.
Директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување Никола Мемов, се залага за нова методологија за пресметка на пензиите.
Мемов во гостувањето во емисијата „Топ Тема“ на телевизија Телма посочи дека една од клучните слабости што се детектирани во изминатиот период е токму методологијата за пресметка на пензиите, која, според анализите на Фондот, не создава доволен мотив за редовно и целосно плаќање на придонесите.
– Суштината на проблемот е во тоа што постојната методологија не го вреднува во доволна мера реалниот вкупен придонес на осигуреникот во текот на работниот век. Во одредени случаи, системот не создава доволен мотив за плаќање придонеси на реалниот износ на платата. Тоа директно влијае врз приходите на Фондот и затоа е потребно да се подготви ново законско решение – рече Мемов.
Според него, идната формула треба да обезбеди директна врска меѓу реално уплатените придонеси и висината на пензијата, со истовремено задржување на социјално-солидарната функција на државата.
Предлог-концептот што се разгледува предвидува две компоненти – економска и социјално-солидарна компонента. Економската компонента би го земала предвид вкупниот износ на реално уплатените придонеси во текот на работниот век, додека социјалната компонента би обезбедувала дополнителна заштита за лицата кои, и покрај исполнувањето на условите, немаат доволно средства за пензија над определен социјален минимум.
– Треба да се вреднува колку вкупно средства осигуреникот уплатил во системот, тие средства да се ревалоризираат и целосната уплата да влијае врз висината на пензијата. Тогаш нема да биде исто дали некој уплаќал 15 или 40 години, ниту дали уплаќал придонеси на ниска или на висока плата – рече Мемов.
Тој рече и дека сегашната стапка на придонес за пензиско осигурување е пониска во споредба со претходните периоди.
Од вкупната стапка од 18,8%, 12,8% се наменети за првиот пензиски столб, додека 6% се издвојуваат за вториот столб.
– Потребно е да се размислува за постепено зголемување на висината на придонесот, на пример за 0,5 до 0,6 процентни поени годишно, во дијалог со работодавачите и стопанските комори. Целта треба да биде да се обезбеди поголема финансиска стабилност на системот, без нагло зголемување на товарот врз работодавачите и вработените – рече Мемов.
Тој посочи дека реформата на пензискиот систем мора да биде насочена кон долгорочна финансиска одржливост, правичност меѓу генерациите, поголема поврзаност меѓу уплатените придонеси и остварените права и зачувување на социјалната функција на државата.
– Пензионерскиот систем мора да биде систем во кој граѓанинот има јасна врска меѓу она што го уплаќа во текот на работниот век и она што го добива како пензија. Истовремено, државата мора да обезбеди заштита за оние граѓани на кои им е потребна социјална поддршка. Само со ваков пристап можеме да создадеме систем кој ќе биде и правичен и финансиски одржлив – заклучи директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов.
Во однос на актуелното усогласување на пензиите, директорот на Фондот појасни дека законската рамка се применува и дека септемвриското усогласување се врши согласно постојниот модел.
– Законот се почитуваше и претходно и сега. Линеарното зголемување беше направено согласно законски измени, во два наврати по 2.500 денари и во два наврати по 1.000 денари. Сега усогласувањето е согласно постојниот закон и швајцарската методологија – 50% според растот на платите и 50% според трошоците на живот – објасни Мемов.
Според податоците презентирани од директорот на Фондот, септемвриското усогласување е околу 3% што претставува дополнителни околу 350 милиони денари месечно за исплата на пензиите.
Вкупниот износ за исплата на пензиите, кој во август изнесувал околу 9,65 милијарди денари месечно, по усогласувањето ќе достигне околу 10 милијарди денари.
Мемов посочи дека во периодот од септември 2024 до март 2026 година, пензиите кумулативно се зголемени за 7.000 денари месечно по пензионер.
– Минималната пензија во август 2024 година изнесуваше 13.192 денари, а просечната 21.217 денари. По зголемувањето од 7.000 денари, минималната пензија изнесува 20.835 денари, додека просечната е близу 29.000 денари. Тоа значи дека минималните пензии се зголемени за околу 61 процент, а просечната пензија за околу 39 проценти во однос на август 2024 година – рече Мемов.