ФРАНЦИЈА ГО НАПУШТА WINDOWS НА МИЛИОНИ КОМПЈУТЕРИ Европа бара излез од американската технолошка инфраструктура
Сè започна кога Мајкроофт, по извршната наредба на претседателот на САД Доналд Трамп во февруари 2025 година, го блокираше пристапот до е-пошта на главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, Карим Кан, кој потоа се префрли на швајцарскиот сервис за мејлови, Proton Mail.
Француските министерства ги финализираат плановите за излез од американската дигитална инфраструктура, а станува јасно дека ова е првиот чекор во поширокото европско преструктуирање на односите со Мајкрософт, Амазон и со Гугл.
Француската меѓуресорска агенција за дигитални работи (DINUM) во април објави директива со која се бара од секое министерство и неговите тела да поднесат план за излез од неевропските дигитални зависности во 8 категории до есента 2026 година: работни станици и оперативни системи, алатки за соработка, антивирусен софтвер, вештачка интелигенција, бази на податоци, виртуелизација, облачна инфраструктура и мрежна опрема.
DINUM, агенцијата што ја координира дигиталната политика низ целата влада, од сајбер безбедноста до јавните набавки на софтвер, самата служеше како пилот-проект, а нејзините вработени беа првите што се префрлија од оперативниот систем Windows на бесплатниот оперативен систем Linux.
Сè започна кога Мајкроофт, по извршната наредба на претседателот на САД Доналд Трамп во февруари 2025 година, го блокираше пристапот до е-пошта на главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, Карим Кан, кој потоа се префрли на швајцарскиот сервис за мејлови, Proton Mail.
Овој инцидент го претвори апстрактниот правен проблем – Законот за облак на САД, во опиплива закана за европските влади. Овој закон му овозможува на Вашингтон пристап до податоците на американските компании, без оглед на нивната физичка локација.
Франција одговори со објава дека ќе изврши миграција на 2,5 милиони работни станици од Windows на Linux. Паралелно најави и премин од Teams, Zoom и Webex на својата домашна платформа Visio до 2027 година.
– Повеќе не можеме да прифатиме дека нашите податоци, нашата инфраструктура и нашите стратешки одлуки зависат од решенија чии правила, трошоци и ризици не ги контролираме – рече Дејвид Амиел, министерот за јавна администрација, сумирајќи ја мотивацијата без дипломатски ублажувања.
Европа троши милијарди на американски сервери
Од април, сликата значително се прошири.
Европската комисија пролетва го претстави таканаречениот пакет за технолошки суверенитет, кој ги обединува предложениот закон за облак и вештачка интелигенција, втората генерација закони за чипови и стратегијата за отворен код.
Комесарката Хена Виркунен, задолжена за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, ја опиша позадината на пакетот велејќи дека „технолошката моќ стана геополитичка“ и дека развојот на европските технологии повеќе не е само прашање на конкурентност, туку и на безбедност и демократија.
Во април, Комисијата, исто така, додели шестгодишен рамковен договор вреден до 180 милиони евра на европски даватели на услуги во облак, оценувајќи ги според нов систем на таканаречени нивоа на SEAL, од SEAL-0, што не подразбира вистински суверенитет, до SEAL-4, што бара целосно европски синџир на снабдување, од чипови до софтвер.
Според Сигреф, француското здружение на ИТ директори, дури 83 проценти од европските трошоци за облак и за софтвер (околу 264 милијарди евра) сè уште одат кај американските компании.
Заштеди со европските решенија
Конкретните бројки почнуваат да доаѓаат од самите миграции, вклучувајќи ги и постарите, добро документирани примери што Париз сега ги цитира.
Тулуз, по преминувањето од Microsoft Office на LibreOffice во 2012 година, заштеди околу еден милион евра во првите 3 години, со трошоци за миграција од 800.000 евра, во споредба со 1,8 милион евра што претходно ги плаќаше за лиценци на секои три години.
Италијанското Министерство за одбрана проектира заштеди од 29 милиони евра на своите 150.000 компјутери.
Германската покраина Шлезвиг-Холштајн, која Париз редовно ја наведува како доказ за изводливост, ќе заштеди повеќе од 15 милиони евра на лиценци до 2026 година со еднократна инвестиција од 9 милиони евра. Министерот за дигитална трансформација Дирк Шредтер ја спореди зависноста од Мајкрософт со зависноста на Европа од рускиот гас.
– Дигиталниот суверенитет е подеднакво важен како и енергетскиот суверенитет – рече Шредтер.
Француската жандармерија, од друга страна, е пример за тоа како ова веќе е успешно направено: нејзините 103.164 работни станици работат на GendBuntu, сопствената дистрибуција на Linux што услугата ја воведе во 2008 година, со годишни заштеди од околу 2 милиони евра за лиценци и намалување на вкупните трошоци за сопственост од околу 40 проценти.
Во февруари 2026 година, DINUM јавно ја истакна жандармеријата како модел на управување за остатокот од државната администрација. Но, критичарите предупредуваат дека за она што требаше речиси две децении постепено воведување тешко може да се повтори во преостанатите министерства за само неколку месеци.
Одговорот на Мајкрософт
Мајкрософт повеќе не молчи за сето ова, како што молчеше во април.
Компанијата објави дека правно ќе ја оспори секоја наредба за суспендирање на услугите во облак за корисниците на европските влади. Ќе го оспори и формирањето европски одбор на директори, составен исклучиво од европски граѓани, за да го надгледува работењето на центрите за податоци во согласност со европското право.
Но, аналитичарите предупредуваат дека ништо од ова не ја менува правната суштина на проблемот: Американскиот закон за облаци е сè уште на сила, Мајкрософт останува компанија со седиште во САД и едноставно нема апсолутна гаранција дека европските податоци никогаш нема да бидат предадени на американските власти.
Исто така, не се согласуваат сите со тоа дека францускиот потег е рационален.
Даниел Кастро, аналитичар во Центарот за иновации на податоци со седиште во Вашингтон, оцени дека директивата на DINUM го става суверенитетот пред секојдневната продуктивност, без никаква објавена анализа на трошоците и придобивките, што, според него, не е случајно, туку намерен избор.
Сеоакм, насоката останува. Во Данска, градовите Копенхаген и Орхус постепено го напуштаат екосистемот на Мајкрософт. Италија, Австрија, а сега и повеќе од 800.000 владини работни станици низ Европа го следат истиот пат што по кој Франција тргна во април.
Разликата е во тоа што она што беа најави пред 5 месеци, сега се претвораат во рокови, бројки и, сè повеќе, во признанија дека нема лесен излез од технолошката инфраструктура на Америка овој септември.