МЕРЦ Е КАТЕГОРИЧЕН ДЕКА ГЕРМАНИЈА ЌЕ УЧЕСТВУВА ВО МИРОВНИТЕ ПРЕГОВОРИ ЗА УКРАИНА Калас потсетува дека таа, Кошта и Фон дер Лајен се претставници на ЕУ
Германскиот канцелар Фридрих Мерц очекува во процесот да биде вклучена истата група Европејци што веќе беше присутна во Абу Даби.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска изјави дека Германија ќе учествува во можните нови преговори за ставање крај на руската војна против Украина, додека лидерите на Европската Унија разговараа за тоа кој треба да зборува во име на блокот.
Според Мерц, преговорите ќе се одржат во наредните недели.
– Германија ќе биде таму, тоа е апсолутно јасно. Ние, се разбира, ќе продолжиме да ги застапуваме заедничките европски интереси и таму – рече Мерц денеска на маргините на самитот на ЕУ во Даблин.
Тој очекува во процесот да биде вклучена истата група Европејци што веќе беше присутна во Абу Даби.
Дискусијата за тоа кој ќе ја претставува Европа во преговорите со Русија повторно се разгоре откако европските претставници не учествуваа директно во разговорите меѓу Русија и Украина со посредство на САД, кои се одржаа претходно оваа недела во Абу Даби. Меѓутоа, делегации од Германија, Франција, Обединетото Кралство, ЕУ и од НАТО беа присутни во Абу Даби.
Американскиот преговарач Џаред Кушнер вчера навести дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да прифати европско вклучување во процесот.
Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи, Каја Калас, ги повика присутните лидери да се придржуваат до сегашните правила на ЕУ, според кои таа, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ја претставуваат ЕУ во прашањата поврзани со надворешната и безбедносната политика.
ПЕСКОВ ГИ РАЗБИ ГЛАСИНИТЕ Москва уште не одлучила дали ќе ги пушти Европејците на масата