СЕДЛОСКИ НАПРАВИ „ЗЕМЈОТРЕС“ ВО СОСТАВОТ Осум промени, Барди на клупа против Словенија
По поразот од Швајцарија, селекторот направи дури осум промени во стартните 11, а во составот останаа само Димитриевски, Гаштаров и Елмас.
Селекторот Гоце Седлоски направи голем рез во стартниот состав на Македонија за вечерашниот натпревар против Словенија во Љубљана во второто коло од Лигата на нации.
Само три дена по убедливиот пораз од Швајцарија со 0-3, Македонија ќе истрча со дури осум нови фудбалери во стартните 11.
Најголемото изненадување е што меѓу стартерите го нема капитенот Енис Барди. Седлоски направи и целосна промена во последната линија, па од првата минута ќе стартуваат Дин Аломеровиќ, Анес Мељиќи, Марио Младеновски и Андреј Стојчевски – четворица фудбалери кои не беа стартери на дуелот со Швајцарија.
Во средниот ред шанса добиваат Матеј Гаштаров, Јани Атанасов и Агон Елези, додека Елиф Елмас повторно ќе биде офанзивната опција зад напаѓачите.
Во нападот Седлоски се одлучи за Азер Омерагиќ и Димитар Митровски.
Стартниот состав на Македонија е: Димитриевски – Аломеровиќ, Мељиќи, Младеновски, Стојчевски – Гаштаров, Атанасов, Елези – Елмас – Омерагиќ, Митровски.
Од составот кој започна против Швајцарија остануваат само Столе Димитриевски, Матеј Гаштаров и Елиф Елмас. Против Швајцарците стартуваа Димитриевски, Бојан Илиевски, Висар Муслиу, Себастијан Херера, Ѓоко Зајков, Гаштаров, Тихомир Костадинов, Енис Барди, Елиф Елмас, Бојан Миовски и Елмин Растодер.
Седлоски уште пред почетокот на овој циклус најави дека ќе ротира и дека повеќе фудбалери ќе добијат шанса, имајќи предвид дека Македонија ја очекуваат четири натпревари во само 11 дена.
По поразот од Швајцарија, Македонија сега ќе се обиде да стигне до првиот позитивен резултат во новото издание на Лигата на нации. Противник е Словенија, која во првото коло одигра 0-0 со Шкотска.
Натпреварот во Љубљана е во рамките на групата Б1, во која покрај Македонија и Словенија се и Швајцарија и Шкотска.