БОБИ ХРИСТОВ ПРОГЛАСЕН ЗА ТЕХНОЛОШКИ ВИШОК ВО ТЕЛМА Телевизијата најавува нова систематизација, ССНМ застана зад новинарот

ССНМ соопшти дека по консултации со правниот тим целосно застанува зад својот член Боби Христов и го повика раководството на ТВ Телма повторно да ја разгледа одлуката.

0

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изрази загриженост поради најавите од ТВ Телма за отпуштање новинари и медиумски работници во рамки на нова систематизација и програма, при што, според Синдикатот, реорганизацијата е насочена кон долгогодишниот уредник и новинар Боби Христов.

Од ССНМ соопштија дека по целодневна комуникација, запознавање со случајот и консултации со својот правен тим, целосно застануваат зад својот член.






Според известувањето доставено до Синдикатот, ТВ Телма започнува процес за прогласување технолошки вишок, заедно со нова програма и прераспределба на работните позиции.

Од ССНМ посочуваат дека особено загрижува тоа што реорганизацијата, според информациите со кои располагаат, е насочена само кон едно лице – долгогодишниот уредник и новинар Боби Христов, чија позиција целосно се укинува и се прогласува за технолошки вишок.

Синдикатот предупредува дека случајот отвора прашања не само за работничките права, туку и за професионалните права и слободата на новинарите, особено затоа што станува збор за искусен новинар со долгогодишна работа во медиумите.

„ССНМ смета дека ваквите сериозни структурни промени во медиумите кои имаат за задача да го штитат јавниот интерес мора да се прават внимателно, според сите законски прописи, но и имајќи ја предвид чувствителноста на состојбата во медиумската сфера“, наведуваат од Синдикатот.

Оттаму дополнително предупредуваат дека ваквата одлука доаѓа во период кога медиумскиот сектор во Македонија се соочува со недостиг на нови кадри, како и на независни новинари со кредибилитет.

ССНМ го повика раководството на ТВ Телма уште еднаш внимателно да ја разгледа одлуката за прогласување технолошки вишок и притоа целосно да ги земе предвид правата на работниците.

Поврзани содржини