ОСТРА РЕАКЦИЈА НА АВМУ КОН НОВИНАРКА ОД СОБРАНИСКИ КАНАЛ КОЈА НАВРЕДИЛА КОЛЕГИ ОД РАДИО Новинарството не е простор за јавно понижување на колегите

АВМУ реагираше на навредите и личните дисквалификации меѓу новинарите. Агенцијата порача дека сомневањата за финансирањето и уредувачката независност на медиумите треба да се разгледуваат со аргументи, а не со навреди.

1

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) реагира откако новинарката на Собранискиот канал Весна Велкова јавно ги нарекла „двајца дебили“ новинарите Љупчо Златев и Драган Милосављевиќ од Радио Лидер.

Златев и Милосављевиќ заедно настапуваат во емисијата „Утринско еспресо“, која се емитува на Радио Лидер.






Во реакцијата Агенцијата се осврнува на квалификациите на Велкова за професионалниот интегритет, финансирањето и мотивите на двајцата новинари.

„Изразите како ‘двајца дебили’, инсинуациите за професионалниот интегритет, финансирањето и мотивите на новинарите, не придонесуваат за конструктивна јавна дебата, туку поттикнуваат дискредитација и нетрпеливост во медиумската заедница“, се наведува во реакцијата на АВМУ.

Агенцијата посочува дека расправите за работата на медиумите не треба да се сведуваат на лични пресметки меѓу нивните вработени.

„Евентуалните сомневања за финансирањето или уредувачката независност на медиумите треба да се отвораат преку аргументирана дебата и соодветни институционални постапки, а не преку лични навреди и дисквалификации“, порачува АВМУ.

Во реакцијата Агенцијата се осврнува и на начинот на кој новинарите јавно ги изразуваат своите меѓусебни несогласувања.

„Новинарството не смее да стане простор во кој несогласувањата се решаваат со етикетирање, навреди и обиди за јавно понижување на колегите“, се наведува во соопштението.

АВМУ ги повика медиумските работници да ги почитуваат професионалните и етичките стандарди, независно од нивните различни ставови.

„Напротив, неопходни се заемна почит, професионална солидарност и доследно почитување на етичките начела“, се наведува во реакцијата.

Поврзани содржини