📽️ „АЛБАНЦИТЕ НЕ ГИ ПУШТААТ ЖЕНИТЕ ДА СЕ БРУКААТ ПО КАФЕАНИ“ Петар Богојески им одржа „лекција“ на македонските мажи
„Концептот“ на лидерот на Македонски концепт за женското прашање, од изјава до изјава, станува сè поскандалозен.
Петар Богојески остана на ставот за машка контрола врз жените и во ново видео им се нафрли на мажите кои го критикуваа. Претседателот на Македонски концепт ги посочи Албанците како пример, тврдејќи дека тие ги контролираат своите сопруги и „не ги пуштаат нивните жени да се брукаат по кафаниве и улициве во Скопје“.
– Вие мажите што ме напаѓате, што мажи сте? – праша Богојески во видеото објавено на 3 ноември.
Потоа ги праша дали им одговара да ги пуштаат ќерките, како што рече, „полуголи пред Силбо“ и дали можат да си ги соберат сопругите од кафеаните.
Во истото обраќање, Богојески изјави дека традиционалното семејство ќе ја спаси нацијата и ја повика Македонската православна црква да се изјасни, повикувајќи се на Библијата и на христијанското учење.
Реакцијата на сопругот ја нарече одбрана на достоинството
Повод за видеото беа реакциите на неговото гостување во „Под лупа“ на ТВ Алфа на 2 ноември. Во дебатата со адвокатката Катерина Котеска, Богојески праша дали неверството на сопругата може да се смета за насилство врз сопругот. За реакцијата на мажот во таков случај рече:
– Тоа неговото не е насилство. Неговото е реакција на заштита на неговото достоинство.
Богојески тврдеше и дека феминизмот ги поттикнал жените да го отфрлат машкиот надзор.
Зборувајќи за однесувањето на жени на настан во „Јуроп хаус“ во Скопје, тој рече:
– Еве ви доказ како се однесува жена без машки надзор.
Кога Котеска го праша кој треба да врши надзор врз неа, Богојески одговори дека тоа е задача и обврска на нејзиниот сопруг.
Воената академија ќе ги разгледа изјавите, Митева од ВМРО-ДПМНЕ ги осуди
Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, каде што Богојески е доцент, ќе ги достави до своите надлежни тела иницијативата и материјалите што ги поднесе новинарот Љупчо Златев, уредник на Радио Лидер. Академијата во одговорот до Златев наведе дека телата ќе ги утврдат фактите и ќе оценат дали Богојески ги повредил професионалните и етичките обврски. Од таа оценка зависи дали ќе има мерки.
Остра осуда стигна и од Марија Митева, портпаролка на Владата и претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ. Нејзината реакција има и политичка тежина, бидејќи Богојески ја претставува својата партија како дел од владејачката коалиција.
– Да се зборува за жената како за личност на која ѝ е потребен надзор е недозволиво – порача Митева.
Таа оцени дека Богојески го релативизира насилството во партнерските односи и дека таквите изјави заслужуваат најостра јавна осуда.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, по увидот во емисијата, оцени дека Богојески го релативизирал и оправдувал насилството врз жените и децата, а нивната подреденост се обидел да ја претстави како традиционална вредност. За водителката, пак, Агенцијата оцени дека постапила професионално, ги преиспитувала неговите тврдења и барала да ги образложи.
Изјавите ги осудија и членките на Извршниот комитет на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ. Генералната секретарка Елена Ивановска порача дека жената има право сама да одлучува за својот живот.
„На жената не ѝ треба машки надзор, ѝ треба почит“, напиша Ивановска.