СМРТНИ ЗАКАНИ, РАСПРАВИЈА И ПРИЈАВА ПРЕД ТРАГЕДИЈАТА ВО БОГДАНЦИ Девојката успеала да избега од прозорец, минувачи ѝ помогнале
Таткото на 17-годишната девојка пријавил дека нејзиното момче физички ја нападнало, ѝ се заканувало и ѝ го оштетило телефонот за да не повика полиција.
Смртни закани, физички напад, оштетен телефон и бегство низ прозорец ѝ претходеле на трагедијата кај Богданци. На 3 октомври во запален автомобил било пронајдено тело на 17-годишна девојка, а нејзиното момче било пронајдено мртво покрај возилот.
Според новото соопштение на МВР, 21-годишното момче на 1 октомври ѝ се заканувало на својата 17-годишна девојка дека ќе ја убие ако го напушти, а таа тогаш успеала да избега низ прозорец и да добие помош од случајни минувачи.
Случајот го пријавил таткото.
„На 01.10.2026 во 01:30 часот од страна на Џ.К.(46) во Гевгелија е пријавено дека на 30.09.2026 околу 21:00 часот по претходна вербална расправија помеѓу неговата 17-годишна ќерка и В.Г.(21) кои биле во љубовна врска, во семејната куќа на В.Г. во Богданци, физички ја нападнал неговата малолетна ќерка и ѝ биле упатувани закани по живот, доколку си замине од куќата, при што В.Г. ѝ го оштетил мобилниот телефон со цел да не може да повика полиција“, соопшти МВР.
Во полициското соопштение се опишува и бегството.
„Во даден момент малолетничката успеала преку прозорецот да се оддалечи од куќата, при што ѝ била пружена помош од случајни минувачи кои повикале полиција и истата била пренесена во Итна медицинска помош при ЈЗУ Општа болница Гевгелија“.
Истиот ден, од страна на полициски службеници од ОВР Гевгелија на 01.10.2026 во 01:09 часот В.Г.(21) бил лишен од слобода и извршен бил службен разговор.
Подоцна, на 14 октомври 2026 година против 21-годишникот била поднесена кривична пријава за „телесна повреда“.
Запалениот автомобил беше пронајден на 3 ноември кај местото „Ичева чешма“. Покрај возилото лежело безживотното тело на 21-годишниот В.Г., додека во неговата внатрешност било откриено уште едно, целосно опожарено тело.
Телата се предадени на обдукција, а се утврдуваат и околностите под кои избувнал пожарот.
17-ГОДИШНА ДЕВОЈКА Е ЖРТВАТА ВО ЗАПАЛЕНИОТ АВТОМОБИЛ Нови детали за трагедијата кај Богданци