НАДЛЕЖНИТЕ ТЕЛА ЌЕ ГИ ИСПИТААТ СТАВОВИТЕ НА ПЕТАР БОГОЈЕСКИ Воената академија ја прифати иницијативата на новинарот Љупчо Златев
Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ одговори на иницијативата поднесена од уредникот на Радио Лидер, Љупчо Златев во врска со јавните настапи и контроверзните ставови на доц. д-р Петар Богојески, кој е вработен во Академијата.
Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје официјално одговори на иницијативата поднесена од уредникот на Радио Лидер, Љупчо Златев, во врска со јавните настапи и контроверзните ставови на доц. д-р Петар Богојески. Од институцијата потврдуваат дека доставените иницијативи и материјали ќе бидат упатени на разгледување до надлежните тела, кои ќе утврдуваат дали постојат повреди на професионалните и етичките обврски, објави Радио Лидер.
Во одговорот испратен до уредникот на Радио Лидер, Воената академија нагласува дека академската слобода и слободата на изразување не ја исклучуваат професионалната и етичката одговорност на вработените.
„Во таа насока, доставените иницијативи и материјали ќе бидат упатени на разгледување до надлежните тела на Академијата, со цел утврдување на релевантните факти и оценување на евентуалното постоење повреди на професионалните и етичките обврски“, се наведува во официјалниот одговор.
Особено значаен дел од одговорот е појаснувањето дека Етичкиот кодекс на Воената академија предвидува механизми за институционално постапување во вакви ситуации.
„Согласно Етичкиот кодекс, предвидени се можности за укажување, формално оградување од јавни ставови и иницирање соодветна постапка пред надлежниот работодавец, доколку за тоа постои правна основа“, посочуваат од Академијата.
Сепак, од институцијата нагласуваат дека секоја евентуална мерка ќе мора да се темели на утврдени факти, непристрасна постапка и почитување на правата на засегнатите лица.
Воената академија јасно се дистанцира од личните политички и идеолошки ставови на своите вработени.
„Академијата јасно нагласува дека јавните настапи и ставови на нејзините вработени, изнесени во лично својство, не претставуваат официјални позиции на институцијата, доколку лицето не е овластено да настапува во нејзино име. Воената академија не се поистоветува со личните политички, идеолошки или други ставови на своите вработени. Воената академија ја уверува јавноста дека доставените иницијативи нема да останат без институционално разгледување и дека, по завршувањето на постапувањето, јавноста ќе биде информирана за донесените заклучоци и преземените мерки, во рамките на законските можности“, стои во одговорот.
Од институцијата дополнително нагласуваат дека заштитата на нејзиниот углед, довербата на јавноста и достоинството на академската и воената професија претставуваат трајни институционални обврски.
Иницијативата на уредникот на Радио Лидер следува по јавните настапи на Петар Богојески, кои предизвикаа реакции во јавноста, особено по неговото гостување во емисијата „Под лупа“ на ТВ Алфа.