„КРИМ ЌЕ СТАНЕ ОСТРОВ“ Украински министер најави нова фаза од војната?

Изгледа дека Крим наскоро ќе се претвори во остров, вели министерот за одбрана на Украина алудирајќи на украинските напади со дронови кои, според него, веќе ги нарушуваат руските линии за снабдување.

64

Украинскиот министер за одбрана Михајло Федоров изјави дека Киев има јасна цел, преку напади со беспилотни летала да ги пресече руските линии за снабдување и да го изолира Крим.

– Изгледа дека наскоро Крим ќе се претвори во остров – рече Федоров во интервју за јутјуб-каналот „Пресинг“.






Според него, нападите врз транспортната и логистичката инфраструктура отвориле нов „прозорец на можности“ за Украина.

– За Русите започнува пекол со кој многу тешко ќе можат да се справат – изјави министерот.

Тој оцени дека нарушувањето на снабдувањето веќе влијае врз интензитетот на руските операции на фронтот.

Осврнувајќи се на летната туристичка сезона, Федоров саркастично порача дека годинава на Крим ќе пристигнуваат „нашите дронови“.

Министерот додаде дека украинските власти во првите четири месеци од годината набавиле повеќе беспилотни летала отколку во текот на целата мината година.

Русија го анектираше Крим во 2014 година, потег што Украина и поголемиот дел од меѓународната заедница не го признаваат.

Поврзани содржини