НЕМА ДА СЕ ТОЛЕРИРА ЗАНЕС ВО ПРИВИЛЕГИИТЕ ШТО ГИ НОСИ ВЛАСТА Мицкоски почнува да работи на реконструкција на Владата

Сите отстапувања прецизно ги нотирам и ќе има промени. Тие промени треба да ги подобрат капацитетите и да го дадат максимумот од секој поединец. Сакам секој од вас да остане посветен на народот, достапен и чесен – рече Мицкоски.

0

Премиерот и претседател на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва од Струмица на одбележувањето на 36 години од постоењето на партијата се осврна и на претстојната реконструкција на Владата и порача дека сите отстапувања прецизно ги нотира, ќе има промени, како и дека нема да толерира занесување во привилегиите што ги нуди власта.

Нагласи дека од од утре ќе почне да работи на оваа тема, откако во финиш се екипирањето и промените во партијата, каде што има над 30 проценти нови претседатели на комитети, а следуваат и нови претседатели на Унијата на жени и на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.






– Морам да кажам дека кога станува збор за Владата, многу прецизно го детектирам и следам феноменот што дел од ешалоните скршнуваат од она што треба да биде кодекс на однесување и принципи на Владата. Очигледно има и такви на кои фотелјата им стана помила од контактот со народот. Добивам поплаки дека дел од министрите и директорите се недостапни за народот, а има и такви на кои приватните патувања им станаа помили од посетата на селата и градовите. Заборавија од каде дојдовме и како започнавме – рече Мицкоски.

Истакна дека пред осум години почнал токму од Струмица, кога станал претседател на ВМРО-ДПМНЕ, со посета на месните комитети, со еден партиски автомобил, кој неретко се расипувал, со една наследена и истрошена камера и со двајца-тројца луѓе околу него. Но желбата за успех, додаде, била голема.

– Ова време не треба да го заборави никој. И ова е порака дека нема да толерирам занес во привилегиите што ги нуди власта. Ние сме овде да му служиме на народот. Чистиот образ тешко се одржува, а лесно се губи. Кога јас можам да одговорам во текот на денот на стотици луѓе, сигурен сум дека тоа го може секој министер или директор. Да, не е лесно, но на народот му е потешко и не сакам изговори. Моите соработници ми велат: „Претседателе, многу сте меки во вашиот карактер.“ Точно е. Јас на човек скоро и да не сум му повишил тон. Мојот праг на толеранција е огромен, кон секого се однесувам со почит и разбирање, што е и моја домашна култура, но тоа не значи, никако не значи, дека сум наивен и дека ќе толерирам несовесност и скршнување од принципите – истакна Мицкоски.

Тој додаде дека не прифаќа оправдувања од ниту еден именуван функционер дека е уморен, а на уморните им порача дека е чесно само да си заминат.

– Сите отстапувања прецизно ги нотирам и ќе има промени. Тие промени треба да ги подобрат капацитетите и да го дадат максимумот од секој поединец. Сакам секој од вас да остане посветен на народот, достапен и чесен – рече Мицкоски.

Тој додаде дека не тие се тркаат со опозицијата, бидејќи, како што посочи, таа не им е репер, како и дека го чувствува нивниот страв од избори.

– Што се однесува, пак, до нашите противници, го чувствувам нивниот страв од избори. Ова е единствената опозиција во светот која не сака избори. Кога ќе се спомнат избори, ги фаќа уплав. Држат прес-конференции, лажат, манипулираат. Се претворија во аналитика на Бирото за јавни набавки… Јас сега ќе работам на реконструкцијата на Владата, но од опозицијата треба да внимаваат што изјавуваат во однос на изборите, затоа што може и да им се оствари она што декларативно го зборуваат. Кога го гледам овој народ овде, пораката е јасна: ние сме подготвени. Подготвени сме за секое сценарио – порача Мицкоски.

Поврзани содржини