🎥 📷 ИМАМЕ ЧЕСТ И ПРИВИЛЕГИЈА ДА ГО ПРОДОЛЖИМЕ АМАНЕТОТ НА ВМРО Пораки на Мицкоски од прославата на 36 години од основањето на ВМРО-ДПМНЕ

Пред 36 години беше создадена идеја која стана симбол на борбата за слободна, независна и достоинствена Македонија. Идеја која ги обедини сите оние кои веруваа дека оваа држава има право на сопствен пат, на сопствен глас и на сопствена иднина. Денес, 36 години подоцна, го одбележуваме патот што заедно го изодевме – реше Мицкоски.

157

Околу 20 илјади граѓани, поддржувачи, симпатизери, како и голем број партиски активисти и функционери, јавни личности, пратеници, министри и други владини функционери, вечерва во Струмица прославуваа 36 години од основањето на партијата.

Централната роденденска прослава се одржа на стадионот „Младост“ во Струмица, каде беше поставена спектакуларна бина, на која настапија бројни македонски уметници, со препознатливи, патриотски македонски песни. Беше прикажан документарен филм, за почетоците на историската ВМРО, како и документарен филм за основањето и развојот на современата партија ВМРО-ДПМНЕ.






Во пригодниот документарец за историското ВМРО беа користени фотографии од историски личности, анимирани со алатките на вештачка интелигенција. Вториот документарец содржеше архивски снимки од почетоците на партијата ВМРО-ДПМНЕ и нејзината борба за самостојна и независна Македонија.

По завршувањето на културно-уметничкиот дел на настанот, Мицкоски одржа говор во кој се осврна на историјатот на создавањето на Македонската револуционерна организација, низ сите нејзини фази, од основањето, илинденскиот и поилинденскиот период, периодот на голема внатрешна криза и борба на различните крила на партијата, се до повоениот период и страдањето на приврзаниците на идеалите на ВМРО од комунистичките служби УДБА и ОЗНА.

– Првата фаза, од основањето 1893 година до 1905 година била времето на подемот и единството на Организацијата, кога таа во своите редови ги обединила македонските револуционери со различни идеолошки гледишта и ставови кои воопшто не биле доминантни во споредба со идејата за создавање на автономна Македонија. Слободата на Македонија била обединувачката алка за сите револуционери, а авторитетите на Гоце Делчев, Даме Груев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Јане Сандански, Христо Татарчев биле поттикнувачки фактор за масовноста на ВМРО и нејзиното ширење на целата територија на Македонија”, рече Мицкоски, додавајќи дека освен Македонци, во ВМРО се зачленувале и луѓе од други народи кои ја прифатиле идејата на Организацијата за создавање на автономна македонска држава.

Втората фаза во историјатот на ВМРО, од Рилскиот конгрес до завршување на Првата светска војна во 1918 година е период на внатрешни поделби, непријателства, но и дилеми по кој пат да тргне Организацијата. Состојбите се влошувале и заради балканските пропаганди кои се заканувале да дејствуваат погубно врз постоењето на ВМРО. Се создале два спротивставени табори во организационите редови: на едната страна Јане Сандански и Димо Хаџи Димов кои се залагале за децентрализација на ВМРО и постепена преобразба за време на Младотурската револуција во легален политички субјект, а на другата страна Христо Матов и Тодор Александров со своите приврзаници кои барале да се продолжи со оружената револуционерна борба со цврста централизираност во внатрешната поставеност на Организацијата – истакна претседателот Мицкоски.

И покрај поделбата на две теченија, рече Мицкоски, расправиите и фракционерските борби и создавањето на неколку различни организации и една политичка партија кои произлегле од самата ВМРО, без разлика на полемиките и различните мислења во македонската историографија, останува фактот дека и во тие тешки времиња Организацијата опстанала на историската сцена и под нејзиното име продолжила да дејствува и во времето до завршувањето на Првата светска војна.

Третата фаза на дејствувањето на ВМРО, рече Мицкоски, е временски најдолга, од 1919 година до расформирањето на ВМРО на 19 мај 1934 година.

Мицкоски направи осврт и на жестокиот политички прогон на партијата во поново време, во 2017 година, кој кулминирал со барањето да се смени името на партијата, односно да не се користи името ВМРО. Но, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ ја демонстрирало својата издржливост, и праша „каде се сега тие што поставуваа такви барања“.

– На овој роденден сакам да посочам дека ова е сведоштво дека една идеја родена пред 36 години продолжува да живее, да расте и да се развива. Ова е доказ дека кога една политичка организација е создадена од народот, за народот и во служба на народот, тогаш ниту времето, ниту предизвиците, ниту нападите не можат да ја скршат. Вечерва ја славиме истрајноста. Ја славиме вербата, надежта и љубовта кон Македонија – рече Мицкоски.

Мицкоски се наврати и на улогата и значењето на ВМРО-ДПМНЕ за извојувањето на самостојноста на Македонија, и излегувањето од југословенската федерација. Тој се заблагодари на сите активисти и политичари кои придонеле за тој подвиг, како и за формирањето на партијата на 17 јуни 1990 година. Затоа, рече Мицковски, ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе ја продолжи таа идеја.

Мицкоски истакна дека идејата родена пред 36 години продолжува да живее, да расте и да се развива.

– Во овие 36 години имаше многу тешки моменти. Имаше порази, имаше неправди, имаше разочарувања, имаше моменти кога многумина мислеа дека е полесно да се откажеш отколку да продолжиш понатаму. Но секогаш кога некој мислеше дека сме паднале, ние станувавме посилни. Секогаш кога некој мислеше дека сме поразени, народот ни даваше нова сила. Секогаш кога некој сакаше да ја оттурне Македонија назад, се појавуваа луѓе кои беа подготвени да водат, да поведат напред” истакна Мицкоски.

Понатаму Мицкоски зборуваше за актуелните политички теми, патот на Македонија кон Европа и односите со опозицијата.

Мицкоски нагласи дека разликата е јасна, опозицијата мисли дека се родени за да бидат на власт, а ние од ВМРО-ДПМНЕ сметаме дека сме предодредени да работиме и се жртвуваме за својот народ, граѓаните, каузата и татковина.

– И јасно се отцртува границата и разликата. Тие од опозицијата мислат дека се родени за да бидат на власт, ние од ВМРО-ДПМНЕ сметаме дека сме предодредени да работиме и се жртвуваме за својот народ, граѓаните, каузата и татковина. Затоа и нашата сила доаѓа од народот. Тоа е така сега, но тоа така било и низ вековите. Нашата задача е борба во она што веруваме и се додека сме силни обединети и правиме добро за државата тогаш татковината ќе има сила” нагласи Мицкоски.

Тој уште еднаш упати порака „до секој еден во Европската престолнина во Брисел“, дека местото на Македонија е таму, на масата со нив, како полноправна членка на Унијата, но тоа нема да биде спринт или кратка трка, туку маратон, зашто, како што рече, мора да го исправиме предавството што го извршила претходната, најкорумпирана влада на Македонија.

Мицкоски зборуваше и за работата и она што е постигнато од владата на ВМРО-ДПМНЕ во нејзиниот последен мандат.  Тој ја најави и реконструкцијата на владата. Притоа упати остри критики до, како што ги нарече, дел од ешалоните на власта, кои скршнале од зацртаните принципи и на кои како што рече, фотелјите им станале помили од работата, и дека станале несдостапни на народот.

– И потполно сум свесен дека има и такви кои ќе речат дека сето она што го правиме е недоволно. Дека може повеќе. Дека трпението е помало, затоа што проблемите кои ги наследивме се многу пoголеми. Морам да се согласам со нив и да кажам дека ги разбирам. Но не барајте од мене да не кажувам вистина, или да не бидам искрен. И би сакал, да имам, но немам магично стапче со кое преку ноќ ќе ги решиме проблемите создавани со децении. А тие кои го ветуваа тоа, видовме како завршуваа, со голем дебакл и уште поголемо разочарување. Можам јас да кажам дека правиме чекори напред. Мали, можеби не толку големи, но сигурни, и покрај стотиците, илјадниците проблеми кои ни се оставени, и покрај тоа што камен на камен не беше оставено, и се беше уништено, секоја жртва и енергија за заедничката иднина на граѓаните е достојна и ќе биде дадена. Затоа што Македонија забрзува и тие мали чекори во времето кое доаѓа ќе бидат уште поголеми чекори но сигурни – нагласи Мицкоски.

Поврзани содржини