КОВАЧЕВСКИ ФРЛА ОГРОМНИ ПАРИ НА ФЕЈСБУК! Премиерот троши по 200 евра дневно за лична промоција

Од профилот на премиерот Димитар Ковачевски во последниве три месеци се потрошени 18.680 евра за бустирање на неговите објави на Фејсбук, односно за рекламирање на неговите содржини.

462

За промовирање на објавите на премиерот Димитар Ковачевски и на неговата партија СДСМ се трошат огромни суми пари месечно на социјалните медиуми, Фејсбук, Инстаграм и други, покажува базата на реклами на компанијата Мета, во чија сопственост се овие социјални медиуми.

Преку оваа алатка може да се истражуваат, филтрираат и да се преземаат податоци за рекламите за социјални прашања, избори и политика, можат да се проверуваат вкупните трошоци на одредени огласувачи и податоци за трошење по географска локација.






Од профилот на премиерот Димитар Ковачевски во последниве три месеци се потрошени 18.680 евра за бустирање на неговите објави на Фејсбук, односно рекламирање на неговите содржини. Овие рекламирања ги нарачал и платил СДСМ.

Само во последниов месец за промовирање објави од профилот на Ковачевски се потрошени 6.122 евра. За промовирање на содржини од профилот на неговата партија СДСМ за еден месец се потрошени 2.683 евра, а за последните три месеци 10.683 евра.

Премиерот објавува и спонзорирани статуси кои ги плаќа Владата на Република Македонија, со кои најчесто се промовираат убавините на Македонија, нејзината кујна, вина, туристичката понуда на земјава и слично.

Како нарачатели на спонзорирани реклами се јавуваат и министри од владата, како што се вицепремиерите Бојан Маричиќ (411 евра месечно) и Фатмир Битиќи (354 евра), министерот за земјоделие Љупчо Николовски (229 евра) и министерката за култура Бојана Костадиновска Стојчевска, која е шампион во „поединечна конкуренција“ со потрошени 466 евра месечно за платена промоција на личните објави на својот профил на Фејсбук. Тие, според аналитичката база на „Мета“, сами си ги нарачуваат и си ги плаќаат објавите.

Спонзорирањето содржини на социјалните медиуми го практикуваат и другите политички субјекти, иако со многукратно помали износи. Така, на пример, вкупно во последниве три месеци (90 дена) за рекламирање на своите објави ВМРО-ДПМНЕ потрошило 1.029 евра, Левица 575 евра, а партијата Демократи дури 3.091 евра. За споредба, износот што го потрошила ВМРО-ДПМНЕ за три месеци, Ковачевски сам, без СДСМ, го троши за 5 дена!

Платената промоција или фамозното бустирање на Фејсбук го зголемува опфатот на публиката до која ќе допре одредена објава, односно „ричот“ (досегот) на објавата. Рекламирањето на политичките партии на социјалните мрежи не е регулирано со изборните закони во Македонија. Со оглед на тоа што социјалните мрежи веќе се именуваат како „социјални медиуми“, сѐ почесто се поставува прашањето дали законското ограничување на партиските кампањи треба да ги опфати и нив.

Изборниот законик, Законот за антикорупција и Кодексот на Владата забрануваат политичко рекламирање надвор од законски уредените кампањи со цел да спречат злоупотреби на ресурсите од именувани и избрани функционери кои имаат моќ и пристап до државните финансии, но и за да спречат дисторзија во јавната дебата која што треба да се базира на аргументирана комуникација од страна на политичките водечки чинители. Со плаќање одредени објави на социјалните медиуми во јавноста може да се предизвика непропорционално присуство или гласност на поддржувачи или критичари на одредена идеја, став или мислење.

Во Македонија со закон е забрането владино рекламирање во медиумите. Во моментов постои иницијатива за измени во законот, со кои владиното рекламирање би се дозволило доколку е од јавен интерес. Тоа наидува на поддршка главно од телевизиите, додека новинарските здруженија и организации се залагаат за други иницијативи.

Во врска со рекламирањето на премиерот Ковачевски на социјалните медиуми испративме прашања до владината Служба за односи со јавноста, но до објавувањето на текстот не добивме одговор.

Поврзани содржини