ИЗРАЕЛ ОТВОРА НОВ ФРОНТ – ОВОЈПАТ ПРОТИВ ТУРЦИЈА! Предизборна игра на Натанјаху или долгорочна стратегија?

Израелскиот премиер ја обвини Анкара дека гради воено влијание во Сирија, додека Турција ги отфрла обвинувањата и Вашингтон се обидува да спречи ескалација.

2

По повеќе од две години воени операции против непријателите на Израел низ Блискиот Исток, премиерот Бенјамин Нетанјаху сè поотворено го насочува вниманието кон нов противник – Турција, во време кога се приближуваат парламентарните избори во Израел на 27 октомври.

Израелската армија во вторникот изведе осум воздушни напади врз базата Ебу ал-Духур во сириската провинција Идлиб, во близина на турската граница. Израел соопшти дека целта била да се спречи планирано распоредување турски сили во базата, што, според Нетанјаху, би претставувало закана за безбедноста на Израел.






– Ја предупредивме Турција. Тие ги игнорираа нашите предупредувања и затоа се погриживме да разберат појасно – изјави Нетанјаху.

Турција, меѓутоа, категорично ги отфрла овие тврдења. Анкара соопшти дека израелските обвинувања се обид да се оправда нападот врз сирискиот суверенитет, а турското Министерство за одбрана дополнително нагласи дека во базата немало турски војници.

Нападот предизвика загриженост и во Вашингтон. Американскиот специјален пратеник за Сирија Том Барак го оцени како непотребна ескалација, додека САД работат на воспоставување механизам за спречување инциденти меѓу Израел, Турција и Сирија.

Дополнителен показател дека Израел сериозно ја следи турската активност во Сирија е разговорот на шефот на Мосад, Роман Гофман, со сирискиот министер за надворешни работи Асад ал Шибани на 14 август. Според извори на Ројтерс, тие разговарале токму за турското воено присуство, продажбата на оружје и испораката на дронови за сириските сили. Разговорот се случил само неколку дена пред израелскиот напад.

Тензиите меѓу Израел и Турција се зголемуваат и поради војната во Газа. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е меѓу најжестоките критичари на израелската офанзива, а Анкара ги прекина трговските односи со Израел. Ердоган истовремено му дозволува на раководството на Хамас да престојува во Турција.

Нетанјаху, пак, ја претвора Турција и во дел од својата изборна кампања. На билборди во Израел се појави фотографија на Ердоган заедно со други противници и критичари на израелскиот премиер, под пораката: „Тие сакаат Нетанјаху да загуби“.

Овој потег предизвикува критики и во Израел. Опозицискиот лидер Јаир Голан го оцени нападот во Сирија како „провокативен и опасен“, предупредувајќи дека Израел може да биде вовлечен во конфронтација со Турција и да ги продлабочи несогласувањата со САД.

Турција, за разлика од Иран и другите земји со кои Израел директно се судри во последните години, е членка на НАТО и има блиски односи со американскиот претседател Доналд Трамп. Токму затоа евентуалната понатамошна ескалација носи многу поголем дипломатски ризик за Нетанјаху.

Во позадината е и борбата за влијание врз нова Сирија. Турција е еден од главните поддржувачи на претседателот Ахмед ал Шара, чии сили кон крајот на 2024 година го соборија Башар ал Асад. Анкара сака стабилна Сирија, обновување на економијата и враќање на сириските бегалци, но и силен сојузник во регионот.

Израел, пак, стравува од создавање силно турско воено и политичко влијание непосредно до неговите граници. Така, по падот на Асад, Сирија се претвора во ново поле на натпревар меѓу две регионални сили кои некогаш имаа развиени односи, а денес се сè поблиску до директен судир.

Поврзани содржини