ЃОКОВИЌ РАСКАЖА ЗА НОЌТА КОГА БЕГАЛ ОД БОМБИТЕ НА НАТО „Паднав, викав помош, но никој не ме слушна“
Светскиот тениски ас во новиот документарецот „The Wolf in Winter“, меѓудругото, зборува за тоа како како 12-годишно момче го доживеал НАТО бомбардирањето и како неговите родители позајмувале пари, дури и од криминалци, за да му овозможат да игра тенис
Новак Ѓоковиќ ја отвори душата за еден од најтешките периоди од својот живот и своето детство – времето на НАТО бомбардирањето на тогашна Сојузна Република Југославија во 1999 година, за стравот во кој живеело неговото семејство и за огромните финансиски жртви што неговите родители ги правеле за тој да продолжи да тренира тенис.
Ѓоковиќ за тоа зборува во новиот документарен филм „Novak Djokovic: The Wolf in Winter“, објавен во пресрет на Ју-Ес опен. Во март 1999 година, само неколку недели пред неговиот 12. роденден, тој со семејството морал да го напушти станот во Белград додека низ градот одекнувале експлозии.
Една од ноќите никогаш нема да ја заборави. Зградата во која живеело семејството немала засолниште, па морале да трчаат кон друга зграда. Било два или три часот наутро, темно и врнежливо, а луѓето во паника се обидувале да ги спасат своите животи.
– Се сопнав и паднав. Ја видов мојата фамилија како трча 12-15 метри пред мене. Се обидов да викам: ‘Помош, помош’. Не ме слушнаа и продолжија да трчаат. Го видов авионот како фрла две бомби врз блиската болница. Стоев на дождот сам и во темница – вели Ѓоковиќ.
Неговиот брат Марко исто така се потсетил на воените години и стравот со кој семејството секојдневно живеело. Како дете, вели, тешко можел да разбере дека нешто такво навистина може да се случува.
– На почетокот беше хорор приказна. Не можете ни да замислите како мало дете, дека нешто такво може да се случи. Навечер само се криевме во малата куќа во која живеевме. Во некој агол, сите заедно, само се молиш ништо да не се случи – рекол Марко.
Но, дури и во тие околности, Новак не се откажал од тенисот. Во есента 1999 година, како талентиран јуниор, ја напуштил Србија и заминал во Минхен, каде што продолжил да се развива во академијата на хрватскиот тенисер Никола Пилиќ.
За неговото семејство тоа било огромен финансиски товар. Во период кога целата земја се соочувала со сериозни економски проблеми, неговите родители морале да позајмуваат пари за да му ја овозможат кариерата.
– Беше исклучително тешко да се поднесат сите финансиски барања, особено затоа што тенисот е еден од најскапите спортови. Целата земја економски се бореше, луѓето бараа засолниште и се обидуваа да ги спасат своите животи. Тенисот не им беше ниту на крај памет – се присетува Ѓоковиќ.
Најшокантниот дел од неговото сведоштво е откритието дека неговиот татко Срѓан во еден период морал да позајмува пари и од луѓе од криминалното милје.
– Поголемиот дел од времето парите ги позајмувавте од многу погрешни луѓе. За жал, тоа беа криминалци, а сè што имавме одеше за враќање на долговите – вели Ѓоковиќ.
Еден разговор со татко му особено му останал во сеќавање. Во еден момент тој проценил дека Новак е доволно возрасен за да сфати колку била сериозна ситуацијата. Го собрал семејството, извадил десет германски марки и им рекол дека тоа е сè што им останало.
– Ми рече дека ќе направи сè за да го остварам својот сон, но од мене бараше една работа – да бидам сто отсто посветен на тенисот. Ако забележи дека не сум, сè ќе заврши – раскажува Ѓоковиќ.
Тој смета дека токму таквите околности го натерале да созрее многу порано од своите врсници. Иако бил само дете, чувствувал одговорност која далеку ја надминувала неговата возраст.
– Морав да станам посериозен, поцврст и постабилен, повеќе маж отколку момче. Имав чувство како на 13 години да морам да бидам родител. Повеќе не можев слободно да ги покажувам чувствата, иако всушност сè уште бев дете – открива тој.