КОБИЛА СЕ ОЖДРЕБИ СРЕДЕ ИЛИНДЕНСКА Животните се пренесени во зоолошката градина

Според објавата на градоначалникот на Скопје животните се сместени во карантин, каде што ќе ја добијат потребната нега и стручен третман.

43

Кобила утрово се ождреби на улица во Скопје, а активистка сама се обидувала да го пренесе ждребето на безбедно место додека другите присутни на настанот само снимале со телефони. Кобилата  заедно со новороденото ждребе, е преземена од екипите на ЗОО Скопје и сместена на безбедно место.






Реагираше и градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, која на објава на Фејсбук информира дека  животните се сместени во карантин, каде што ќе ја добијат потребната нега и стручен третман.

„Раѓањето нов живот треба да биде убава вест. Но, кога тоа се случува на асфалт, во несоодветни услови и изложено на опасност, тоа е сериозен повик за одговорност“, напиша Ѓорѓиевски.

Тој посочи дека екипите на ЗОО Скопје реагирале веднаш, иако, како што вели, постапувањето во вакви случаи не е во нивна надлежност. Според него, згрижувањето на кобилата и ждребето не го решава системски проблемот со напуштените и експлоатирани животни на улиците.

Градоначалникот ги повика Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство итно да организираат координирана акција во рамките на своите надлежности.

Тој побара конкретни мерки за заштита и соодветно згрижување на животните, но и утврдување одговорност во случаи на нивна експлоатација и злоупотреба.

„Иако не сме надлежни, Град Скопје го ставам на располагање со сите расположливи капацитети за да помогнеме во оваа акција“, порача Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека очекува итен одговор и конкретно постапување од надлежните институции, најавувајќи дека доколку тоа изостане, Градот ќе преземе иницијатива и ќе ги искористи механизмите што му стојат на располагање.

„Нема да дозволам ова да остане само уште една вест што ќе се заборави до утре. Скопје мора да биде безбеден, уреден и хуман град“, се наведува во објавата.

 

Поврзани содржини