УАПСЕНИОТ ЗА „СЕВЕРЕН ТЕК“ ВО ХРВАТСКА Е БАРАНИОТ „ВЛАДИМИР“ Причината зошто бил во земјата е неверојатна

Германски извори го идентификувале уапсениот како Володимир Журавлев, осомничен за саботажата на „Северен тек“. Во Пула бил во врска со снимање филм за таен тим украински нуркачи и подводна операција.

32

Уапсениот Украинец во Пула е Володимир Журавлев, нуркачот кого властите во Германија го бараат поради саботажата на „Северен тек“. Но, уште поневеројатна е причината поради која бил во Хрватска, пренесува Јутарни лист.

Журавлев престојувал во Хрватска на снимањето на политичкиот трилер „Остров на змии“, објави германскиот правен портал ЛТО.






Филмот следи таен тим украински нуркачи кои тргнуваат во опасна подводна мисија. Токму Журавлев е осомничен дека лично нуркал при операцијата за поставување експлозиви на „Северен тек“.

Во филмот играат Шон Пен и Адриен Броди, додека режисер е Даг Лиман, познат по „Борновиот идентитет“. Екипата снимала во Загреб, а потоа се преселила на хрватското крајбрежје и во Пула.

Таму полицијата го уапси Журавлев врз основа на европска потерница.

Германците тврдат дека лично нуркал до „Северен тек“

Германското федерално обвинителство го сомничи Журавлев дека бил дел од шестчлена група поврзана со Серхиј К. Истражителите го сметаат К. за наводен водач на операцијата.

Според германската истрага, групата поставила експлозиви на „Северен тек 1“ и на „Северен тек 2“. Операцијата била изведена во близина на данскиот остров Борнхолм.

Журавлев, според истражителите, лично учествувал во нуркањата.

Групата наводно користела едрилица што испловила од германското пристаниште Росток. Пловилото било изнајмено преку посредници со фалсификувани документи. Експлозивите детонираа на 26 септември 2022 година, на длабочина од околу 80 метри. Гасоводите претрпеа сериозни оштетувања.

Журавлев претходно негирал дека учествувал во операцијата.

Двапати се измолкнал, па го нашле во Пула

Германските власти веќе се обидувале да го приведат Журавлев.

Првиот обид бил во Полска во 2024 година. Тој заминал во Украина пред да биде уапсен. „Шпигел“ тогаш објавил дека ја преминал границата во автомобил на украинскиот воен аташе во Варшава.

Нова можност се појавила во 2025 година, кога повторно бил лоциран во Полска. Тамошната полиција го уапсила, но не дошло до негово предавање на Германија.

Третиот обид заврши поинаку.

Хрватската полиција го уапси Журавлев во Пула врз основа на европската потерница. Германските истражители го товарат за заедничко предизвикување експлозија, саботажа и уништување инфраструктура.

Ако биде екстрадиран, тој ќе биде изведен пред судија во Германија.

Поврзани содржини