Холивудската Одисеја

Бројките не лажат. Филмовите се прават за публиката, за гледачите. Во таа смисла Одисеја е огромен успех. Стана блокбастер, втор по успех во 2026 годона, зад новиот Спајдермен, со заработка од дури 1,3 милијарда долари само од продажба на кино билети.

0

Одисеја на Кристофер Нолан е филмот за кој најмногу се зборуваше ова лето. Безброј стручни и критики од публиката со дијаметрално спротивставени гледишта за квалитетот на филмот. Од обично холивудско ѓубре, преполно со маркетинг трикови за подобра продажба на кино благајните, до уште едно ремек дело на Крис Нолан, без сомнение еден од најголемите режисери на денешнината.

Уметничката доживелица е субјективен одраз на објективната стварност. Може да ви се допаѓа или не. Може да барате деконструкција на митовите, создавање на нови митови базирани на грчката митологија и Хомер, може да правите аналогии за војната како увертира на пропаста на вредностите и цивилизациите, може едноставно да кажете лош филм, прилагоден на денешната публика која бара површност, спектакл и не сака премногу да се занимава со филозофски теми и подлабока суштина.

Но, бројките не лажат. Филмовите се прават за публиката, за гледачите. Во таа смисла Одисеја е огромен успех. Стана блокбастер, втор по успех во 2026 годона, зад новиот Спајдермен, со заработка од дури 1,3 милијарда долари само од продажба на кино билети.

Со тоа Одисеја ги надмина „Темниот витез“ и „Успонот на темниот витез“ од Нолановата трилогија за цртаниот суперхерој Бетмен и стана комерцијално најуспешен филм на Нолан.

Тука зборуваме за бројки, а тие никогаш не лажат и не можат да бидат предмет на субјективна интерпретација. Филмот едноставно беше хит на летото и оствари огромна заработка.

Токму тоа е и суштината на филмот на Нолан. Да стане холивудски блокбастер и да заработи пари, за него лично, за неговата сопруга која е продуцент, за студиото Универзал, за актерите кои играат во филмот и за сопствениците на кино салите. Досега во 2026 Бокс офисот во САД инкасирал 4,4 милијарди долари. Од тоа 3,4 милијарди отпаѓаат на Спајдермен и на Одисеја.

Пари на Бокс офис. Ништо повеќе. Одисеја е филм за суперхерој и неговите доживувања, како што се Спајдермен или Бетмен. Совршена комерцијализација и банализирање на еден прекрасно напишан еп.

Не е случајно што еден од главните ликови во филмот – синот на Одисеј го игра Том Холанд, а божица Атина ја игра Зендаја. Двоецот му донесе заработка од две милијарди долари на новиот Спајдермен за само 17 дена! Голем дел од таа нова публика, откако го изгледа Спајдермен, посака да оди во кино и да гледа уште еден филм со нивните двајца омилени актери, славниот пар Том Холанд-Зендаја, а тоа е Одисеја. Суперхеројот што го игра Мет Дејмон не им е познат од американската стрип култура, но се бори против киклопи, вештерки, сирени, бури, лукави негативци (Роберт Патинсон), сè она што му треба на еден акциски филм за суперхерој.

Во филмовите за суперхероите нема простор за изградени женски ликови. Затоа божица Атина е безмалку непотребна во филмот. Имате впечаток дека додека се снимал филмот Зендеја залутала на сет, нешто се мувала околу глумците и никој не се сетил да и викне „Девојче побогу тргни се оттука, па нели гледаш дека снимаме!“

Шарлиз Терон која е извонредна глумица, целосно се загуби во улогата на Калипсо. Не е сосема залутана на сетот, ама и не знае што ѝ е улогата и што треба да прави. Главниот лик е Ен Хатавеј која ја толкува Пенелопа. За нијанса подобра од другите два женски лика, но исто слаба.

Посебно смешна е сцената кога Одисеј распрашува локално население за да го пронајде патот кон дома. Мет Дејмон му зборува на локалецот на англиски, овој му одговара на грчки. Публиката која не знае многу за Одисеја, сосема легитимно може да мисли дека Одисеј зборувал англиски со американски акцент, а таму некои дивјаци му одговараат на некој непознат јазик – грчки. Навистина не знам зошто му беше ова потребно на Нолан. Но, за да биде фијаското поголемо, локалецот му одговара на новогрчки и тоа на говорот на пјацата, како што зборуваат во Солун на пазар. Барем да се обидел да вметне автентичен говор од старогрчкиот, од јазикот на кој што пишувал Хомер.

Двата лика и Мет Дејмон и локалецот збруваат на јазик непознат за Хомер кога ги пишувал Илијадата и Одисејата. Исто како што Хомер му остана непознат на Нолан и на холивудските продуценти кои го позјамија прекрасно напишаниот еп, за да направат мешавина од неуверлива акција и мелодрама за новиот суперхерој со античко име Одисеј.

Заработените долари веројатно оправдуваат сè. Па и такви наивни будалаштини, многу под нивото на Нолан.






Поврзани содржини