🎥 КОЈА БЕШЕ ВЕДРАНА РУДАН? „Ве знам долго и ве сметам за малку патетичен, знам дека во оваа емисија сакате да плачам затоа што јас умирам“
Во едно неодамнешно интервју за ХРТ писателката отворено му кажа на новинарот дека го смета за малку патетичен и знае дека од неа во емисијата очекува да плаче со оглед на тоа што умира, па рече: Сакам да кажам дека има многу луѓе кои ме сакаат и кои јас ги сакам, дека сум бесмртна и мојата смрт нека ја сфатат како заминување во подрачје без сигнал.
Писателката, новинарката и колумнистката која со децении без страв зборуваше за општеството, жените, семејството, стареењето и сопствените најтешки искуства, почина по борба со тешката болест.
Ведрана Рудан со децении беше една од најпрепознатливите и најдиректни авторки на хрватската и регионалната книжевна сцена. Нејзиниот остар јазик, иронијата и бескомпромисниот однос кон темите за кои пишуваше често предизвикуваа силни реакции – кај едни восхит, кај други критики. На 18 август 2026 година почина по борба со карцином. Веста ја потврдиле извори блиски до неа, откако на нејзиниот профил на „Фејсбук“ беше објавено дека „се преселила во пoдрачје без сигнал“. Ова доаѓа од нејзиното интервју за ХРТ во кое на водителот му кажа дека го знае долго и го смета за малку патетичен и дека со оглед на тоа што во емисијата зборуваат за смрт, а со смртта одат солзи, претпоставува дека сака таа да плаче затоа што умира. А потоа рече:
– Сакам да кажам дека има многу луѓе кои ме сакаат и кои јас ги сакам, дека сум бесмртна и мојата смрт нека ја сфатат како заминување во подрачје без сигнал.
Рудан е родена на 29 октомври 1949 година во Опатија, а детството го поминала во Мошќеничка Драга. Студирала хрватски и германски јазик на Педагошката академија во Риека. Пред да стане позната како писателка, работела како учителка, туристички водич и преведувач, а најголемиот дел од професионалниот живот го посветила на новинарството и медиумите. Работела на радио и пишувала за повеќе хрватски весници и списанија.
На пошироката книжевна јавност ѝ се претстави во 2002 година со романот „Uho, grlo, nož“, кој привлече големо внимание, беше преведен на повеќе јазици и подоцна доживеа и театарски адаптации. Следуваа книгите „Ljubav na posljednji pogled“, „Ja nevjernica“, „Crnci u Firenci“, „Dabogda te majka rodila“, „Kosturi okruga Madison“, „U zemlji krvi i idiota“, „Amaruši“, „Zašto psujem“ и „Muškarac u grlu“.
Во своите дела Рудан отворено пишуваше за положбата на жената, бракот, семејните односи, насилството, љубовта, стареењето и бројните општествени проблеми. Нејзиниот стил беше едноставен, директен и често исполнет со црн хумор. Со години го водеше и блогот „Како да се умре без стрес“, во кој ги коментираше актуелните случувања, сопствениот живот и темите што ја преокупираа.
И приватниот живот на писателката остави силна трага врз нејзиното творештво. Од првиот брак ги имаше ќерката Асја и синот Славен. Подоцна се омажи за адвокатот Љубиша Драгелјевиќ. За дел од тешките искуства од приватниот живот зборуваше јавно, а искуствата од бракот и положбата на жената се преточија и во дел од нејзините книжевни теми.
Во април 2024 година ѝ беше дијагностициран редок карцином на жолчните канали на црниот дроб. Болеста била откриена во период кога сè уште можеше да биде оперирана, па во мај истата година беше на операција. Таа зборуваше многу отворено за својата болест. На нејзиниот блог „Djevojka u zagrljaju metastasa“, пишуваше за третманот, стравот од смртта, трошоците за медицинските процедури и проблемите со кои се соочуваат онколошките пациенти.
Последниот период од нејзиниот живот беше обележан и со спор со Хрватскиот фонд за здравствено осигурување (HZZO) околу трошоците за дијагностичка процедура поврзана со нејзиното лекување. На крајот на јули 2026 година, беше објавено дека го изгубила спорот без конечна одлука.
Дури и по дијагнозата, таа не престана целосно да пишува и јавно да зборува за она низ што поминува. Во едно од своите интервјуа, таа ја сумираше својата врска со пишувањето со зборовите: „Кога пишувам, јас сум жива“.
Нејзините книги беа преведувани на странски јазици, а според некои од нив беа создадени и театарски претстави.
Таа беше авторка која, во текот на нејзините децении јавна активност, честопати предизвикуваше поделени реакции. Додека некои ја ценеа нејзината отвореност и директност, други го критикуваа нејзиниот начин на изразување и одредени јавни позиции.
Ведрана Рудан зад себе остави бројни романи, колумни и текстови, како и долгогодишна новинарска и книжевна кариера по која ќе биде запаметена.