ИЗЛЕЗЕ ПОСЛЕДНАТА КНИГА НА ВЕДРАНА РУДАН Додека ја подготвувале со синот, му рекла: „Добро ќе се продава кога ќе умрам“

Познатата хрватска писателка не го дочека објавувањето на збирката „Како да ме има“, во која се собрани нејзините најзначајни текстови од речиси три децении. Изборот го одобрила пред смртта, а подготовката ја работела заедно со синот Славен

38

Последната книга на Ведрана Рудан, насловена „Како да ме има“, е објавена по нејзината смрт и претставува избор од текстовите што ги пишувала во текот на речиси 30 години. Во неа се вклучени колумни и записи објавувани во „Ферал трибјун“, „Национал“ и на нејзиниот блог, меѓу кои и помалку познати текстови што откриваат поинтимна страна на писателката.

Рудан почина на 18 август, на 76-годишна возраст, по тешко боледување. Сепак, успеала да ја види првата верзија на книгата и да го одобри изборот на текстовите. Се согласила и со насловот, а одредила и со кој текст треба да заврши збирката.






Нејзиниот син Славен Хрватин за српскиот неделник „НИН“ раскажа дека идејата за книгата се родила на почетокот на годината, кога неговата мајка веќе речиси две години се борела со болеста. Тој ѝ предложил заедно да ги изберат и соберат нејзините најдобри текстови, надевајќи се дека работата барем накратко ќе ѝ ги оттргне мислите од лекувањето.

Рудан го прифатила предлогот со својот препознатлив црн хумор.

– Добро ќе се продава кога ќе умрам – му рекла на синот, реченица што денес добива особено силно значење.

Хрватин го пребарал архивскиот материјал, старите колумни, блогот и помалку познатите записи, а потоа ја подготвил првата верзија на ракописот. Писателката продолжила да пишува и во последните месеци од животот. Кога веќе не можела да работи на компјутер, ги пишувала текстовите на мобилниот телефон и му ги испраќала преку WhatsApp.

Иако нејзините колумни понекогаш оставаа впечаток дека меѓу мајката и синот има сериозни несогласувања, Хрватин вели дека нивниот секојдневен однос бил поинаков. Со години соработувале, тој се грижел за нејзините интернет-страници и ѝ помагал во објавувањето на текстовите. Би сакал читателите да ја паметат по подготвеноста отворено да им се спротивстави на моќниците и да го каже она што другите не се осмелуваа да го изговорат.

Точниот датум кога „Како да ме има“ ќе биде достапна во книжарниците во Хрватска засега не е познат.

Поврзани содржини