📽️ ТAЈСОН ФЈУРИ ОТКРИ ДЕКА ИМА ШИЗОФРЕНИЈА „Слушав гласови што се закануваа дека ќе ми го убијат семејството“
Британскиот боксер за својата дијагноза проговори во новиот документарец на Нетфликс, во кој открива низ каква психичка криза поминал по победата над Владимир Кличко во 2015 година. Неговата сопруга Парис раскажува дека во најтешкиот период бил убеден дека некој сака да го убие
Британскиот боксер Тајсон Фјури (38) откри дека му била дијагностицирана шизофренија и биполарно растројство, по долгогодишна борба со сериозни проблеми со менталното здравје. За застрашувачките искуства зборува во новиот документарец на Нетфликс, насловен „Tyson Fury“, во кој учествуваат и неговата сопруга Парис и татко му Џон.
Кризата кулминирала по неговата голема победа над Владимир Кличко во ноември 2015 година, кога ја освоил светската титула во тешка категорија. Наместо да ужива во најголемиот професионален успех, Фјури западнал во тешка депресија, почнал да се бори со зависност од алкохол и дрога, а неговата психичка состојба драматично се влошила.
Во јуни 2016 година бил примен во болница поради сомневање за срцев удар. Таму, според неговото сведоштво, доживувал параноични заблуди и слушал гласови кои му се заканувале дека ќе му наштетат нему и на неговото семејство.
– Зборовите не можат да ја опишат темнината во која бев. Тоа беше како да живееш во самиот пекол. Бев сто отсто убеден дека ќе завршам во соба со обложени ѕидови и заклучена врата, а тоа многу ме плашеше – раскажува боксерот.
Тој се присетил и на моментите кога верувал дека радиото му се обраќа директно нему, предупредувајќи го дека неговиот татко ќе биде убиен. Во тие моменти бил убеден и дека тајна организација, Илуминатите, сака да го замолчи.
Парис се присетила на страшната глетка кога го посетила во болницата.
– Влегов и го видов Тајсон со жици околу него. Изгледаше навистина исплашено. Ми рече: Извади ме одовде. Илуминатите се вмешани во сè, не можат да ме замолчат, па ќе ме убијат! Многу се исплашив за него – раскажала таа.
По прегледот кај психијатар, Фјури добил дијагноза шизофренија и биполарно растројство. Парис во документарецот го опишува како личност со поблага форма на шизофренија, а открива дека првично не ја разбирала сериозноста на дијагнозата.
– Тој е благ шизофреничар – рекла таа, објаснувајќи дека дури подоцна почнала да ги поврзува неговите промени во расположението и однесувањето со здравствените проблеми.
Фјури открил дека неговите проблеми не започнале по освојувањето на титулата, туку дека со анксиозност се борел уште како дете.
– Не беше нешто ново. Кога имав 25 или 26 години, си мислев дека едноставно ми е тешко. Но, всушност, цел живот се мачев. Се сеќавам дека имав чувство на анксиозност и кога немаше никаква причина да се случи нешто лошо. Имав пет или шест години – раскажал боксерот.
Неговиот татко Џон во документарецот признава дека порано не ги препознавал проблемите на синот и дека ги отфрлал неговите чувства.
– Не сакав да гледам депресивно дете. Ако забележев нешто, не му обрнував внимание. Сега разбирам дека тоа е страшна болест. И јас страдам од неа – признал Џон.
Пресвртот во животот на Фјури се случил во октомври 2017 година, кога на едно излегување се соочил со сопствената состојба и сфатил колку многу ја изгубил контролата врз животот. Во тоа време имал голема телесна тежина и се борел со зависностите. Тогаш решил да побара помош и постепено да се врати на тренинзите.
По пауза од рингот, се врати во 2018 година, а во 2020 повторно стана светски шампион, победувајќи го Дионтеј Вајлдер.
Документарецот „Tyson Fury“, во режија на Луси Вилкокс, премиерно ќе биде прикажан на Нетфликс на 27 ноември. Во него, покрај борбата со менталното здравје и зависностите, се обработуваат и семејните односи, загубата на дете и тешките моменти низ кои поминале тој и Парис.
Новото откритие доаѓа непосредно пред најавената голема борба на Фјури со британскиот боксер Ентони Џошуа, закажана за 11 декември во Кардиф, која исто така ќе се пренесува на Нетфликс.